Од владејачката партија очекуваат опозицијата да биде дел од работната група во која ќе има и експерти по уставно право и оти на тој начин ќе може да се дојде до најдоброто решение за промена на Уставот
ВМРО-ДПМНЕ во работната група за уставни измени да ги даде предлозите, порачаа од владејачкиот СДСМ откако опозициската партија понуди при промена на Уставот за вметнување на Бугарите во него, во целост да се примени хрватскиот модел во однос на Преамбулата.
„Со започнување на процесот во Собранието ќе се отвори и јавна расправа, ќе има средби, состаноци и работни групи на кои Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе може да дадат свои предлози. Овој процес мора да биде најтранспарентен, најинклузивен и да дојдеме до најдоброто решение со кое ќе следува промена на Уставот и со тоа, продолжување на европскиот пат на нашата држава“,
рече денеска пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски.
Во работната група, нагласи тој, ќе има и експерти по уставно право и од други области, како и од партиите, па затоа очекуваат во целиот процес да учествува и ВМРО-ДПМНЕ.
Откако власта претходно најави формирање работна група, од опозициската партија беа децидни дека нема да учествуваат бидејќи го сметаат процесот за нелегитимен и повторија неколку пати дека уставни измени во овој парламентарен состав нема да има.
Меѓутоа, вчера партискиот лидер Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање поврзано со уставните измени и околу тоа зошто на партијата ѝ пречи да се вметнат и нови заедници, како што е примерот со хрватскиот устав каде што се сместени сите малцинства, нешто што го апострофира и власта, тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ веднаш ќе поддржи промени според моделот на Хрватска. Меѓутоа, рече Мицкоски, ако е според Уставот на Хрватска, тогаш Македонија ќе биде држава на еден народ.
„Не знам дали се сигурни дека сакаат да биде според Преамбулата во хрватскиот устав. Јас сум подготвен, ако е тоа формулата за успех, уште утре да ја почнеме процедурата, да биде Македонија држава на еден народ и на малцинствата во нејзе. Еве, ако сакаат, уште утре да ја отвориме Преамбулата на македонскиот устав и да го направиме тоа според хрватскиот терк. Само да не се каат после, да не речат некои други етнички заедници не било баш така како што тие кажуваат. Инаку, ако сакаат според Преамбулата во хрватскиот устав, ние како ВМРО-ДПМНЕ таква уставна измена одма прифаќаме“,
рече Мицкоски.
Денеска од партијата и на прес-конференција упатија јавна понуда во власта измените да бидат според хрватскиот модел, со што, рекоа, Македонија ќе го промени мултиетничкиот во унитарен карактер.
На ова реагираа од Алијанса за Албанците велејќи дека добро е што ВМРО-ДПМНЕ размислува за уставни измени, но решението што го нуди партијата во однос на Преамбулата е апсолутно непознавање на реалноста или намерно отстапување за изборни ефекти.
„Времето на доминација на еден етникум во Северна Македонија заврши еднаш засекогаш и нема враќање во такво време. Македонците се 54%, а Албанците 30% и заедно не го сочинуваат процентот на Хрвати во Хрватска кои се над 90%. Поставувањето на Албанците во нивниот предлог како национално малцинство уште еднаш покажува дека нивниот менталитет е вратен со децении наназад и тоа е за жалење“,
рекоа од Алијанса за Албанците.