„Знам дека ВМРО-ДПМНЕ како опозиција инвестираше многу во својот патриотски профил, што е разбирливо за една опозициска партија, но мораат да дејствуваат многу внимателно зашто кога сте на власт нештата може многу брзо да се искомпликуваат ако немате план како да се извлечете од оваа веќе растечка криза“, вели универзитетскиот професор Јоанис Армаколас, кој за време на преговорите пред Договорот од Преспа беше силен поддржувач на нормализацијата и развојот на односите меѓу Северна Македонија и Грција
Дописничката на грчки „Катимерини“ од Брисел, пак, вели дека кога претставниците на Северна Македонија ќе дојдат на состанок во НАТО или институција на ЕУ, нема да имаат друг избор. Како пример, посочува дека и Европската народна партија, каде што ВМРО-ДПМНЕ е членка, досега нема соопштение по изборната победа. „Кругови во ЕПП ни кажаа дека очекуваат да видат како ќе се однесува новиот премиер, дали ќе го користи или не уставното име“, вели Александра Вудури
Предизборието навести политичка бура за Преспа.
„Каде пишува во договорот дека колоквијалната употреба на терминот `Македонија` е задолжително, ако веќе одиме по договорот. За мене е `Македонија` и ќе остане `Македонија`“,
порачуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во изборната кампања.
Бурата се случи на 12 мај.
„Изјавувам дека функцијата претседател на Македонија…“,
беше реченицата која новата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова ја изговори за време на свечената заклетва.
Реакцијата стигна брзо.
„Ја предупредувам новата влада во Скопје дека какво било застранување од имплементацијата на Договорот ќе има сериозни последици за нашите билатерални односи, но и за патот на Северна Македонија кон Европа“,
порача Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
Пладне е во Скопје. Главен настан е инаугурацијата на шестиот претседател на државата од независноста, првпат жена, Гордана Сиљановска-Давкова. Пленарната сала на Собранието е полна, се чекаат идната шефица на државата и нејзиниот настап – дали ќе го изговори уставното име или не.
„Изјавувам дека должноста претседателка на Македонија ќе ја извршувам вредно и одговорно, ќе го почитувам уставот и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Македонија“,
изјави новата претседателка на државата Сиљановска-Давкова не изговарајќи го уставното име Република Северна Македонија.
Епилогот е познат – грчката амбасадорка ја напушти салата, реагираше грчката влада, реагираа од ЕУ….
Се отвора ли повторно „јужниот“, грчки, покрај постоечкиот „источен“, бугарски, дипломатски фронт?
„Мислам дека Грција веќе, не знам, но претпоставувам, се подготвува за потенцијална ситуација во која би требало да употреби екстремни мерки“,
вели универзитетскиот професор од Грција, Јоанис Армаколас.
Професорот Јоанис Армаколас со години ги следи односите меѓу Атина и Скопје. Го поздрави потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година, документ кој донесе нормализирање на релациите и ги отвори вратите кон зачленувањето во НАТО. Шест години подоцна атмосферата пак станува тензична.
„Работите не изгледаат добро, знам дека ВМРО-ДПМНЕ како опозиција инвестираше многу во својот патриотски профил, што е разбирливо за една опозициска партија, но мораат да дејствуваат многу внимателно зашто кога сте на власт нештата може многу брзо да се искомпликуваат ако немате план како да се извлечете од оваа веќе растечка криза“,
анализира Армаколас.
Позицијата на победничката ВМРО-ДПМНЕ, која ќе ја формира идната влада и на новата шефица на државата е – „ќе потпишуваме документи со Република Северна Македонија, но нема да го изговараме ова име“.
„Ова нема да биде прифатено од грчката страна. Целосното почитување на Преспанскиот договор значи дека сите претставници на Северна Македонија во нивниот официјален капацитет и во јавниот дискурс и во официјални документи и разговори треба да го користат уставното име на земјата. Ако тоа не го прават, како што беше случај со заклетвата на новата претседателка, во Грција тоа ќе биде разбрано како прекршување на клучен елемент на Преспанскиот договор и нема да се толерира. Морам да кажам дека откако ги видов изборните резултати и знаејќи го она што ВМРО-ДПМНЕ и кандидатката Сиљановска го зборуваа во предизборието предвидов дека ќе имаме проблеми, но реакцијата на Грција беше толку брза што дури и јас бев изненаден“,
вели Армаколас.
А каква е атмосферата во Брисел? Највисоките претставници на Унијата предупредија дека почитувањето на Преспанскиот договор е основата на натамошните европски интеграции на земјата.
„Нема и ќе нема простор за какви било дебати или разговори за отворање на дискусија за овој договор. Дали лидерите во Северна Македонија, за домашна употреба, ќе го користат името или не, тоа е друга приказна. Но, верувајте ми, ако дојдат во Брисел, ако одат на некој меѓународен настан, или ќе бидат присутни на НАТО состанок или во некоја институција на ЕУ, дефинитивно, ќе мора да го употребуваат новото уставно име. На пример, претставници на НАТО ни кажаа дека тоа е името – Северна Македонија кое го прифативме во Алијансата и затоа не можеме да прифатиме употреба на друго име“,
мисли Александра Вудури, дописничка на грчкиот весник „Катимерини“ во Брисел.
„Прашањето за името“ повторно е главна тема во грчките политички кругови и медиуми. Премиерот Кирајкос Мицотакис сега е под зголемен притисок на „јастребите“ во неговата партија Нова демократија, кои играат „тврдо“ и за Договорот од Преспа, но и за Албанија.
„Имаме пример од неодамна, повеќе од една година има проблем меѓу Грција и Албанија кој, најверојатно, ја чинеше Албанија отворање на преговарачките поглавја во пристапниот процес поради случајот со градоначалникот на Химара. Морам да кажам дека умерената фракција, како на пример, министерот за надворешни работи Герапетритис и заменик-министерката Пападопулу, наводно биле оние кои се обидувале да протуркаат поумерени чекори кон албанската влада за изноѓање решение за проблемот за тој да не ескалира на начинот на кој што се случи. Но, тука беше и тврдата линија и во владата и во партијата, која туркаше за цврст одговор кон Албанија и оваа фракција победи. Избраниот градоначалник на Химара, Белери, кој се уште е во затвор во Албанија, се најде на кандидатската листа на Нова Демократија за изборите во Европскиот парламент. Тоа е јасна индикација дека тврдото крило ја добило битката. Ако тие победиле за ова прашање кое е важно, но не толку крупно како прашањето за името и односите меѓу Грција и Северна Македонија, очекувам тие да имаат победа во внатрешните дебати“,
вели професорот Армаколас.
Нова демократија, исто како и ВМРО-ДПМНЕ е дел од најмоќната политичка групација во ЕУ – Европската народна партија. Во ЕПП засега молчат.
„Овде во Брисел беше забележано дека Европската народна партија не излегоа со никакво соопштение за убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ во Северна Македонија, најверојатно, затоа што оваа политичка групација очекуваше да го види однесувањето на раководството по изборите бидејќи имаше одредени изјави, а и изјави со јасно искажани намери. Но, тоа треба да се разгледа зашто ЕПП е многу голема групација и секоја победа се брои, секоја партија што ќе победи, а е дел од ЕПП, се издава конкретна изјава, а сега немаше такво нешто. Кругови во ЕПП ни кажаа дека очекуваат да видат како ќе се однесува новиот премиер, дали ќе го користи или не уставното име“,
вели Вудури.
Најавите од ВМРО-ДПМНЕ се јасни.
„Во комуникацијата можете да си употребувате Македонија, јас не гледам пречки, мислам дека тоа е исправно“,
е ставот на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.
Тоа дополнително го потврди и партискиот лидер.
„Комуникацијата во македонските институции останува согласно Уставот и законите, но мое основно човеково право е како ќе ја нарекувам мојата држава. И додека давам изјави или се обраќам, и јас, а очекувам тоа да биде начин на однесување и на Сиљановска, да се користат термините Македонија и придавката `македонски`, бидејќи на тој начин, според нашето толкување на Преспанскиот договор, нема негово прекршување“,
изјави Христијан Мицкоски.
Дали следниот чекор на Грција може да биде вето за земјава во пристапните преговори за ЕУ?
„Има реалистична можност дека ќе се вратиме на „студената војна“ од минатото, но за тоа ќе треба ескалација и многу лоши потези од двете страни за враќање на тој тежок период“,
заклучува Армаколас.