Вратите на објектот платен со буџетски пари последен пат беа отворени за посетители во 2018-тата, годината кога се откажа единствениот концесионер кој се нафати да стопанисува со „Македонско село“
Видливи се знаци на пропаѓање, различни во 12-те различни куќи. Па, сепак, шефот на владината СОЗР, Ивица Томовски, е оптимист дека објектот ќе се врати во живот. Вели дека седум компании пројавиле интерес по неодамна објавениот повик за изнајмување на „Македонско село“
Во 2016-та, на падините на Водно, се отвори „Македонско село“ – етно комплекс изграден со државни пари и со цел – запознавање на традицијата и развој на туризмот.
„Ако го погледнеме туризмот и она што значи тоа за националниот идентитет, тогаш ние излегуваме вон рамките на економијата туку и во целокупното општествено живеење“,
рече своевремено сега поранешниот вицепремиер за економски прашања, Владмир Пешевски.

Собрано на купче, комплексот чинеше 6,5 милиони евра. За тие пари се изградија и опремија 12 000 квадратни метри со 12 куќи, секоја претставник за различен регион од земјава. Во нив има ресторани и соби за сместување.
Но, тешко се најде приватен партнер кој ќе го работи објектот.
„Победи Тинекс и мене ми е драго бидејќи тоа е компанија која е доста силна и може да издржи и слаби периоди кога ќе има некогаш“,
изјави тогашниот премиер Никола Груевски.
Тинекс победи, но не ги издржа слабите периоди. Се откажа после две години иако месечната кирија од 3 500 евра не изгледаше висока. Компанијата тогаш соопшти дека акумулирала загуби од 150 000 евра.

Во 2020-та година, тогашниот технички премиер Оливер Спасовски најави дека комплексот ќе се претвори во старт-ап село, но ништо не се случи. Со доаѓањето на новата влада, се врати идејата за селото како туристичка атракција.
„Почетната цена ќе биде 240 000 денари каде што после тоа зависно од конкуренцијата може да се наддава таа сума, па ќе видиме колку ќе е. Околу 4 000 евра“,
рече директорот на СОЗР, Ивица Томовски во гостување на 360 Степени.
Надлежните се уверени дека од крајот на месецов ќе има нов концесионер. Но, колку е тоа реално знаејќи дека единствениот досегашен концесионер брзо крена раце?
За да се дојде до комплексот „Македонско село“ потребни се околу 30 минути возење со автомобил од центарот на Скопје. Има два пата. Преку Средно Водно или преку селото Нерези. Ние се одлучивме за првата опција.
Лошата состојба на патот од Средно Водно до Македонско село е уште една причина за загриженост. Патот е тесен, на места без банкини и често изложен на одрони, што го прави небезбеден за сообраќај.
Сето ова уште повеќе доаѓа до израз, ако треба да се разминат два автомобила…

Кога некако и ќе се стигне кај комплексот барем нема мака за паркинг. Има на претек.
За тие без кола, се отвори автобуска линија со број 28. Автобусот се уште сообраќа, но најчесто е празен. Штом пристигне на последната постојка, веднаш се враќа во градот.
Во „Македонско село“ не пречека директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски. Вратите на селото ретко се отвораат за надворешни посетители. Шеста година жители се само четворицата обезбедувачи.
А веднаш откако ќе се стапне во комплексот, неодминлив е впечатокот на запуштеност и пропаѓање. Замислената жива презентација на македонската култура и традиција, сега е поблиску до руина. Трите возила наменети за превоз на туристи кои чинеле 24 000 евра сега се неупотребливи.

Шут е расфрлан низ целиот комплекс – од клима уреди, до мијалници…
„Штетите кои изминатиов период се направени од 2019 до денес се некаде околу 20 до 30 милиони денари. Што значи тоа штети – штети по основ на неисплатена закупнина, по основ на обезбедување на објектот, по основ на осигурување. Тоа се првичните параметри, но кога ќе се направи анализа од новиот економски оператор додатно ќе може да кажеме која е штетата од неговото нефункционирање“,
рече Томовски.
Но, Томовски е оптимист дека ќе го заживее комплексот. Веќе е распишан јавниот повик за концесија, а интерес пројавиле неколку фирми. Почетната кирија за целиот комплекс е 4 000 евра месечно, но заинтересираните ќе наддаваат за четири посебни делови – ресторани и капацитети за сместување.
„Откако го објавивме огласот за нов концесионер, во првичниот увид на комплексот „Македонско село“, бидејќи правиме два увид – едниот помина пред неколку денови, а другиот е пред завршување на огласот, досега има седум економски оператори кои направиле увид во комплексот, кои се потенцијални нови концесионери и тоа ми е еден од податоците кои можам со сигурност да кажам дека може да биде профитабилно и економски исплатливо“,
изјави директорот на СОЗР.

Со Томовски ја продолживме прошетката и во куќите. Вратите им се пломбирани, што значи нема влез без дозвола. Покривите се распаѓаат, но внатрешноста изгледа добро за објекти кои се шест години надвор од употреба. Барем на куќата во која влеговме заедно.
„Ова е во добра состојба, една од подобрите. Тоа зависи од концесионерот, но тоа што се чувствува миризбата треба да се отстрани за да привлечете гости. Никој не би спиел во влага“,
кажа Томовски.
И, кога ќе се стави се на купче, дека комплексот чинеше 6,5 милиони евра, а се издава за 4 000 евра, излегува дека ќе бидат потребни 135 години за да се врати инвестицијата.

Вредела ли изградбата и како би постапил Томовски доколку на времето тој се прашувал како да се потрошат народните пари.
Јас сум сигурен дека и во 2011 се правеле анализи за економската исплатливост. Јас повеќе би се осврнал на моментот дека ова овдека е нашиот идентитет, а тој нема цена. Да, кога би бил јас оној кој одлучува, би одлучил да се изгради ваков објект.
360°: Сигурни ли сте дека овојпат ќе успее „Македонско село“ да функционира на долг рок?
Сигурен сум и скопјани ќе имаат едно место каде да избегаат од градскиот метеж и да поминат добар викенд со семејството.
Откако се разделивме со Томовски, продолживме сами во обиколка. Следна куќарка во која влеговме беше реканската. Состојбата е далеку полоша од кратовската.

Влагата направила сериозни оштетувања. Освен непријатна миризба, има видливи траги на ѕидовите. Сериозно е оштетен и пукнат подот – потенцијална опасност за секој што би влегол внатре.

Вратите на шкафовите во горните соби се скршени, а на терасата, со црни пластични ќеси се направени импровизирани „жици“ кои веројатно служеле за сушење облека.

Зошто комплексот досега не успеваше? Во потрага по одговори им пристапивме на тие што беа вклучени во минатотот. Тогашниот прв човек на владиниот ресор економија, Ваљон Сарачини, во чие време започна и се изгради комплексот, писмено ни одговори:
„Не беше моја одлука да се изгради. Тоа беше наследен проект и одлука на Владата од периодот 2008-2011 година. Изградбата на проектот заврши во 2014-та, кога заврши и мојот мандат. Значи, не сум бил дел на Влада кога се носеше одлука како да се стопанисува со проектот“,
ни одговори поранешниот министер за економија, Ваљон Сарачини.
Го побаравме и поранешниот концесионер – сопственикот на „Тинекс“, Владимир Тодоровиќ со прашања – зошто се откажа, но и дали би се пријавил повторно на новиот повик. Од него не добивме одговор.
Иако првично имаше интерес, без став останавме и од поранешниот технички премиер Оливер Спасовски. Тој во 2020 најави, но потоа не продолжи со идејата комплексот да прерасне во стартап село.