Кочани. Според пописот, дом на околу 32 илјади жители. Прва глетка од централните градски улици е сообраќајниот грч. Затекнавме полни контејнери. И кучиња скитници. Во градот се евидентирани и околу 600 дивоградби.
Фонтаната, која патем не работи, го симболизира оризовото зрно – важна гранка за локалното население. Градот живее од мали бизниси, а има и две странски инвестиции.

Во првите два дена од изборната кампања, немаше билборди, ниту волја да се избира.
„360°: Како се живее во Кочани?
–Тешко. И лошо.“
„360°: Што ви недостига?
–Сѐ.“
„Не ни е дојдено до избори, бидејќи нема правда.“
„Луѓето, граѓаните, не не почитува институцијата. Кај и да се помолиме, ќе не пратат на друга страна да одиме, не ни ја даваат услугата.“
„Погледни, кој ќе те услужи? И да паднеш нема кој да те дигне. Млад човек ретко во Кочани, па како бидна оваа трагедијата, катастрофално…“, велат дел од жителите.
Градот сè уште е завиен во некролози за 62 млади животи изгубени во трагедијата во импровизираното кабаре на 16 март годинава, најголемиот дел кочанчани. За нив се виорат и транспаренти кои потсетуваат дека не треба да си молчи и дека корупцијата убива.

Изгорената квазидискотека „Пулс“ е оградена и сè уште ја обезбедува полиција. Повредените, пак, поминуваат низ тежок процес на рехабилитација, а во Кочани и натаму владее колективна траума.
„Уште многу време ќе треба да помине на некој начин за да ја сфатиме реалноста. Јас мислам дека реалноста уште не можеме да ја разбереме во вакви прилики. Особено сега кога државата и правниот систем доцни со отпочнување на еден процес судски, кој на некој начин ќе ја ублажи маката на родителите, па и на другите итн. Лично сум засегнат, имав внук во пожарот“,
вела роднина на повреден во пожарот во „Пулс“.
Овде се надвиснуваат и други проблеми. Над центарот на градот се издига Старата касарна. Таму, на диво, во супстандардни услови, живеат петнаесетина ромски семејства. Прашање на време е кога кровот целосно ќе попушти. Овдешните жители, од кои дел без лични документи, зад камерата зборуваа дека добиваат внимание само пред избори.


На другиот рид од градот, на „14-та Бригада“, нè повика Боца Зашева. Нè покани во нејзината куќа, но дотаму со автомобил тешко се стигнува.
„Дупки, калишта. Не, можеш пешки да одиш, не со кола. Брза помош да викнеш да ти дојде, не може да ти дојде. Значи, нема шанса, каде ќе дојдат. И сега се молиме да ни го направат патот. 50 години сум на овој рид, 50 години се молиме да ни го направат асфалтот“,
вели таа.
Нашето присуство на ридот го забележаа и други жители.
„А, дојдат: Лелеее, Господ нека ви е на помош, Господ нека ви е на помош, додека се заврши гласањето. Заврши ли гласањето – нема го ни Господа, ни помошта, ни они да се појават, завршена сметка. Многу сум револтирана, не знам што да кажам. За никаде сме ние тука, отсечени од сѐ“,
дополни Наташа Торорова.
„360°: Гласате на избори?
-Не.
360°: Зошто?
-Бидејќи патот не е направен никој од комшиите не излегува да гласа“,
кажа Зоранчо Тодоров, истотака жител на Кочани.

Оттука се гледа и дива минидепонија. Во вакви услови, Кочани ја дочекува изборната локална трка, која сама по себе е феномен. За претстојните локални избори во Кочани, како никогаш претходно, има шест кандидати за градоначалник и дури девет советнички листи.
Венко Крстевски е независен кандидат, како и Зоран Тодоров. Левица ја номинира Жаклина Филипова-Свеќаровска, партијата Единствена Македонија оди со Даниел Глигоров, СДСМ настапува со Игор Христов, а избор на ВМРО-ДПМНЕ е Владко Грозданов.
Крстевски е в.д. градоначалник на општината, функција која ја презеде по трагедијата во „Пулс“. Бара уште цел мандат за да ги поправи состојбите што ги нотирал – како дивоградбите низ општината.
„Значи, склучување на меѓуопштинска соработка пред сѐ во делот со инспекторски служби. Инспекторските служби во рамките на општина Кочани не си ја вршеле работата со години. Да си ја вршеле, немало да има дивоградби и немало да има ваков хаос. Прва работа ќе ни биде склучување на меѓуопштинска соработка, втора работа ќе ни биде, значи, мапирање на сите проблеми во делот со улици и приоритет ќе ни биде општина без кал. Целта ми е уште првата година да создадам услови за нормално и хумано живеење на места каде што се изградени куќи, а за жал сѐ уште нема водоводна, канализациона и патна инфраструктура“,
вели тој.

Другиот независен кандидат Зоран Тодоров е економист и граѓански активист. Заклучил дека однадвор тешко се прават промени, па затоа цели кон раководната позицијата во општината. Вели дека сака луѓето по сопствена волја да живеат во Кочани, а не од што мораат.
„За да се промени тоа, како што кажав, од организационо поставување на самата општина и на општинските органи, тоа е прво. Второ, видливоста на терен во врска со чистотата и со обичните проблеми што го засега граѓанинот и третото е дека ни требаат дополнителни иновативни проекти кои на градот би му донеле подобра безбедност, подобра комунална инфраструктура, затварање на депонијата донесување на посебни проекти кои ќе го зголемат туризмот во Кочани, затоа што тоа се средства кои на Кочани многу му значат и ќе му значат во иднина. Како да бидеме, од црна дамка моментално како вие во медиумите и другите граѓани нѐ гледаат, да го претвориме во една атрактивна дестинација, каде луѓето ќе сакаат да доаѓаат“,
кажа Тодоров.

Игор Христов од СДСМ 20 години работи како професор во средно по правни предмети. Се занимавал со борење, а сега е меѓународен судија. Жали што градот нема ниту театар ниту кино и тоа што Кочани повеќе не е спортски град како што бил.
„Ќе се фокусираме на пет принципи. Првиот принцип ќе биде Кочани – чисто и зелено. Кочани урбан и културен град. Кочани спортски град. Кочани, безбеден град. Кочани, туристички град. Околу тие пет принципи е содржана понатаму разгранета цела програма со конкретни проекти, со приоритетни проекти, со детални проекти, со проекти коишто се во нацрт. Едноставно мојата програма беше плод на околу 70 стручни лица и резултат на комуникацијата од нашето членство и од граѓаните од општина Кочани без разлика дали се во градското јадро или во руралните средини“,
вели тој.

Низ мноштвото возила, до партиската канцеларија на Левица се пробива Жаклина Филипова–Свеќаровска, кандидатка за градоначалничка. Вели дека на Кочани ургентно му требаат катни гаражи. Таа е професорка во средно по македонски јазик и актуелен член на Советот на Општина Кочани.
„Значи, првично би пристапила кон донесување на измени на урбанистички планови за воопшто да ги предвидам тие катни гаражи. Исто така, за да предвидам, во суштина, простор за изградба на мултинаменски, меморијален центар и парк. Старата Касарна е точка на црн срам на градот Кочани… Мора да се реши проблемот со градскиот пазар, којшто личи на сѐ освен на пазар и клучно е да се одврзе јазолот на Комуналното јавно претпријатие, коешто е дувло на неработење, корупција и криминал“,
вели таа.

ВМРО-ДПМНЕ го номинира гинекологот Владко Грозданов. Неговата ќерка е една од повредените во пожарот во „Пулс“.
„Главната причина што ме натера да се нафатам е таа верба дека во Бога и во кочанското население дека еднаш мора да почнеме да се исправаме после оваа трагедија, надежта дека ќе биде сѐ добро и љубовта кон самиот град и моето население… Една од капиталните инвестиции исто така нели што се повторува со години, но во моментот се работи активно на активирање и реализација на истата е браната Речани со која би се подобрило и би се решило еднаш засекогаш проблемот со водоснабдувањето во Кочани. Имаме планирано неколку проекти во самото градско подрачје за кои се исто така изготвени проектите, треба да се отпочне само со реализација. Тоа е катната гаража на Јужен булевар, на мост, дополнителен мост на Кочанска река. Имаме проектно решение за уникатен споменик за 62-те починати деца во пожарот во Кочани“,
вели Грозданов.

Кандидатот на Единствена Македонија, Даниел Глигоров, не ни даде изјава од здравствени причини, но телефонски кажа дека кочанчани добро го познаваат.

Ако за нешто се едногласни кандидатите, тоа е дека меѓу шест понуди не е вистински избор да се остане дома на денот на гласањето.
„Јас ќе им порачам на кочанчани дека сега е историска шанса да ја смениме траекторијата и иднината на нашиот град“,
кажа независниот кандидат Венко Крстевски.
„Би требало дефинитивно што помасовно да излезат, заради тоа што во спротивно ќе го добијат истото тоа што со години наназад го имаат“,
порачува Жаклина Филипова-Свеќаровска од Левица.
„Сега Кочани има избор. Да се направи вистинскиот избор кој кандидат треба да ја води општината, заради тоа што мора да се напомне дека не е сеедно кој ќе го води градот. Воопшто не е сеедно“,
вели Игор Христов од СДСМ.
„Точно дека сме во тешка трагедија, но мора да продолжиме. Како? Што би направиле? Да застанеме тука и што да направиме? Нема друго решение. Значи мора да се продолжи некако“,
цени Владко Грозданов од ВМРО-ДПМНЕ.
„Без разлика кој – како ќе победи, резултатот мора да биде подобро Кочани“,
заклучува независниот кандидат Зоран Тодоров.