Центарот за граѓански комуникации направи пресек на дел од досегашната борба со коронавирусот за да се провери еднаквоста на испорачаните здравствени услуги во 28 ковид центри.
Во истражуваниот период, најмногу лекари по пациент имало на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје – по еден лекар на секои тројца пациенти, а најмалку доктори на Инфективна каде, според анализата, еден лекар се грижел за 103-ца пациенти – податок што го спори заменик-министерот за здравство, Владимир Рендевски. Погледнете го видеото
Напливот на пациенти принудно ги трансформираше болниците во ковид-центри. Како што беснееше вирусот, така и македонското јавно здравство се реорганизираше. Медицинскиот персонал одеше на работа по принцип на ротација.
Еден од „најбесните“ ковид-периоди, од октомври 2020 до крајот на март 2021, или вкупно шест месеци, е опфатен во анализата на невладиниот Центар за граѓански комуникации посветена на 28 ковид-центри. Се истражувало дали сите пружале еднаква здравствена услуга на пациентите и како се трошеле јавните пари при набавка на лекови.
Во анализираната половина година, 28-те ковид-центри примиле околу 20 000 пациенти, од кои починале 3 139 граѓани или секој шести. Пациентите се задржувале на болничко лекување во просек по 10 дена. Ги лекувале вкупно 822 лекари и 1 698 медицински сестри.

Речиси 75 отсто од пациентите добиле кислородна поддршка, а просечно се трошеле по три маски за кислородна поддршка на секој пациент. Користени се вкупно 158 респираторни машини.

Само за набавка на клексан и фраксипарин во анализираните шест месеци ковид-центрите потрошиле вкупно 2,2 милиони евра јавни пари.

Ако анализата се погледне подетално, на пример, за односот помеѓу хоспитализираните и починатите, наведено е дека на Универзтитетската клиника за нефрологија и во Градската болница „8 Септември“ во Скопје починал секој трет хоспитализиран пациент, додека на Инфективна, секој 8-ми, а во Козле секој 30-ти примен. Во однос на грижата, најмногу лекари по пациент имало на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје – по еден лекар на секои тројца пациенти, а најмалку доктори на Инфективна каде, според анализата, еден лекар се грижел за 103-ца пациенти. Овие наоди беа провокација за заменик-министерот за здравство, Владимир Рендевски, да даде свое толкување за време на јавната презентација на анализата.
„Би дал едно медицинско толкување за Клиниката за нефрологија каде смртноста е најголема. Таму се пациенти со тешки коморбидитети, со хемодијализа, очекувано е кај нив да има висока смртност. Не значи дека пациентите не биле добро третирани… А, во поглед на она што, јас го запишав тој податок, еден лекар на 103 пациенти, мене искрено како лекар не ми е логично, бидејќи ја познавам добро инсфраструктурата на Инфективната клиника. Еве, гледајќи го вчерашниот извештај, ги добивам на дневна основа од директорката Стефановиќ, таму има отприлика 80 пациенти, 90 пациенти, не може еден лекар да постои само на Клиниката, навистина тој податок треба да го проверите“,
кажа Рендевски.

Му реплицираше авторот на истражувањето.
„Значи, ние ги добивме податоците од сите ковид-центри. До тој податок е дојдено кога ќе ги вкрстите бројот на пациенти и бројот на ангажиран медицински персонал. За точноста на податоците одговаараат имателите кои ни ги доставиле, ние ги имаме само обработено“,
кажа Марко Митревски од Центарот за граѓански комуникации.
Во опфатениот шестмесечен период, најмногу пациенти примила Инфективната клиника во Скопје – дури 3 821. Втора е прилепската болница со 2 110 пациенти, а на трето место болницата во Охрид со 1 448 пациенти. Најмалку болни од ковид-19, пак, примиле Клиниката за пластична хирургија – 58 и Детска клиника – 60.

Дебар, пак, е на врвот по болнички денови каде просечниот период на хоспитализација е 77 дена, додека на Инфективна само 5. Најброен медицински персонал имала Градската општа болница „8 Септември“ – 672 лица, а најмал болницата во Кичево – само 19 луѓе.
Клиниката за трауматологија потрошила најмногу кислород – 1 428 килограми по пациент, а струмичката болница најмалку – околу 5 килограми. Респиратори најмногу користела Клиниката за очни болести – 50, а најмалку болницата во Штип – само 1.
Анализирано е и користењето на два лека – клексан и фраксипарин. Најмногу ампули од овие два лека потрошиле во „8 Септември“ – во просек по дури 56 парчиња на пациент, а најмалку во Прилеп – 0,7 ампули по човек.
Ова се дел од десетте индикатори во истражувањето, според кои, е направено рангирање на 28-те ковид-центри ширум земјава. Според сите параметри на купче, во анализата се констатира дека само пет центри овозможиле високо ниво на здравствени услуги и тоа: „8 Септември“, Клиниката за пластична хирургија, Козле, Трауматологија и Клиниката за детски болести. Инфективната клиника е рангирана на средно ниво, а на дното е струмичката болница.

„Логично е дека Клиниката за детски болести или Институтот Козле ќе имаат најмала стапка на смртност, со оглед на тоа што таму се примаат деца кои имаат најмалку коморбидитети и реално и смртноста кај децата е најмала. 3 800 и нешто е бројот на пациенти на Инфективна, додека Клиниката за пластична хирургија беше чинам многу кратко ковид-центар и со тоа бројката што ја рефериравте е 58 пациенти. Имам забелешка дека не може институција која хоспитализирала 58 пациенти на толку мала бројка да се рангира втора, а има клиники кои целиот товар го понеле на нивни грб да се послабо рангирани. Ова е само една интерпретација во статистичкото толкување“,
кажа заменик – министерот за здравство Владимир Рендевски.
„Има десет различни индикатори кои кога ќе ги вкрстите се добива некоја претстава за тоа каков бил третманот на пациентите. Можеби кога ќе издвоите еден индикатор може да не е веродостојно согласно вашето субјективно мислење, меѓутоа, согласно методологијата, согласно официјални дописи сме ги обработиле податоците и тие ја даваат оваа слика“,
реплицираше Марко Митевски од Центарот за граѓански комуникации.
Вториот дел на истражувањето се однесува на набавките на лековите клексан и фраксипарин и тоа од март 2020 до крајот на март 2021 за што се потрошиле вкупно 2,2 милиони евра. 95 проценти од спроведените набавки биле со отворени постапки, додека 5 проценти без објавување оглас. Клексанот е набавуван по еднаква цена во сите ковид-центри и сите го купиле од фирмата „МЕДЕКС ФАРМ ДООЕЛ“ од Скопје. Од друга страна, надропаринот или фраксипарин е купуван од две фирми „ФЕНИКС ФАРМА ДООЕЛ“ и „МАКЕДОНИЈА ЛЕК“. За него ковид-центрите плаќале различни цени за единечно пакување.
„Постојат разлика во пакувања од 0,3 од 74 до 131 денар со ДДВ, пакувањата од 0,4 од 101 до 175 денари и за 0,6 од 151 до 223 денари“,
посочи Митевски.

На прашање на „360 степени“ зошто ковид-центрите набавувале ист лек по различна цена, Рендевски одговори дека тоа треба да се провери.
„Јас се согласувам дека кој било лек или набавка не треба да има разлика во набавната цена. Ако е од истиот практично лек, логично е да нема некоја голема разлика, единствено ако нема некоја голема разлика во количините, така што сметам дека овластените ревизорски извештаи и институции тоа треба да го проверат“,
вели Рендевски.

И покрај подобрената епидемиолошка состојба во моментов, ќе останат отворени прашањата – дали соодветно се одговори на здравствената криза и дали сите добија еднаков болнички третман. Второ, но не помалку важно прашање, е и дали имаше „воени профитери“.
