Собраните граѓани побараа да бидат објавени сите тајни договори поврзани со реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, итно апсење на сите одговорни и ослободување на сите приведени, како и вонредна контрола на сите инфраструктурни проекти кои се започнати или спроведени во изминатите десет години
Граѓани вечерва се собраа на протест во српската престолнина со цел да го изразат својот револт поради уривањето на натстрешницата на зградата на Железничката станица во Нови Сад, ппри што загинаа 14 лица, а тројца се тешко повредени.
Протестот го организираа опозициските партиии и движења, а започна со минута молчење и читање на имињата на загинатите. Откако се собраа пред Владата на Србија, протестната колона се упати низ улиците на Кнез Милош и Кралот Милан кон Претседателството на Србија, каде беа упатени неколку барања меѓу кои и оставка на премиерот Милош Вучевиќ и на градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
Собраните граѓани побараа и да бидат објавени сите тајни договори поврзани со реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, итно апсење на сите одговорни и ослободување на сите приведени, како и вонредна контрола на сите инфраструктурни проекти кои се започнати или спроведени во изминатите десет години.
„Четиринаесет човечки животи згаснаа поради нечие невнимание, неодговорност, површност и бескрупулозност. За жал, во последните неколку години забележавме одреден тренд на девалвирање на мислењето на професијата, не вклучување во носење важни одлуки, неможност да се реагира и посочување на потенцијалните проблеми, а сето ова доведе до тоа многумина од нас да ја вртат главата, да не сакаат да видат, слушаат и не сакаат да кажат ништо“,
порача Ана Ферик-Ивановиќ, архитектка од Нови Сад.
На протестот беа лидерите и преставници на Народното движење на Србија, Зелено-левиот фронт, Еколошкото востание, еколошки активисти на Здружението „Не го даваме Јадар“ Демократската партија (ДС), Српски центар , ПОКС, ПСГ.
„Ни велат да бидеме мирни и да веруваме во институциите. Во кои институции треба да веруваме после се? Дали треба да веруваме во полицијата која апси средношколци и студенти кои протестираат по изборната кражба во декември минатата година и по паѓање на натстрешницата, а не ги гледа силеџиите, мафијашите и параполицијата, кои на истите тие протести ги малтретираат граѓаните и спроведуваат граѓански апсења“,
рече адвокатот Јован Рајиќ.
Според него, жртвите кои се убиени, како што тврди, од корупција и неодговорност.
„Немаше несреќа, судбината не ги однесе поради сплет на околности, беа убиени. Ги уби корупција, криминал, необјавени договори, нечија негрижа и алчност. Затоа сме сите тука, да бараме одговорност и правда. Овој народ е гладен за правда“,
изјави Рајиќ.
Пратеникот Срѓан Миливојевиќ од ДС на протестот пред Претседатеството на Србија изјави дека зградата е полна со полиција и порача дека барањата ќе бидат доставени до Народното собрание.
Обвинителството во Нови Сад покрена истрага за несреќата во која соопштија дека се сослушани најмалку 53 лица, а единствена оставка досега поднесе министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ. Државните функционери, меѓу кои и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјавија дека оставката на Весиќ нема да биде единствена и дека ќе бараат политичка и кривична одговорност за несреќата.