Од Руската амбасада, која беше посочена од Обвинителството како врска на поранешниот висок бугарски функционер во военото разузнавање и неговата сопруга со двојно државјанство, оценија дека се работи за еден од континуираните обиди за нарушување на руско-бугарските односи
Освен функционерот наречен Резидент и неговата сопруга, во групата биле уште пет државни службеници, дел од Министерството за одбрана
Бугарските власти објавија дека разбиле шпионска мрежа во полза на Русија, во која има и службеници од Министерството за одбрана.
Портпаролката на главниот обвинител Сијка Милева на вонредниот брифинг објавии дека се уапсени шест шица, меѓу кои има вработени во Министерството за одбрана, а шеф на групата бил поранешен висок функционер на Воената разузнавачка служба со кодно име Резидент, кој завршил воено образование во Бугарија и странство, како и разузнавачко училиште во Москва, познато како ГРУ.
Тој ја организирал мрежата во која била и неговата сопруга, која има бугарско и руско државјанство и дејствувала како посредник, пренесувајќи информации за Бугарија, НАТО и ЕУ на „вработен во руската амбасада“, за што добивала пари да ги плаќа шпионите инфилтрирани во институциите.
Вчера полицијата претресле објекти на разни адреси во Софија. Заради операцијата, полицијата ги контролирала излезите од главниот град на Бугарија, јавија бугарски медиуми.
Истрагата се потпира на снимки од надзорните камери, од што е утврдено дека осомничените се состанувале со водачот на мрежата на јавни места, како на пример тениски натпревари.
Обвинителството на медиумите им презентираше и снимки од разговорите на членовите на групата и фотографија на која осомничената жена влегува и излегува од руската амбасада.
Државниот обвинител Иван Гешев рече дека ова е невиден случај во поновата историја на Бугарија и дека случајот е важен за зачувување на државната безбедност и безбедноста на партнерите во ЕУ, НАТО и САД.
Руска амбасада: Обид за нарушување на руско-бугарските односи
По прес-конференцијата на Обвинителството, од Руската амбасада во Софија се огласија на Фејсбук:
„Во услови на комплицирање на меѓународната ситуација, очигледни се ‘постојаните’ обиди да се вметне клин во руско-бугарскиот дијалог. Според изјавите на денешниот брифинг на Обвинителството на Република Бугарија, истрагата за лицата приведени на 18 март годинава, обвинети за шпионажа во корист на странска држава, сè уште не е завршена. Очекуваме, дека до судската одлука за овој случај, ќе запрат шпекулациите за наводна вмешаност на Русија во разузнавачки активности против интересите на Бугарија. Претпоставуваме дека судската истрага ќе се спроведе на деполитизирана, непристрасна и објективна основа во строга согласност со нормите на бугарското и меѓународното право“,
се вели во објавата на Фејсбук.
За шпионажа, Кривичниот законик на Бугарија предвидува затвор од 10 до 20 години, доживотен затвор или доживотен затвор без помилување.