Според поранешниот дополнителен заменик-министер за земјоделство, езерото е повлечено од 50 до 500 метри, а нивото е намалено за пет метри
Преспанското Езеро е повлечено од 50 до 500 метри кон средината, а нивото на езерото е опаднато за над 5 метри. Ова е рамно на еколошка катастрофа. Изумрена риба на бреговите, намален кислород во езерото, со што практично е загрозен целиот рибен фонд, и опасност од трајно исчезнување на езерото, предупреди денеска Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, дополнителен заменик-министер за земјоделство во техничката влада.
Според него, ова пред сѐ е резултат на големото трошење на водата од Црн Дрим за производство на струја и големиот одлив кон Охридското Езеро, но и непланското трошење на водата од Преспанското Езеро.
„Преспанското Езеро го полни Охридското Езеро и, доколку дотурот на вода е слаб, а одливот голем, може да дојде до целосно пресушување, што во моментов и практично се случува“,
вели Трипуновски.
Тој посочи дека се става во крајна опасност опстанокот на езерото, на туризмот во регионот, но и на животинскиот и растителниот свет во овој регион.
„Во Албанија имаше и парламентарна расправа и се активираат голем број на чинители за спас на езерото, но во Македонија, каде што се наоѓа поголемиот дел од езерото, Владата молчи и дозволува тоа бавно да исчезнува и пресушува“,
рече Трипуновски.