Ако и во втор степен се потврди сомнежот за (не)законитоста на Методологијата, од Уставниот суд, за „360 степени“ велат дека одлуката може да биде укинувачка или поништувачка, без да прецизираат што точно тоа ќе значи во контекст на последниот попис. Вообичано, укинување на дел од некој акт значи дека тој дел прастанува да важи во моментот и во иднина. Поништувањето значи дека престанува да важи и во минатото, вклучувајќи ги и последиците кои произлегле од него
Методологијата ја оспори пратеникот Скендер Реџепи, затоа што иако во Законот за попис се вели дека се попишуваат сите државјани, во Методологијата тие потоа се категоризирани на резиденти и нерезиденти. Тоа, потоа, создаде различни толкувања – кој категорија е релевантна кога е во прашање остварувањето на правата на заедниците кои се врзани со проценти
Директорот на Државниот завод за статистика, кој ја донесе Методологијата и го спроведе пописот, вели дека се е во согланост со законите и со меѓународните документи. Законот овозможил широка основа да се попишат што повеќе државјани, а Методологијата само ги доуредила категориите. Се надева дека ќе биде повикан од Уставнот суд, пред да се донесе конечна одлука
На земјава и требаа речиси две децении за да спроведе попис на населението, по претходниот, оној во 2002 година. Зошто? Затоа што наместо само статистичка, тој кај нас е и политичка операција.
Ова е грубо упростување, но во суштина работите стојат вака – политичарите Македонци пред секој попис инистираат дека треба да се попишат само жителите на земјата, а не и оние што се отселени, повикувајќи се на европските и станардите на Обединетите нации. Политичарите Албанци, пак, сметаат дека е дискриминаторски да се делат жителите од дијаспората, бидејќи процентите даваат или одземаат права на заедниците.
Закон за попис 2021 vs минатото
Па, за воопшто да има попис во 2021-та мораше прво да се најде „разумен компромис“ меѓу тогашните владејачки партии. Еве и како се дојде до него.

Во Законот од пропаднатиот попис во 2011-та и во Законот за пописот од 2002-та, иако со различни зборови, беше дефинирано дека за вкупно население во земјата ќе се сметаат:
- Лица кои имаат живеалиште во РМ, без оглед дали во моментот на Пописот се дома или на друго место во државата;
- Странци со одобрение за престој;
- Лица кои имаат живеалиште во РМ, а за време на Пописот се во странство но не подолго од 12 месеци пред неговото спроведување;
- Македонски државјани кои работат во дипломатско-конзуларни претставништва во странство или се во странство за други потреби на државата.
Или, во претходните закони за попис јасно беше дефинирано дека во вкупно население во земјава не влегуваат лицата кои се на работа во странство повеќе од 12 месеци, односно дијаспората.

Но, во Законот за Попис од 2021-та, нема дефиниција што претставува вкупно население во земјата, односно кои категории го сочинуваат. Наместо тоа, во членот 6, пишува дека лица кои ќе се попишат се:
- Државјани на РСМ кои имаат живеалиште или престојувалиште во РСМ, без оглед дали во моментот на Пописот се наоѓаат во РСМ или во странство;
- Странски државјани кои престојуваат во РСМ со одобрение за престој;
- Лица без државјанство кои во моментот… се затекнати во РСМ.
Што ќе се брои како вкупно население во државата, како категорија, влезе во друг документ – Методологија за попис. Тоа е подзаконски акт кој не го носи Собранието, туку директорот на Државниот завод за статистика.
И, таму пишува дека за вкупно население во земјата, наречено и „резидентно“, ќе се сметаат горе-долу истите категории кои беа наведувани во законите при претходните пописи. Вклучувајќи го и клучниот аспект – дека во резиденти влегуваат државјаните кои се во земјата и оние кои:
…Имаат место на живеење во РСМ и се нејзини државјани, а во времето на Пописот престојуваат во странство помалку од 12 месеци (една година) поради работа или друга причина, како и членовите на нивните домаќинства кои престојуваат со нив.
пишува во Глава 5, точка 1, алинеја 3 од Методологијата за попис 2021.
Со други зборови, соломонското решение беше – во законот да стои дека се попишуваат сите, а во подзаконскиот акт да се дефинира кои граѓани ќе се бројат како вкупно население во земјата или резиденти, а кои како дијаспора или нерезиденти.

Против и за
Против таквиот пристап, иако со три години задоцнување, иницијатива пред Уставниот суд поднесе Скендер Реџепи, пратеник од Европскиот фронт предводен од ДУИ. Неодамна, Судот иницијално му ја прифати и одлучи да поведе постапка.
„Реално, ако гледаме правно, одлуката беше очекувана. Ако гледаме политички, одлуката беше зачудувачка. Зошто велам така? Од низа други одлуки коишто направија огромна политичка штета, се очекуваше и ова да помине на таа линија, меѓутоа од реалниот правен аспект изгледа дека било невозможно да го премостат, оваа иницијатава да ја премостат.“
изјави Скендер Реџепи, пратеник, за „360 степени“.
Реџепи ја оспори Методологијата за пописот. Според него, во неа се воведени категориите резидентно и нерезидентно население, без за тоа да има основа во Законот за попис и во Уставот.
Но, во Законот за попис има фуснота дека тој е усогласен со меѓународни документи кои, пак, дефинираат дека на попис не се попишува дијаспора, туку само население кое е во една земја повеќе од 12 месеци.
Тоа, според Реџепи, не е релавантно во случајот.

„Законот и Уставот се многу посилни од било кој меѓународен документ, за нас како граѓани. Значи, доколку имаше таква најава, тоа требаше претходно да биде внесено во законот и тогаш ќе бевме сведоци дали ќе поминеше таков Закон за попис.“
Се е чисто со Методологијата. Таков е ставот на Апостол Симовски кој го донесе овој сега оспорен документ и во чие директорување со Државниот завод за статистика се спроведе пописот во 2021-та.
Во аргументацијата, тој прво ни кажа дека законот дал основа да се попишат сите државјани, а во методологијата само е дефинирано резидентно и нерезидентно население, какви што се впрочем препораките на Обединетите нации и на ЕУ.

„Методологијата, во суштина, претставува оној технички дел, како ќе се спроведува пописот, деталите околу спроведувањето на пописот, што се опфаќа со пописот, сите белези коишто се дел од пописот и слично. И оваа методологија базира на препораките, тоа е еден документ којшто го носат ОН, односно економската комисија за Европа, делот за нас заедно со Евростат, каде што се определуваат правилата како се спроведува пописот и што се ќе биде вклучено во тој попис.“
изјави за „360 степени“ Апостол Симовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика.
Во разговорот со Симовски, го отворивме прашањето дали Методологијата е во согласност не само со меѓународните документи, туку и со Законот за попис.

Значи во законот е напишано дека се попишуваат и резидентното население, како категорија, и се прави обид да се опфатат што е можно повеќе…
360 степени: Да, но не се користи терминот резидентно…
Се користи. И резидентно и нерезидентно. Го има во законот, но не се дефинира што значи резидентно, а што значи неризидентно. Тоа е дел на методологијата.
360 степени: Извинете само, во кои делови, во кои членови од законот се споменуваат резидентно и нерезидетно?
Верувајте ми, не знам точно кои членови се, но при дефинирањето на единиците на попис, во тој дел.
По интервјуто направивме двојна проверка и уште еднаш се уверивме дека ниту во „Единици кои ќе се опфатат со пописот“, ниту во другите глави, не се споменува резидентно и нерезидентно население.
Зошто Уставен е на страната на Реџепи?
Така, се чини, заклучиле и уставните судии, судејќи по одговорот што го добивме на прашањето – зошто одлучиле да поведат постапка по иницијативата на Скендер Реџепи.
Судот се сомнева дека тогашниот директор кој раководел со Државниот завод за статистика се ставил во улога на создавач на норма, односно законодавец, воведувајќи посебни категории во Методологијата – „вкупно резидентно население“ и „вкупно нерезидентно население“, кои всушност не се предвидени со член 6 став 1 алинеја 1 од Законот.
Од анализата на содржината на оспорените делови на Методологијата во корелација со одредбите од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година, произлегува дека со Методологијата треба да се дефинираат единиците кои ќе се попишуваат и белезите за кои ќе се прибираат податоците, но не и да се прави нивна категоризација.
стои во дел од одговорот од Уставниот суд.
Меѓународни стандарди за локални (не)прилики
Во одговорот, од Уставен не ги споменаа меѓународните документи кои стојат во фуснотата во Законот за попис. Можеби ќе ги има во Решението кое треба да се објави деновиве.

Затоа ги проверивме сами и најдовме дека во регулативата 763/2008 на Европскиот парламент и Советот на ЕУ, јасно стои дека лицата кои единствено треба да се сметаат за жители на едно географско подрачје се:
- оние кои живеат во нивното вообичаено живеалиште континуирано најмалку 12 месеци пред референтниот датум на попис или
- оние кои пристигнале во нивното вообичаено живеалиште во 12-те месеци пред референтниот датумот на попис, со намера да останат таму барем една година.

Бидејќи беше најсоодветно за темата, проверивме како поминало ова правило кај соседна Албанија, која спроведе попис во 2023 година. Употребени се идентичните зборови со кои практично се вели – дијаспората не е предмет на попис.
Зарем треба и ние да се согласиме со другите држави? Значи, може да ни се блиски сите држави околни и цела Европска унија, за нас е битно да се сочуваат етничките интереси коишто, жално, се поврзани со резултатот на пописот.
вели пратеникот Скендер Реџепи.
Суштина на пописот, фотографија во даден момент на една земја од аспект на населението. Така што, не можете вие на таа фотографија да бидете и да не бидете на нејзе.
вели Апостол Симовски, поранешниот директор на Државниот завод за статистика.
Следи втора „рунда“
За волја на вистината, дефиницијата за вкупно население во соседна Албанија и категориите што ги опфаќа се напишани во тамошниот закон за попис. Како што биле запишувани и кај нас, при претходните пописи.

А сега, сега Уставниот суд ќе одлучува врз основа на последниот домашен закон и методологија.
Тоа подразбира барање на мислење од доносителот на актот, уставно-судска анализа и подготовка на предлог за одлучување.
велат од Уставен.
На прашањето, пак, што ќе значи за податоците од пописот ако Уставен и во втора фаза го потврди сомнежот за законитоста на Методологијата, ни одговорија:
Одлуката може да содржи предлог за укинување на оспорените делови или за нивно поништување… ќе бидат земени сите околности што се од значење за заштитата на уставноста и законитоста, а особено тежината на повредата и нејзината природа и значење за остварување на слободите и правата на граѓаните или за односите што се воспоставени врз основа на тие акти во заштита на правната сигурност на граѓаните.
Можни последици
Вообичаено, укинување на дел од законски или подзаконски акт, значи дека тој дел престанува да важи од моментот на носење на одлуката па во иднина. Поништување на дел од законски или подзаконски акт, значи дека тој дел и актите донесени врз негова основа престануваат да важат и во минатото – како воопшто да не постоеле. Од Уставниот суд, во конкретниот случај, не добивме подетално објаснување што ќе значи едното, а што другото во однос на резултатите на пописот. Дали тие ќе бидат доведени во прашање.

За потсетување, резултатите од пописот покажаа дека во земјава, како резиденти, живеат 1 836 713 луѓе. Како нерезиденти се попишаа дополнителни 260 606 лица. Околу 350 000 државјани кои живеат во дијаспората не се попишаа.

Ако се земат во предвид само резидентите, Македонците изнесуваа 58,44% од населението, а Албанците 24,3%. Ако на тоа се додадат и попишаните нерезиденти, односот е 54,21% на 29,52%.
Подносителот на иницијативата, Скендер Реџепи, очекува Уставниот суд да ја избрише поделбата меѓу резиденти и нерезидентни.
Ако Уставниот суд постапува правно, согласно Уставот, а не политички, ние очекуваме дека Методологијата ќе биде поништена и резултатите од пописот остануваат онака како што се првобитно, без категоризација.
Симовски не сака да ги коментира потенцијалните одлуки на Судот. Но, вели, ако се поништи Методологијата и поделбата на резиденти и нерезидентни, тогаш административно треба да се додадат и сите што имаат државјанство, а не биле попишани бидејќи се во странство повеќе од 12 месеци.
Значи и оние коишто согласно регистрите знаеме дека се наши државјани живи и здрави, но не знаеме каде се и не знаеме колку време се надвор. И тогаш би биле околу два милиона и 450 население, што не е реално.
Зошто тогаш мораше да се бара соломонско решение за последниот, наместо да се тера како со претходните Закони за попис, каде пишува дека се брои само резидентното население? Симовски вели – бидејќи старото решение функционирало само на хартија.

Една од причините зошто пропадна пописот во 2011-та година е токму заради тоа што многумина што не требаше да бидат дел од пописот, единица на попис, нашите граѓани, државјани коишто се надвор од државата подолго од година дена, се правеа обиди овие луѓе да бидат вклучени во пописот. Сфатија тие што го спроведуваа пописот дека со ова ќе се добијат тотално нереални податоци и затоа се прекина пописот. За да се избегне ваквата можност, односно ваквиот обид за политичко монтирање на бројките од пописот, ние се одлучивме да ги опфатиме двете категории.
Според пратеникот Скендер Реџепи, коренот на политизацијата на пописот лежи во правата врзани за проценти.

За да имаме соодветен попис, без политичко влијание, треба првенствено овие етнички теми да бидат расчистени, согласно Уставот и другите закони, да после пописот помине глатко како што се предвидува. Кај нас се политизира пописот и секогаш ќе се политизира, се додека постои една национална етничка заедница чиишто права зависат од резултатот на пописот.
Од Уставниот суд не ни кажаа кога може да се очекува конечна одлука. Каква и да биде, ако не влијае на последниот попис, сигурно ќе има големо влијание врз политичарите на кои ќе им се падне задачата да го прават следниот попис.