Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во говорот пред парламентарците рече дека тоа е гаранција за поголема слобода и поголем пристап до знаење
Илјадници демонстранти денеска протестираа во Атина против владиниот план да дозволи работа на приватните универзитети. Во протестите главно место имаат студентите кои со недели протестираат, окупирајќи ги зградите на државните факултети, пренесуваат српските медиуми.
Се очекува законот денеска да биде одобрен од пратениците во грчкиот парламент.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во говорот пред парламентарците рече дека тоа е гаранција за поголема слобода и поголем пристап до знаење.

Опозициските партии се спротивставуваат на донесувањето на законот со тврдење дека е прекршување на Уставот.
Пратеникот на најголемата опозициска партија, левичарската Сириза, Харис Мамулакис, за време на тридневната расправа во парламентот рече дека владата на тој начин го воведува концептот на меритократија која се плаќа со школарина.
„Кој има пари, ќе ја проучува темата: Моќта на привилегијата“,
рече тој.
На видеото, кое го пренесува Македонската информативна агенција (МИА) на Фејсбук, се гледа како демонстрантите и полицијата доаѓаат во судир. Со цел да ги растури протестите, полицијата употребува димни бомби и солзавец.
Образовните реформи во Грција честопати се политички обоени, а универзитетскиот активизам е историски поврзан со продемократските движења, но исто така се користи како засолниште за насилните протестни групи.
Иако приватното високо образование е легално во Грција, новиот закон ќе ги направи дипломите од приватните институции еднакви со тие на државните универзитети. На странските универзитети ќе им биде дозволено да отвораат филијали во Грција со непрофитен статус и покрај тоа што наплаќаат школарина.
Според Министерството за образование, повеќе од 650 000 студенти посетуваат настава на државните универзитети во Грција, а 40 000 студираат во странство.
Владата на Мицотакис неодамна воведе голем број прогресивни реформи во Грција како што се легализацијата на истополовите бракови и воведувањето поштенско гласање за претстојните избори за Европскиот парламент во јуни.