Опасноста од ширење на вирусот како да не го спречува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да се ракува со избирачите, за разлика од други политичари кои го користат „корона-поздравот“, со допирање на лактите
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се појави на предизборен собир, веројатно во шестата ИЕ. Со маска и ракавици, се ракуваше со речиси сите присутни и потоа, со истите ракавици, скина и си касна од лепчето што локалните жители му го понудија за добре дојде.
Вакви сцени може да се забележат на видеоснимка што е објавена на Фејсбук од средбата на Мицкоски со граѓани. На видеото се забележува дека, во придружба на Мицкоски, е Дафина Стојаноска, носителка на листата на ВМРО-ДПМНЕ во „шестката“.
Мицкоски, кој претходно го условуваше одржувањето на изборите со изготвување посебен здравствен протокол, речиси на сите настани во текот на кампањата се појавува со гумени ракавици за заштита од коронавирусот, за разлика од други политичари кои, главно, носат само маски.
Сепак, опасноста од ширење на вирусот, како што може да се забележи и од видеото, не го спречува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да се ракува со избирачите кои доаѓаат на неговите предизборни собири, за разлика од други политичари кои го користат „корона-поздравот“, со допирање на лактите.