Таа вели дека зад проектот повторно стои една од омилените фирми на ВМРО-ДПМНЕ – МАСТЕФ ДООЕЛ, која редовно добива тендери во општини под нивна контрола, особено со пари од унгарскиот заем
Пазарот во Неготино е изграден без соодветно одобрение за градба, а се води како поставување урбана опрема, обвинија денеска од СДСМ.
„Иако помпезно го отворија Мицкоски и градоначалникот Стојанов, пазарот е изграден без соодветно одобрение за градење, а се води како ‘поставување на урбана опрема’. Замислете, градоначалникот Стојанов, на фирмата МАСТЕФ ДООЕЛ ѝ издал одобрение за поставување на урбана опрема. Седумнаесет тони железо, изградени на бетонска подлога од 420м2 со 90 тезги внатре се третираат како урбана опрема? Зошто е избегнато издавање на соодветно одобрение за градење во соодветна постапка? Особено од аспект на статиката и сигурноста на објектот. Како е можно два објекти изградени во толкав габарит кој лежи на 17 тони железо да се третира како поставување на урбана опрема? И клучното прашање е дали ваквиот објект над главите на неготинчани е безбеден“,
праша денеска на прес-конференција Лолита Ристова, член на Извршниот одбор на СДСМ.
Таа вели дека зад проектот повторно стои една од омилените фирми на ВМРО-ДПМНЕ – МАСТЕФ ДООЕЛ, која редовно добива тендери во општини под нивна контрола, особено со пари од унгарскиот заем.
„Проценетата вредност на проектот е 25 960 000 денари, а договорот е склучен речиси за истата сума – 25 914 000. Без конкуренција, без намалување на цената, без домаќинско работење“,
додаде Ристова.