Од Левица оценуваат дека при интервенцијата е употребена сила и најавуваат дека ќе ги искористат сите правни и институционални механизми за расчистување на случајот
Од МВР информираат дека лицето е приведено во полициска станица за сторен прекршок по чл. 3 од Законот за спречување насилство и недостојно однесување на спортски натпревари
Попладнево е приведен Андреј Куцуловски, претседателот на младинско движење на политичката партија Левица, „Црвена младина“, откако за време на ракометен натпревар на кадетите меѓу Македонија и Израел, кој се одржа во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје, го истакнал палестинското знаме.

Информацијата за неговото приведување ја објавија од Левица преку објава на Фејсбук, каде што посочија дека тој без никакво образложение грубо е оттурнат од полициските службеници и со лисици на рацете е однесен во полициска станица.
„Андреј Куцуловски е приведен поради мирно и достоинствено истакнување на знамето на Палестина и тоа како да станува збор за високоризичен криминалец! Без никакво образложение, без наведување основ за лишување од слобода, без посочување кривично дело или прекршок, тој беше грубо оттурнат и со лисици однесен во полициска станица. Во целиот чин ниту еден од полициските службеници не се легитимираше“,
пишуваат од партијата за случајот.
Од Левица оценуваат дека при интервенцијата е употребена сила и најавуваат дека ќе ги искористат сите правни и институционални механизми за расчистување на случајот.
„И додека на ДПМНЕ и на министерот Панче Тошковски им ‘се провлекуваат‘ и им бегаат вистински криминалци, полицијата под негова надлежност ревносно демонстрира сила врз млади луѓе кои не направиле ништо освен што изразиле човечност. ДПМНЕ денес се апси за знаме, утре ќе се апси за мисла!“,
се вели во реакцијата од Левица.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираат дека попладнево е пријавено дека за време на одржување финален натпревар од Светско училишно првенство во ракомет меѓу Македонија и Израел во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје, А.К. (28) истакнал знаме од Палестина по што е спроведен во полициска станица.
„Лицето е приведено во Полициска станица за сторен прекршок по чл. 3 од Законот за спречување насилство и недостојно однесување на спортски натпревари“,
се вели во полициското соопштение.
По целосно документирање на случајот, според полицијата, ќе биде поднесен соодветен поднесок.
