Една од мерките за заштита на јавното здравје во време на ковид-19, која најтешко им паднаа на граѓаните, се забраните и ограничувањата на веселбите и прославите, но и погребите и помените. Но, правото да се прослави нешто или испрати некој понекогаш не можеше да се спречи. А, Македонија не е исклучок. Што е поважно – јавното здравје или правото да се слави и тажи?
Само двајца сведоци беа дел од судбоносното „да“ на пар од Скопје. Младенците одлучиле да ја завршат свеченоста наместо да ја одложат, иако тоа значеше дека членовите на најблиското семејство ќе ги чекаат пред, а не во зградата на матичната служба.
„Нормално не е едноставно, зашто треба нели многу пазење, со маски со едно со друго, ама се прилагодуваме. Не може прослави, нема ништо ама, добро. Ќе видиме до година, ако биде нешто плус, а сега засега тоа е”,
велат младоженците.

Склучувањето бракови во време на епидемијата не прекина, но прослави се забранети.
Со забрана за танцување, забрана за жива музика и ограничување за четворица гости на маса, свадба не се прави. А со такви правила, барем во центарот на Скопје, ретко може да се види место каде атмосферата наликува на забава.

„Ковидот да го тргнеме на страна, прославите и кафаните се друга работа. Тоа зависи од расположението на човекот, а ковидот малце е клише сега за сега“,
вели Филип Костадиновски, еден од гостите во кафеана во центарот на Скопје.
Додека дел од гостите колку-толку се релаксираат, угостителите книжат загуби.
Рестрикциите ја променија работата особено на локалите познати по вечерните забави. Па, од еден вид диско-клубови, станаа обични кафулиња.

„Еден осврт да направиме со ланскиот период декемвриски и овој е поразителен, 80-90 отсто сме паднати. Ланскиот период не можеше да се помине тука…“,
вели угостителот Трајко Цветков.
Дел од угостителите гледаат вина во оние што не ги почитуваат мерките, па поради нив – велат – страда цел сектор.

„Не ставаат во една незавидна ситуација нас угостителите кои се бориме моментално со крајни маки да ги испочитуваме протоколите и да и докажеме и на државата и на Комисијата за заразни болсти дека почитуваме протоколи, иако не прозваа пред два-три месеца дека сме извор на зараза“,
вели Цветков.
Еден од начините преку кој некои угостители ги заобиколуваат протоколите е што ги советуваат свадбарите и други групи, да не носат костуми и венчаници, за да не го привлечат вниманието на инспекторите и полицијата.
Дека не станува збор за урбан мит, потврдуваат пазарните инспектори.

„Имало такви ситуации кадешто се направил обид од страна на угостителите да направат вид на измама или заобиколување на реалноста, меѓутоа нашето искуство, искуството на терен, познавањето на законите и протоколите ни овозможува во одредена ситуација точно да утврдиме дали станува збор за прослава, забава или обичен ручек, вечера. И тие ситуации не успеале, биле соодветно казнети“,
вели Александра Котели, пазарен испектор.
Но, контролата на терен не оди секогаш лесно. При снимањето заедно со инспекторите низ Скопје наидовме на случај во кој на иста маса седеа повеќе гости од дозволеното. Штом ги видоа инспекторите, експресно се распрснаа на други маси.

“Кога се работи за ситуација кадешто едно лице е плус на маса и во моментот на надзорот не е веќе на таа маса, во тој случај не постапуваме“,
вели Котели.
Без веселби се прават најголем дел од свадбите и во соседна Србија.

„Не сме разочарани, важно е дека се венчавме, вака убаво во црква. Ќе има време и за веселби, ќе има деца, па можеби тогаш ќе направиме прослава за крштевка на детето“,
вели младоженесоц Ѓорѓе Вучковиќ од Ниш.
Но, други решиле да почекаат додека не се дозволат прослави.
Милјана Ѓорѓевиќ од Ниш засега носи само свршенички прстен. Од почетокот на пандемијата, свадбата ја одложила два пати.

„Не ми беше сеедно, бидејќи се беше веќе организирано. Купивме и бурми испланирав и која венчаница ќе ја носам, речиси се беше готово. Сепак, такво нешто не се планира секој ден во животот. Сакате тој ден да биде ваш и да биде баш така како што сте сакале да изгледа“,
вели Ѓорѓевиќ.
Во ресторанот каде планирала свадба, последна веселба имало на почетокот на март – што е огромен финансиски удар.

„Без никакви приходи невозможно е да покриете трошоци, освен со кредити. Но, и тоа не може да оди до бескрај. Така што, состојбата не е страшна, состојбата е очајна“,
вели Марина Стошиќ, угостителка од Ниш.
Но, додека во име на јавното здравје владата во Белград ги ограничи свадбените прослави, на интернет-страниците на ресторани и хотели во Србија се нуди дочек на Нова Година.
Во Македонија има друга појава – наголемо се нудат и бараат станови и вили.

Со други зборови, додека чесните одложуваат свадби или ги прават без прослави, други бараат „дупки“ во законот.
Токму поради овој ризик од тајни забави, Независната угостителска комора во Македонија бараше да се дозволат веселби во угостителски објекти со одредени протоколи, кои би биле унифицирани за целиот балканскиот регион.

„Трагедијата е што угостителските објекти по сите анализи во денешно време кога се гледа, не само што не допринесоа, не беа ни причинители за бројот на заболени, туку несоодветните протоколи кои што немаше контрола на организација на забавите кои веќе не може да се организираат во угостителските објекти и преминаа во т.н алтернативни решенија за начин на забавување или андерграунд забави, во којшто масовно се изнајмуваа вили, куќи, базени итн и дојде до ситуација да се појави овој број на заболени“;
вели Здравко Јосифовски од НУК.
Каква и да е контролата на угостителските објекти, таа постои.
По вили и станови, никој нема надлежност да контролира дали се почитуваат мерките против ковид-19. Вакви слики се чини допрва ќе гледаме, бидејќи на прагот се и слави и празници.

Во пресрет на најголемите денови за православните верници, полни се верските храмови. Со или без заштита, верници доаѓаат на литургија и причест.
„Секој кој милува да дојде во Божјиот храм, ние не можеме да го спречиме. Можеме само, ако го видиме дека е без маска, можеме да му дадеме една не наредба, туку молба – „ве ставете ја маската, бидејќи може да бидете потенцијален носител на ковид-19“,
вели Зоран Пешевски – домаќин на светиот храм „Св Климент Охридски“.
За Василка Попоска верските собири не се закана за ширење на вирусот. Но, домашната слава, вели, годинава нема да биде како претходно.

„Обичаите заедно со сопругот дома ќе си ги направиме што следува за славата, на отецот нема да му згрешиме, што треба ќе сториме за заштитникот на семејството, а тоа е отецот Свети Никола кој не само јас туку и многу други го слават како слава“
вели таа.
Истото мислење го делат и други верници.
„Не е веќе она што беше порано. И онака луѓето се оддалечија еден од друг, па сега со коронава, – ептен. Порано се собиравме, ќе дојдат кај мене, ќе одиме ние, сега го нема тоа. Станавме бетер од Запад“,
вели Маја Симоновска.
Бакнувањето икони и причест со иста лажичка – претходно го поделија мислењето на јавноста поради ризикот од ширење на вирусот. Иако не ја спорат заканата од ковид-19, дел од свештените лица се децидни – причести ќе има и за Божиќ по стари правила.

„Кога би секнала причесната, јас ви кажувам дека ковидот ќе биде уште пораширен. Се додека Господ го имаме и се додека Господ го примаме, јас велам дека тоа ќе спласне. Да не очекуваме дека злото ќе го победиме без доброто. Во никој случај. Бидете сигурни и бидете сигурни дека додека се причестуваат луѓето е подобро, но кога се болни нека не доаѓаат“,
вели Сашко Николовски, отец од Скопската епархија.
Новите навики тешко им паднаа и на муслиманите. Свештениците велат дека венчавките се прават во најтесниот круг на семејствата, а намален е и бројот на верници кои доаѓаат за молитва.

„Верувајте, за разлика од другите места како што се кафеани, ресторани и др, во џамиите и додека ги вршиме верските ритуали, најмногу се почитуваат протоколите“,
вели Кенан Исмаили, муфтија на Скопското муфтивство.
Еден од најголемите предизвици беше да се едуцираат верниците за новите правила и за погребните ритуали.
Иако забраните за групирање на повеќе од четири лица на јавен простор важат секаде во Македонија, пред капелата на гробиштата во Бутел секогаш не се почитува ова правило.

Ако лицето е починато од ковид-19, не смее да има никакви верски погребни ритуали, а право на присуство имаат максимум 5 лица.
И поповите и оџите велат дека свеста на луѓето за здравјето е поголемо сега отколку на почетокот на епидемијата, но додаваат дека има исклучоци кога желбата да се испрати покојникот ги крши протоколите.
„Тоа се тажни моменти, кои влијаат на луѓето. Затоа сме тука да им го дадеме мирот. Свесни сме во која состојба се, свесни сме колку биле сакани тие луѓе што си заминуваат. Свесни сме дека за последен пат сакаат да си ја изразат љубовта еден кон друг, но треба да се заштитиме во моментов. Не е целта да замине и некој друг или да заболи, зашто се е можно“,
вели отец Николовски.

„Знаете како е, вие гледате како се напаѓаат лекари, значи многу се чувствителни овие ситуации и теологот мора да биде внимателен во моментот кога некој погребува татко, мајка, роднина да му кажеш немој да се приближиш, надвор од гробишта, тоа е нонсенс. Затоа ние сме трудиме да ја кренеме свеста,“
вели Исмаили.
Свештениците, сепак, не се надлежни за спроведување на протоколите. Тие што имаат таква моќ, како полицијата и управата на скопските гробишта Бутел, не ни одговорија во колку случаи е утврдено прекршување на протоколи при погреби.
А цела јавност виде дека барем во еден случај беа присутни на таков настан.

Поранешниот пратеник, Амди Бајрам, го испратија стотина присутни. Имаше и поворка, која ја предводеше полициско возило. На погребот беа и членови на најтесното семејство кои биле во контакт со политичарот, кој почина од ковид-19.
Од друга страна, многу обични „смртници“ не добија шанса за последен поздрав со своите најмили. Некои поради ограничувањата за бројот на присутни, а други бидејќи имаа решенија за изолација.

Ограничувања за присуство на погреби има и во Србија, но и таму не се почитуваат секогаш. Таков беше случајот со поглаварот на Српската православна црква, кога и покрај препораките, голем број верници без заштитни маски дојдоа да му оддадат почит на патријархот Иринеј кој почина од ковид-19, а го бакнуваа и стаклото од ковчегот.
Дали ќе има нов раст на заболени по славите и празниците, најмногу ќе зависи од совесноста на граѓаните и одлуката – дали да се загуби некоја веселба или да се ризикува губење на нечие здравје и живот.
АВТОРИ: Ирена Каревска и Гордана Бјелитиќ