Вкупно 34 лица досега се осомничени за пожарот во Кочани, а не е искучено таа бројка и да расте. Барем во фазата на истрага обвинителството се реши на стратегија – да ги гони сите за исто кривично дело, во еден кривично-правен настан кој довел до иста штетна последица. Дејстијата кои се предмет на истрага се во затворен временски опсег, од 2012 година до 16 март 2025
Додека отворената истрага ги даде првите одговори, отвори и неколку прашања. Зошто се гонат само дел од лицата кои биле или во моментов се на одредени функции во дефинираниот временски опсег, а не сите? Дали треба да се ризикува сите да се гонат во ист мегапроцес или е подобро секој да одговара во посебни постапки?
Поминаа точно 12 дена од кобниот 16 март 2025 година. Вкупно 59 животи завршија прерано, вклучувајќи и шест малолетници. Уште 200 лица се повредени. Повеќето и натаму се на лекување. Ќе има и такви кои никогаш нема да закрепнат целосно.
Остатоците од кабаре „Пулс“ во Кочани
Кој е виновен за сцените кои до крајот на животот ќе ги прогонуваат семејствата на жртвите, преживеаните, но и целото општество – е прашањето што природно се постави уште првиот момент.
Истрага
Првите одговори ги даде јавното обвинителство, кога минатата недела соопшти дека по неколкудневната предистрага е донесена наредба за истражна постапка за вкупно 27 лица, плус 7 полицајци.
Љупчо Коцевски – државен јавен обвинител
„Сите осомничени во периодот од 2012 година до 16.03.2025 година, заеднички но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности, воопшто не постапиле според прописите за мерките за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето и имот од големи размери.
Верижните пропусти и незаконити дејствија на одговорните и службените лица, довеле до тоа да при користење на пиротехничките средства на 16.03.2025 година за време на настапот на музичката група ДНК во кабаре КЛУБ ПУЛС во Кочани, биде предизвикан пожар во кој настапила смрт на 59 лица меѓу кои 6 деца, а биле повредени уште 197 лица од кои 25 деца“,
Овој настап ги даде првите одговори. Но, речиси веднаш ги отвори и првите прашања. Еве некои од нив:
Временска рамка
Временскиот опсег кој го постави Коцевски почнува во 2012 година. Но, во истата изјава потоа се вели дека „една од осомничените е и сопственичка и управителка на осомничено правно лице од Кочани која во текот на 2010 година постапила по барање на осомничениот сопственик и му изготвила основен проект како услов за отпочнување со работа и вршење на угостителска дејност – кабаре“. Ако временскиот опсег почнува во 2012, зошто се гонат лица и за дејствија во 2010-та?
Спровод на поранешните градоначалници на Кочани, фото: принтскрин од видео на ТВ Телма
Понатаму, согласно временскиот опсег, под истрага се сите градоначалници на Кочани од 2012 година досега. Но, не и сите четири директори на Дирекцијата за заштита и спасување кои ја воделе институцијата во споменатиот временски опсег, туку само претпоследниот.
За улогата на Државниот пазарен инспекторат, пак, е поставен потесен временски опсег, од 9 јануари 2020 година до кобниот 16 март 2025 година. Во тој период, институцијата ја воделе:
Стојко Пауновски – јануари 2018 – април 2021, кадар на СДСМ;
Анета Симеска Димоска – мај 2021 – декември 2022, кадар на СДСМ;
Горан Трајковски – декември 2022 – октомври 2024, кадар на СДСМ, и
Влатко Стојковски – октомври 2024 – на функција, кадар на ВМРО-ДПМНЕ.
Па, сепак, под истрага се само Анета Симеска Димоска и Горан Трајковски.
Зошто не се гонат некои од директорите во временскиот опсег, особено актуелниот, го прашавме надлежниот заменик-министер, за економија.
Марјан Ристески, заменик-министер за економија и труд
„Директорот е три и пол, четири месеци директор на ДПИ… Mеѓутоа од она што можеме да го видиме, ниту во пазарната ниту во трудовата инспекција, претходните 3-4 години воопшто не биле внесувани во план за работа инспекциски надзори токму на вакви ноќни клубови, дискотеки, кабареа“,
изјави за „360 степени“ Марјан Ристески, заменик-министер за економија и труд.
Јавно се достапни годишните планови за работата на Пазарната инспекција од 2021 до сега. Ги проверивме и испадна дека кабареата биле внесени во програмите за 2025-та, но и за 2024-та и за 2023-та година. Ги нема во плановите за 2022-ра и 2021-ва.
Дел од годишниот план за работа на ДПИ за 2023-та година
Важно е да се додаде и дека плановите од 25, 24 и 23 се речиси идентични и следат еден ист шаблон. Оние од 22-ра и 21-ва следат друг, веројатно постар шаблон.
Се разбира, прашавме и во Јавното обвинителство – зошто, иако се дадени временски рамки за дејствијата во некои институции, не се гонат сите функционери во дадената временска рамка?
„Како што веќе беше наведено во информацијата непосредно по отворањето на истрагата, особено во однос на активностите на Државниот пазарен инспекторат и Дирекцијата за заштита и спасување, но и на сите други надлежни институции, Министерството за внатрешни работи продолжува да врши проверки во насока на утврдување на сите пропусти во текот на целиот временски период на работа на клубот. Доколку се обезбедат докази, во истрагата ќе бидат опфатени и други лица кои иако биле свесни дека поради нивното сторување и несторување може да настапи штетна последица, се согласиле со нејзиното настапување и придонеле за катастрофалниот исход“,
соопштија од Јавното обвинителство за „360 степени“.
Верижни пропусти
Следното големо прашање е за т.н. верижни пропусти. Според истражната постапка, сите осомничени лица се гонат за исто кривично дело кое довело до истата штетна последица.
Јавното обвинителство и МВР на терен во Кочани
Тоа значи дека, на пример, ќе треба да се докаже дека нешто што сторил или не сторил градоначалникот во 2012-та било причина за пожарот настанат од пиротехника на 16 март 2025 година во кој загинаа 59 лица.
Таквиот пристап може да донесе поголеми казни, изјави адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска за „360 степени“, но со себе носи и тешкотија, што таа ја претстави преку хипотетички пример.
„Ако јас возам автомобил од 2012 година со кој не поминувам на регистрација, односно не поминувам на технички преглед и тој е реално неисправен, односно немам потврда дека е исправен…“
360°: Или имате фалсификувана потврда, фалсификувана сообраќајна…
„Или некој таму замижувал пред техничкиот преглед на разните пропусти што ги има во мојот автомобил. Јас го возам од 2012 до 2024 г., но додека го возам, имам среќа – не предизвикувам штетна последица, не прегазувам никого, не повредувам никого“
Сузана Јошевска-Анастасовска, адвокатка
360°: А потоа го преземам јас.
„Потоа го преземате Вие во 2024 г. и на вас ви откажуваат кочиците и вие прегазувате пешак. Јас не можам за вашата жртва да одговарам, ниту, пак, тие коишто мене ме пропуштиле, бидејќи тој автомобил секоја година се регистрира, секоја година оди на технички преглед. Тие што мене ме пропуштиле може да одговараат бидејќи несовесно работеле во службата и за тоа има соодветно кривично дело. За жал, обвинителството дали во желба да одговори на овие потреби на јавноста дека овде треба да бидат запретени високи казни зашто трагедијата е навистина голема, а кај несовесното работење имаме мали казни, имаме скратена постапка, имаме предлог итн., не се одлучило секој во своите дејствија да одговара и со тоа да се испорача брза и ефикасна правда и да се даде порака дека навистина секој ќе одговара за своето, но ќе одговара во рамки на соодветна правна квалификација, туку, конфекциски, решило да ги стави сите во едно дело и на тој начин да обезбеди притвори и големи казни, но тоа не ги задоволува потребите на правда“,
изјави адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска.
Дополнително, ако се следи веригата на пропусти, треба ли да се постави прашањето за одговорност за законските измени во 2008 година?
До тогаш, во Законот за угостителска дејноста се пропишувало дека кога некој сака лиценца:
„Директорот на Државниот пазарен инспекторат или одговорен работник овластен од него, врз основа на барање на угостителот, издава решение дека се исполнети минимално – техничките услови“,
било пропишано во членот 7 од Законот за угостителска дејност.
Потоа, оваа одредба е заменета со нова, според која не е потребна контрола за издавање лиценца туку сам да гарантира барателот на лиценцата, со потпис.
„Токму тоа ви го кажувам, тука е пропустот со измените во законот во 2007-ма година дека правното лице е тоа коешто самото тврди дека ги исполнува условите. Да, тоа е проблемот. Никој не го проверува, законот не предвидува“,
Имајќи предвид дека за веригата на пропусти се осомничен и седум полицајци, во моментов за предметот има 34 осомничени. Ако остане пристапот сите да се товарат за својата улога во една постапка, на крај се ќе продолжи во големо судење против многу обвинети. А таквите, историски, не се покажале како многу успешни.
Полициско обезбедување во Кочани
На овие дилеми од обвинителството велат:
„Доказите се уште се прибираат и се анализираат. Од доказите прибрани во истрагата ќе зависи натамошниот тек на постапката и во поглед на бројот, својството и дејствијата на лицата против кои таа постапка ќе продолжи во следна фаза. Додека во тек е истрага, би било несериозно да се шпекулира и со обемот на евентуална идна судска постапка и со опсегот на кривични дела за кои таква постапка би се водела.“
Одговорите од обвинителството на поставените дилеми во оваа сторија, барем во моментов, не се конкретни.
Но, дополнуваат од таму, во оваа фаза на постапката не можат да споделат повеќе детали, за да не ја загрозат постапката.
„Добро е што јавноста е будна, добро е што јавноста поставува прашања, ве охрабрувам и понатаму да продолжите во истата насока, но институциите мора темелно, законито и професионално да си ја сработат работата“,
кажа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на 21 март 2025 година.