Тој ги повикува сите граѓани да прифатат дека органодарителството е највисок акт на човечност и ја подига свеста за уште многу успешни трансплантации за излекување и за спасени животи
Премиерот Зоран Заев ќе ги донира своите органи, со што сака лично да придонесе за спасување нечиј живот.
Тој оваа своја намера ја откри во видеоизјава посветена на донирањето органи, што го нарекува највисок чин на хуманост.
„Понекогаш, пресадувањето органи и ткива е единствен метод за лекување на болните и спас за животот на некои наши сограѓани. Најголем проблем претставува недостигот од органи и ткива, кои се соодветни за пресадување и донори. Во таа насока секој од нас може да придонесе. На пример, секој од нас може да се посвети на ширењето на свеста и на едукацијата за донирање органи и ткива“,
вели Заев, притоа изразувајќи поддршка и солидарност кон оние што чекаат пресадување органи, како и огромна благодарност кон сите дарители и нивните семејства.
Тој ги повикува сите граѓани да прифатат дека органодарителството е највисок акт на човечност и хуманост, и ја подига свеста за уште многу успешни трансплантации за излекување и за спасени животи.
„Не постои ништо похумано од тоа некому да му го продолжите животот, со донирање орган, а не постои поголемо охрабрување и надминување на стравовите и дилемите околу донирањето доколку сите ние повеќе зборуваме за тоа“,
вели Заев во својата порака.