Во видеото премиерот на својот син му објаснува дека зелената иднина е всушност зелена енергија, а тоа значи поевтина струја, работни места и енергетска независност
Седнат во кујна со својот малолетен син, на маса со велигденски јајца и боја за вапцање, е сцената од видео честитката со која премиерот Димитар Ковачевски годинава го честита христијанскиот празник Велигден.
Во видеото тој на својот син му објаснува зошто се вапцаат јајца велејќи дека тоа симболизира нови почетоци и нови промени, а потоа зборуваат за зелената енергија.
Дел од дијалогот во видеото е:
Синот: Учевме дека зелената иднина е многу важна. Затоа јас ќе го бојам зелено!
Ковачевски: А, зошто е важна?
Синот: Затоа што така ја штитиме и нашата земја и планетата.
Ковачевски: Така е. Зелената иднина е всушност зелена енергија, а тоа значи поевтина струја, нови работни места и енергетска независност.
Синот: Има зелена енергија?
Ковачевски: Да. Тоа е енергија од обновливи извори.
Синот: Како од сонцето и ветерот?
Ковачевски: Да, точно така.
Синот: Ајде да направиме повеќе ветерници!
На крајот од видеото, премиерот се обраќа директно во камерата и порачува:
„Драги граѓани, промените се оние кои носат прогрес и развој. Велигден е голем празник кој симболизира токму промена, надеж и нови почетоци. На овој голем празник сакам вам и на вашите најблиски да ви посакам добро здравје, но и да ве уверам дека заедно ќе се справиме со сите предизвици и ќе создаваме подобра и посветла иднина за сите нас. Нека ни е честит Велигден!“
Видеочеститката на Ковачевски може да ја погледнете во продолжение.