Пред Кривичниот суд во Скопје попладнево се одржа протест за поддршка на осудените лица за убиството на Никола Саздовски, кој беше брутално претепан на 29 јуни 2018 година.
Групата демонстранти предводени од роднини на осудените лица и членови на навивачката група „Шверцери“ носеа транспаренти со порака „Не сме извршиле свирепо убиство“.
„Денес заедно со семејствата и пријателите протестираме за правата на нашите пријатели и браќа. Го креваме гласот против неправда. Не бараме ништо повеќе од вистината. Поминаа две и пол години, се надевавме на правда, затоа молчевме. Но, одлуките засновани на етничка припадност не ни оставија простор да се надеваме… Пред две и пол години осудените, не размислувајќи добро, го нападнале покојниот Никола Саздовски и никој не го негира ова. Осудените не сакаа да му го одземат животот, целта беше само физички напад, а кој заврши со случајна смрт. Се случи спонтано, без претходно планирање. Така што, осудените не сакале да му го одземат животот. Тие никогаш не размислувале за убиство, уште помалку за свирепо убиство. Постојат различни докази, но очигледно не сакаат да ги земат во предвид“,
порачаа дел од роднините на осудените лица за убиството на Саздовски.
Демонстрантите побараа преиспитување на судската пресуда и преквалификација на делото од свирепо убиство во насилство со смртни последици.
„Свирепо убиство беше случајот на Алмир, но тие велат дека станува збор за несреќен случај со фатални последици. И, ако Бесир се викаше Бобан, веројатно немаше да биде осуден на 16 години затвор. И, ако Скендер се викаше Бобан, тој немаше да биде обвинет за свирепо убиство. И, ако Јетон се викаше Бобан, овој протест не би се одржал. Оваа одлука е еднострана и не ја прифаќаме оваа одлука. Бараме преиспитување на оваа неоснована одлука. Бараме правда од Врховниот суд. Уморни сме, но не се предаваме“,
порачаа демонстрантите.
Инаку, семејството на убиениот Никола Саздовски и претставници на навивачката група „Комити“ вчера до Јавното обвинителство поднесоа жалба поради намалувањето на казните на извршителите на убиството од 19 на 16 години затвор.
„Максималната казна за ова дело е доживотен затвор, но за лица помали од 21 година, односно доколку извршителите немаат 21 година во време на извршување на делото не можат да бидат осудени повеќе од 20 години. Зарем тоа не е доволно олеснителен момент за овие лица. Биле млади, зарем Никола беше стар. Зарем се двоиме во Република Македонија на млади и стари. Не, тоа не би требало да биде така. Затоа ние овде дојдовме да изразиме еден мирен протест и револт. Доставивме до јавниот обвинител едно барање да го продолжи процесот да бара максимална казна од третостепениот суд, односно од Врховниот суд и се надеваме дека Врховниот суд тоа ќе го усвои, односно да ја потврди онаа 19-годишна казна што ја изрече првостепениот суд“,
порача таткото на Никола, Тони Саздовски, по поднесувањето на жалбата.
Никола Саздовски, припадник на навивачката група „Комити“, почина по бруталното претепување на 29 јуни 2018 година. За свирепо убиство на Саздовски беа осудени Бесир Беља и Скендер Демири на по 19 години затвор. Во моментот на кривичното дело немале наполнето 21 година, поради што не им била досудена доживотна казна затвор.
