Најтешко е погоден регионот Бафало, во западниот дел на државата Њујорк, каде досега е потврдена смртта на најмалку 28 лица

Повеќе од 60 луѓе досега загинаа во невидената арктичка бура што беснее низ Северна Америка, а илјадници домови останаа без струја.
Најтешко е погоден регионот Бафало, во западниот дел на државата Њујорк, каде досега е потврдена смртта на најмалку 28 лица.
Државен функционер рече дека некои луѓе биле заробени во автомобили повеќе од два дена за време на најголемата бура досега.
Во делови од Америка до утре се очекува да наврнат уште 23 сантиметри снег, предупредуваат метеоролозите.
„Градот е како воена зона, а заглавените возила на страната на патот се застрашувачки“,
вели гувернерката на државата Њујорк, Кејти Хочул.
Некои од жртвите биле пронајдени завеани во нивните автомобили, јавува Ројтерс.
Едно семејство со мали деца, на возраст од две до шест години, имало среќа да биде спасено по 11 часа чекање во автомобилот.
Надлежните стравуваат дека кога невремето ќе се смири и снегот ќе почне да се топи, ќе најдат повеќе автомобили покриени со снег и мртви луѓе.
Четири лица загинаа во Канада кога автобус се преврте на заледен пат во близина на градот Мерит, во западната провинција Британска Колумбија.
Невремето со денови предизвикува хаос, а милиони луѓе се предупредени да не ги напуштаат своите домови.
Илјадници летови беа откажани, поради што многу луѓе не можеа да се вратат дома за Божиќ.
Синоптичарите велат дека невремето ќе се намали во текот на следните неколку дена, но останува советот да се избегнува патување доколку не е апсолутно неопходно.
Смртни случаи поврзани со невремето беа пријавени и во Вермонт, Охајо, Мисури, Висконсин, Канзас и Колорадо.