„Не можете Маџир маало, кое е исклучиво наменето за домување, да го правите Лас Вегас.“
„Сите ќе одговарате, до еден. Секој што го предложил ова, ќе одговара кривично.“
„Тука има семејства, 5-6 колку се. Како хотелот ќе ги обесштети сите тие?“
Вака реагираа жителите на Маџир Маало на јавна расправа во Општина Центар откако разбраа дека во двата нови предлог-урбанистички плана, Маџир Маало 1 и 2, се вцртани десетици хотели. Станува збор за првата урбана населба во Скопје, препознатлива по автентичните ниски градби и тесни улички. Оние што беа најгласни на јавната расправа не сакаат дополнително да коментираат, а останатите староседелци се свесни дека со новите планови целосно ќе се промени ликот на маалото.
Пензионерот Велко Петрушев вели дека речиси сите жители се противат на изградба на хотели, но никој не оспорува ако на местото на отстапените бараки никнат згради.
– За тука што е предвидено, баш кај вашава куќа?
– Станбена зграда, овој дел натака.“
– Вие сте за станбена зграда?“
– Јас не сум, додека сум жив не сум. Нека се уредува сукцесивно со таа станбена зграда. Децата мои сигурно ќе се кандисаат да срушат и да изградат станови, јас сега-засега не се согласувам
вели Петрушев.
Против хотели, а за згради се и останатите жители што ги затекнавме низ маалото во работен ден.
– Огромни згради ќе прават, ние сакаме до 4-5 ката“
– Паркови, клупи да се стават, да заличи нешто, канализација, водовод, еве нешто прават, колку прават не знам
ни кажаа тамошните жители.
Маџир Маало и останатите населби во Општина Центар добија мораториум за градби, за да се ревидираат плановите. Ревизијата покажа дека доколку се спровел предвидениот план во оваа населбата ќе никнеле висококатници поради кои маџирмаалци не би имале ни минута сончева светлина во зима. Но, и покрај корекцијата на плановите, жителите повторно нема да добијат хумано живеење, а иста судбина ги чека и другите градски четврти. Еве зошто.
Професорката по урбанизам Дивна Пенчиќ, која работеше на ревизија на деталните урбанистички планови, вели дека рацете им се врзани поради конкретни пречки: првата е Генералниот урбанистички план, кој е обврзувачки за деталните урбанистички планови, а предвидува градби за деловна намена во огромен дел од населбата. Затоа се вцртани хотели. ГУП налага и изградба на булевар, за кој и стручната јавност не гледа ни оправдување ни простор.
– Замислете што ќе се случи сега, кога тука имаме барем уште 30 проценти повеќе население, а не е пресметано во пресметките за струја, вода, отпад, одведување. Меѓутоа, притисоците од сите страни се големи, сите сакаат да имаат корист и со овој сега нов закон. Наместо да се исчистат проблемите, сега се натрупаа дополнителни проблеми.
– Што значи дека џабе е ревизијата?
– Не би рекла дека е џабе, се отворија сега прашањата какво планирање треба во иднина да се форсира
вели проф. Пенчиќ, член на Комисијата за урбанизам во Општина Центар.
Друг проблем е Правилникот за стандардите и нормативите, подзаконски акт кој го носи Министерството за транспорт и врски. Овој документ го уважува т.н. стекнато право, односно еднаш предвидени висини, како на пример за висококатници во Маџир Маало, иако нереализирани, да не можат да се намалат.

Правилникот е „алфа и омега“ за планерите, вели Пенчиќ.
„Во Правилникот има упади со членови кои ни ги врзуваат рацете и на сите други, не е случајно ова што ни се случува по градот. Една од најпроблематичните е неможење да се намали висината. Е сега, другите може и тоа се обидовме да го направиме колку може да не се прекршува оној услов да не му се смета на соседот, да е прописно оддалечувањето еден од друг објект, не успеавме да ги обезбедиме доволно коридорите за безбедност, улиците остануваат прилично тесни, иако и тука е успеано нешто да се поправи. Она што успеавме дополнително е да препознаеме колку има земјиште на РМ, па барем мали парчиња да останат за зеленило, за игралишта, за да се постават контејнери, затоа што тоа го прави квалитетот на живот“,
вели Пенчиќ
Професорката низ макети објаснува што ги чека и останатите населби, како на пример, соседната Крњево.
„Ова е планот што е ставен под мораториум, допрва овој план ќе се работи, ама еве ги условите според другиот план. Она што ние се обидуваме да направиме е да расчистиме коридори, да може да помине ургентно возило, да не се вака затворени, темни, мрачни, под сенка. Еве сега има сонце, па покажува колкави сенки, пола од годината становите ќе бидат во сенка. Вака изгледаат скоро сите ДУП што ги ревидиравме, но висината нема да можеме да ја намалиме. Треба секој што направил ваков прекршок да изгуби барем лиценца и овластување како лице што планира и фирма што го потпишала тоа како правно лице“, додава Пенчиќ.

Забелешките наведени во анкетните листови на жителите кои не се согласуваат со она што го предвидува ДУП за Маџир Маало поради Генералниот урбанистички план, ќе завршат во Град Скопје. Пред да стигне на гласање во општината, ДУП поминува на одобрување во синџир од институции – освен од Град Скопје, потребна е согласност од Министерството за транспорт и врски, како и безбедносни анализи дека подрачјето може да ја издржи бетонизацијата.

„Ние како Совет додека да дојде планот кај нас, верувам дека многу институции ќе ги видат проблематичните ситуации кои се таму. Нам ни останува да реагираме, да ги слушаме барањата на граѓаните и понатаму, преку службите секако тука, да ги испратиме пораките до сите институции во синџирот на одлучување за и тие да го направат притисокот“, вели Јана Белчева, претседателка на Совет на Општина Центар.
Но, Белчева посочува дека и без прибавени анализи, деталните урбанистички планови ги поминуваат административните филтри.
„Го донесовме и ДУП за Тасино Чешмиче . Помина со мнозинство гласови, јас лично не гласав за тој план, заради тоа што мислам дека тоа планско решение овозможуваше зголемување на висините на објектите, за кои ние не добивме позитивно мислење од стручни институции кои се занимаваат со испитување на теренот и на почвата. Сите институции дале позитивно мислење, што за мене сепак не беше доволно аргумент, бидејќи се плашам од додавањето на дополнителни катови“,
вели таа.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во општинскиот совет на Центар не негира дека е крајно пасивна, дури и за вакви прашања. Советниците од владејачкиот СДСМ, пак, велат дека се воделе исклучиво според акти.
– Ќе го гласате планот?
– Па, ние ќе го гласаме доколку ги задоволат сега преку анкетите параметрите што се зададени со генералниот. Тоа ни е поентата, ако ние тоа усогласување не го видиме на дело, беспредметно е две години што е стопирано работењето со деталните урбанистички планови.
– Но, и ГУП е проблематичен, а и веќе се прави нов.
– Ве разбирам, но ние се водиме по актуелниот ГУП. Лош или добар, како што викаат, ние мора да го спроведуваме, не може да има варијации на тема закон.
– Но, законот е жива материја.
– Јасно, меѓутоа додека не се променат значат
вели Цветанка Симоновска, советничката од СДСМ во Советот на општина Центар.

Актуелниот Генерален урбанистички план за Скопје е усвоен во 2012 година и важи уште две години. Во меѓувреме, градоначалникот Петре Шилегов вели дека се работи на нов, кој ќе ги лимитирал можностите за пропусти при носењето на деталните планови. На уште повисоко ниво, во собраниска процедура е и нов Закон за просторно и урбанистичко планирање, за кој министерот Горан Сугарески се надева дека ќе се изгласа пред да се распушти парламентот.
– Доколку не се донесе, можно е да го смените правилникот?
– Ги разгледуваме и тие опции, меѓутоа за нас е исклучително важно да биде донесен овој закон –
вели Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.
Во собраниска процедура е и закон за легализација, кој ќе озакони сè што е изградено на диво, освен згради. И ова за стручната јавност е проблем оти еднаш легализирани објекти подоцна прераснуваат во згради. Сугарески е убеден дека се внимава на јавниот интерес, но се балансира и со потребата од развој.
– Ни во овој период од две години, откога сум министер, ни во следниот период дури сум на ова столче, нема да дозволам такво дивеење да се случи се со цел да го заштитиме јавниот интерес.
– Но, се случува, еве низ примерот на општина Центар, гледаме дека се случува. Тие стекнати права се буквално дивеење…
– Затоа кажав и ова го зборувам цела година, тоа е носењето за законот за урбанистичко планирање. Сепак, ние сме орган којшто предлагаме, заедно со Владата, од друга страна е парламентот што ги носи законите, не ги носиме ние
вели Сугарески.

A додека тече процедурата за нов закон, се размислува за нов правилник, а во сила е мораториум, инвеститорите сепак наоѓаат начин за реализацијата на идеите. Таков пример е повторно Маџир Маало, каде што пред да стапи во сила мораториумот, заинтересираните ја започнале административната процедура, па за време на забраната за градби, Општината издала 13 одобренија. Од друга страна, жителите на Маџир Маало поднеле 300 барања за легализација на дивоградби.
По фаталниот земјотрес во Албанија, во кој загинаа 51 лице, тамошните власти тргнаа во апсење градоначалници, локални службеници, инженери и инвеститори поради непочитување на правилата за градба. Кај нас, стручните лица ги предупредуваат планерите и сите одговорни во синџирот на одлучување – или да ги приспособат прописите или да не ги читаат буквално.
„Дали во правилник за операција за слепо црево, пишува препознај го слепото црево, измиј ги рацете, земи го скалпелот? Нашите колеги очекуваат дека правилниците треба сè да им пропишат инаку не важи ништо од нивното знаење. Тоа што учеле на факултет не е важно, струката што си има знаење не е важно. Сè додека така размислуваме и не ја преземаме одговорноста како стручни лица, тогаш вака и понатака ќе биде“,
вели Пенчиќ.
А ако во центарот на Скопје е вака – како ли е во внатрешноста на државава?!