На прославата присуствуваа голем број поддржувачи и како што може да се види од видеото, ретко кој одржува дистанца, а голем дел од присутните не носеа ниту заштитни маски. Меѓу песните со кои Рама ја прослави победата беше и „We Are The Champions“
Опозицискиот лидер Баша во своето обраќање рече дека изборите во недела биле изборен масакр и го обвини Рама за употреба на валкани пари за кампањата
Заев му честиташе на Рама со порака дека двете земји ќе продолжат уште похрабро напред и како сојузници во НАТО и кон европските интеграции и дека преку интензивна соработка регионот го очекува светла иднина
Актуелниот премиер на Албанија и лидер на Социјалистичката партија, Еди Рама, на масовен собир на плоштадот „Скендербег“ ја прослави победата на парламентарните избори во неделата на кои, според резултатите, освои мнозинство од 74 пратеници во 140-члениот парламент.
На прославата присуствуваа голем број поддржувачи и како што може да се види од видеото, ретко кој одржува дистанца, а голем дел од присутните не носеа ниту заштитни маски. Меѓу песните со кои Рама ја прослави победата беше и „We Are The Champions“.
„Ова е историски рекорд на овој голем тим на извонредни луѓе со извонредна сила и амбиции за Албанија и сила каква што нема друга во оваа земја. Ова е најтешката, најголемата и најубавата победа на Социјалистичката партија. Ова е историски рекорд на оваа голема екипа со извонредна моќ и амбиции за Албанија и сила каква што нема во оваа земја“,
рече Рама.
На граѓаните им вети мега проекти за подобра иднина, а на опозициската Демократска партија ѝ упати отворена покана за соработка велејќи дека третиот мандат ќе го посвети на обединување, а не на кавги.
„Признај го поразот достоинствено, со убедување дека направи колку што можеше. Подаваме рака за соработка“,
му порача Рама на ривалот Љуљзим Баша.
Баша обвините за изборен масакр
Демократската партија на Баша која ја предводеше опозициската коалиција Алијанса за примени, според резултатите кои ги објави Централната изборна комисија (ЦИК), во идниот парламентарен состав ќе има 59 пратеници.
Баша во денешното обраќање од пред партиското седиште, пак, рече дека изборите во недела биле изборен масакр и го обвини Рама за употреба на валкани пари за кампањата.
„Овие избори немаа никаква врска со демократијата. Во оваа битка влеговме не со политички противник, туку со режим кој стори сè за да ја уништи фер изборната трка. Тие ги сменија Уставот и изборниот законик со кршење на сите правила. Десетици илјади неважечки гласови, најголем број досега и двојно повеќе отколку разликата помеѓу двете партии. Милиони евра фрлени за да се реализира најголемото купување на гласови што предизвикува најголемо нарушување на волјата на гласачкото тело. Користеа милиони од корупциските концесии, крадеа лични податоци на албански граѓани, користеа криминалци и банди, им се закануваа и уценуваа на гласачите, администрацијата, новинарите и медиумите, правејќи го изборниот масакр уште поголем“,
обвини Баша.
Опозицискиот лидер најави дека нема да се предаде и ќе ја продолжи битката со сите, а оние кои мислеле дека ќе се предадат, рече, не ги познавале добро.
Според првичните резултати од ЦИК, во албанскиот парламент ќе влезат и Движењето за социјалистичка интеграција (ЛСИ) со 4 пратеници и Социјалдемократската партија со 3 пратеници.
Заев му честиташе на Рама
Премиерот Зоран Заев, преку Твитер, му ја честиташе победата на Рама нагласувајќи дека двете земји ќе продолжат уште похрабро во европските интеграции.
„Му честитам на мојот драг пријател Еди Рама за изборната победа. Северна Македонија и Албанија ќе продолжат уште похрабро напред и како сојузници во НАТО и кон европските интеграции. Нашиот регион преку интензивна соработка го очекува светла иднина!“,
вели Заев во честитката на „Твитер“ објавена на македонски, албански и англиски јазик.
Претходно, албанските медиуми јавија дека Заев бил меѓу првите кои му честитале на албанскиот премиер. Честитки до Рама веќе во упатиле и турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, како и италијанскиот министер за надворешни работи, Ди Мајо, и лидерот на италијанската опозиција Матео Салвини.