В недела се избира заедничко и солидарно Скопје или враќање кон поделбите и нееднаквоста, дали Скопје останува да се движи во правилна насока или ќе се враќа кон лажниот барок, нови грабежи и потрошени 680 милиони евра за некое ново Скопје 2014, оцени актуелниот градоначалник на Скопје и кандидат за уште еден мандат
Актуелниот градначалник на Скопје и кандидат за уште еден мандат со видеопорака се обрати на граѓаните на Скопје, во која ги повика масовно да излезат на гласање во недела, на 17 октомври.

Тој во своето обраќање потенцира дел од своите завршени и идни проекти, со верба дека Скопје, чекор по чекор, ќе продолжи да ја развива својата поинаква приказна што започна пред четири години.
„Сообраќајните решенија кои ги реализираме ќе значат град без метеж, а Скопје ќе ја добие најголемата пешачка зона од сите европски градови. Со ова, Скопје целосно се менува и станува европска метропола со многу јавен простор, зеленило и врвна инфраструктура. За само четири години го намаливме загадувањето двојно, ги исчистивме сите депонии во градот и ги претворивме во паркови. Изградивме 4 нови булевари, реконструиравме 40 улици и градиме два нови мостови. Но, работа има уште многу и сега не смееме запреме“,
вели градоначалникот Шилегов во своето обраќање, во пресрет на изборниот молк кој започнува на поноќ пред гласањето в недела.
Тој посочува дека во неговиот мандат Скопје станало град кој вложува подеднакво од двете страни на Вардар, па оцени дека в недела се избира заедничко и солидарно Скопје или враќање кон поделбите и нееднаквоста, дали Скопје останува да се движи во правилна насока или ќе се враќа кон лажниот барок, нови грабежи и потрошени 680 милиони евра за некое ново Скопје 2014.
„За мене политиката е само средство за создавање услови за достоинствен живот за секој човек. Тоа е политика која гради мостови и обединува, политика која го води Скопје кон заедницата на најразвиените градови во Европа… Ова е Скопје што сакам да продолжам да го градам со сите вас. Ја барам вашата поддршка за заедно никогаш да не застанеме. А јас ќе продолжам да бидам градоначалник на кој луѓето и Скопје секогаш му се на прво место“,
вели Шилегов.