Резултатот е производ на истражувањето на првото, т.н. холистичко истражување за перцепцијата за корупцијата, кое го истражува мислењето на 220 вработени во јавната администрација, на 128 раководители во јавниот сектор, на повеќе НВО-а и анкета со граѓани на репрезентативен примерок
Сличен став за корупцијата како административците имаат и нивните шефови. Граѓаните, пак, веќе имаат екстремни перцепции. На пример, речиси 90% веруваат дека во јавната администрација е распространета појавата на примање подароци или, пак, дека се плаќаат пари за да се вработиш на државно
Дали граѓаните сметаат дека има корупцијата во земјава веќе не е прашање на кое се очекува нешто друго од потврден одговор. Анкетите само ги мерат нијансите за перцепциите за негативниот феномен.
Но, сега е готово едно поинакво истражување. Тоа не ги мери само ставовите на граѓаните, туку и на вработените во администрацијата и луѓето кои се на раководни позиции во неа. Фокусот на ова истражување, спроведено под капа на Меѓународната фондација за изборни системи или скратено ИФЕС, беа пет сектори на јавната администрација – здравство, труд и социјала, образование, земјоделство и државната сопственост.
На прашањето – колку корупцијата е распространета во јавниот сектор, административците, инаку 220 на број како испитаници, одговориле:
- Речиси секој е вклучен во корупција – 9,5%
- Повеќето се вклучени во корупција – 27,7%
- Неколкумина се вклучени во корупција – 25,1%
- Речиси никој не е вклучен во корупција – 4,5%
- Не знаат или немаат одговор – 33,2%
Слични се ставовите и на 128 анкетирани раководители во јавната администрација.
Околу 10% од нив сметаат дека речиси секој е вклучен во корупција, 30% дека повеќето се вклучени, 30% дека се вклучени неколкумина, додека мнозинството од останатите – не знаат или немаат одговор.
На прашањето, пак, кои се најчестите неправилности во работата, повторно има совпаѓање меѓу ставовите на административците и раководителите.
Околу 54% од административците и 48% од раководителите велат дека во јавна администрација се вработува со роднински, пријателски или партиски врски.
Втор најголем проблем, според 52,7% од вработените и 49% од шефовите, е недостатокот од можности за законско напредување. Дека вработените треба, но не пријавуваат конфликт на интереси, сметаат околу 46 проценти од административците и 44% раководителите.
Дури 79,1 отсто од анкетираните вработени одговориле дека никогаш не присуствувале на обука за превентивни мерки од корупција, интегритет и етика. 70,9 отсто од вработените воопшто не знаат дали нивната институција има службеник за интегритет. 76,4 отсто не знаат дали имаат одговорен службеник за примање случаи од укажувачи.
Бројките за перцепцијата на корупцијата во самата администрација се, благо кажано, загрижувачки. Меѓу општата јавност, тие ставови се уште поизразени.
Според истражувањето, спроведено врз репрезентативен примерок од 1.118 испитаници:
- Речиси 89% од граѓаните сметаат дека во јавната администрација се примаат подароци или други услуги од граѓани или колеги;
- 87% сметаат дека за вработување или унапредување во државна служба се плаќаат пари;
- 83% сметаат дека административците се под притисок да даваат поволности и договори, согласно наредбите од нивните шефови.
На прашањето, пак, за нивото на корупција во последниве три години, одговорот на граѓаните е следен:
- – Таа е значително зголемена, сметаат 43,6%;
- – Малку е зголемена, мислат 21,7%;
- – нема промена за 29,7%;
- – само 3,7% мислат дека корупцијата е малку намалена;
- – 0,5% мислат дека е намалена многу;
- – 0,7% не знаат.
Во наодите на самото истражување се претставени и теоретските модели – кој е главниот извор на корупцијата.
Извештајот нуди 22 препораки за излез од состојбата и напредок на борбата против корупцијата. Клучните се – кадровски и финансиски конечно да се опремат Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата, правосудството да се вложи себеси во предмети од областа на високата корупција и да се вратат повисоките казни за делата од областа на корупцијата.
Тоа ќе мора да оди рака под рака со едукација и анимирање на општата јавност бидејќи во моментов, 33,6% од населението смета дека дури и да се пријави корупција, надлежните нема да преземат никакво дејство. Речиси идентични 33,5% отсто, пак, се уверени дека тие што ќе пријават корупција, на крајот ќе бидат предмет на одмазда.