Посочувајќи на предистрага на Финансиската полиција, пратеничката Славјанка Петровска рече дека станува збор за голем скандал и праша дали лица блиски до Мицкоски се вклучени во него
Јавноста е запознаена дека Управата за финансиска полиција има отворено предистрага за нелегално финансирање на политичка партија. Станува збор за голем скандал. Според јавно објавените информации, преку препродажба на ниви по десеткратно повисока цена, обезбедени се милионски средства, на нелегален, криминален начин. Постои основано сомневање дека на крајот овие црни пари завршиле во белиот дворец, нагласи, на денешната прес-конференција, пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска.
Таа посочи и дека едно од лицата кај кои е вршен претрес во предистражната постапка е таткото на пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ширењето лажни вести и невистини за наводни притисоци кон пратеникот беше всушност одбрана на криминал. Јавно прашаме дали во овој скандал на нелегално финансирање се вмешани лица блиски до Христијан Мицкоски? Дали меѓу тие лица се и членови на обезбедувањето на Мицкоски и функционери на ВМРО-ДПМНЕ? Очекуваме одговори и од Мицкоски: каква е неговата поврзаност со овој скандал“,
рече Петровска.