За илустрација, просечен фудбалски терен покрива површина од околу 7 000 метри квадратни. Што значи дека во Стенче ќе се продава земја за 27 фудбалски терени наменета за фотоволтаици
По седницата на Владата на 18 февруари, фокусот и на медиумите и на службата за односи со јавноста на Илинденска број 2 беше еден.
„Согласно вака утврденото мислење, Владата го задолжи министерството за правда да достави предлог за разрешување на јавниот обвинител, кое пак Владата ќе го достави до Советот на јавните обвинители од каде согласно законските одредби потребно е да се добие мислење“,
рече Марија Митева, портпарол на Владата.
Ниту на прес-конференцијата, ниту во соопштението по седницата се спомна нешто за другите одлуки тој ден. Тие излегоа ден-два подоцна, во записникот од владината седница и во два службени весника.
А таму, расцепкано низ повеќе одлуки, се наоѓа одобрението на Владата – крај селото Стенче, во Општина Брвеница, да се продаде државно земјиште од околу 192 000 квадратни метри.
За илустрација, просечен терен за фудбал покрива површина од околу 7 000 метри квадратни. Што значи дека во Стенче ќе се продава земја за 27 фудбалски терени.

Земјата е на овој рид и се продава со услов. Кој ќе купи, таму може да гради само фотоволтаични централи. На тој рид, веќе има две. Земјиштето за новите, урбанистички, е распределено во 15 парцели. Односно, седум од нив се поединечни, а четири се групирани по две. Aко се пресликаат владините одлуки, согласно податоците од Катастарот, ова е просторот каде наместо сегашната ниска вегетација, ќе никнат фотоволтаични централи.
Во Стенче веќе нема ниту толку жители, ниту толку стока како порано за секоја педа во атарот да има своја намена. Па, сепак се отвора дилемата – дали баш на ваква земја и околина треба да се постават фотоволтаици.
Го прашавме градоначалникот Јовица Илиевски, бидејќи е жива природа, рид, а во непосредна близина урбанизирано место, селото Стенче, нели се коси тоа што дел од природата ќе ја снема.

„Овој дел не е застапен многу со шума, така што не оштетуваме многу од шумскиот појас. Дрвја од низок карактер, се гледаат, смреки се, нема некои поголеми оштетувања. Инаку и на училиштата поставуваат панели така да не се штетни. А од делот на шумата мал дел се сече и ние го користиме необработливо земјиште. Значи не поставуваме во земјиште што е обработливо. Во ридско планински дел ни се инвестициите, така да нема штета за населението, а придобивка од продажбата на панели…општината Брвеница е рурална средина и овие средства што се внесуваат во општинската каса се од големо значење за општината и за населението“,
изјави Илиевски.
Оваа инвестиција не значи дека стенчани ќе имаат пониски сметки за струја. Но, вели градоначалникот Илиевски, ќар ќе има и за Стенче и за општината Брвеница.
Од продажбата на парцелите и градежните работи, очекува приливи од околу 900 илјади евра.
„Тие ни се планирани нас, чекаме да заврши аукцијата. За патишта имаме проекти, за школи реновирање, за спорт. Го покриваме со овие средства. Од големо значење се за општината и се насочени средствата во интерес на граѓаните. Вкупната сума ќе биде инвестирана во локалното население по селата во општина Брвеница“,
дополни градоначалникот на Брвеница.
Ридот над Стенче постојано изложен на сонце
Локацијата, според Илиевски, е идеална за фотоволтаици бидејќи постојано е под сонце. Се обидовме да поразговараме и со стенчани – што мислат тие за овој проект. Срамежливо и тоа само зад камерата, велат дека ако им донесе бенефит, тие се задоволни.
Огласот за продажба на парцелите е веќе објавен на 10 март. Според условите во него, понуда може да се поднесе во следните 40 дена. На крај, ќе следи електронска аукција што значи дека ако има по повеќе од еден заинтересиран за една парцела, победник ќе биде тој што ќе понуди најмногу пари по квадрат.

На средина од ридот предвиден е пат, а тој ќе треба да го направи Општината со свои средства. Купувачите, пак, се должни самите да го исчистат теренот којшто го купуваат.
Предност на локацијата е што веќе има приклучок до трафостаница, за фотоволтаиците инсталирани пред една година со кои стопанисуваат двајца сопственици, со градежна дозвола издадена од претходникот на Илиевски.