Пожарникарите во разговор со Ангелов велат дека ќе успеат да го изгаснат пожарот, притоа изразувајќи благодарност за вклучувањето на двата „ертрактори“ кои помогнале во запирањето на стихијата на местата кои биле непристапни за екипите кои дејствуваат од земја
Како најтежок од денешните пожари, Ангелов го оцени оној што беснее помеѓу Општина Струга и Општина Кичево. Таму утрово дејствувал хеликоптер на Армијата на Република Северна Македонија како поддршка на пожарникарите од Струга и очекува огнената линија денеска ќе биде прекината
Два „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) попладнево дејствуваат над селото Грачани во чија близина вчера навлезе пожар кој избувна на косовската страна од границата, информира директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.

Во вонредна изјава, тој вели дека пожарот се приближил и претставува закана за селото, но се надева дека дека пожарникарите кои се распоредени на местото, со помош на „ертракторите“, ќе успеат да ја пресечат огнената линија, која, како што соопшти, е долга повеќе од пет километри.
Во друга изјава дадена околу половина час подоцна, Ангелов соопшти дека храбрите скопски пожарникари успеале да ја стопираат линијата на огнот и да спречат тој да не навлезе во селото.
Пожарникарите во разговор со Ангелов, велат дека ќе успеат да го изгаснат пожарот, притоа изразувајќи благодарност за вклучувањето на двата „ертрактори“ кои помогнале во запирањето на стихијата на местата кои биле непристапни за екипите кои дејствуваат од земја.
„Според фактичката состојба, досега е веќе завршено. Значи, запрен е (огнот) каде што требаше да се запре, за да не навлезе и да фати надолу. Момчињата од Дирекцијата многу ни помогнаа. Со сите ресурси одиме колку што се може и колку што не се може, но добро е да се искоординираме бидејќи со повеќе луѓе ќе ги завршиме сите делови“,
вели еден од пожарникарите на скопската Противпожарна бригада, кој е дел од тимот ангажиран на пожарот во близина на селото Грачани.
Покрај овој пожар, како што информира Ангелов и денеска, активни се уште неколку огнени стихии на отворено на територијата на државата.
Меѓу нив се и двата пожари на територијата на на Општина Студеничани, кои, како што вели директорот на ДЗС, некој повторно ги запалил во утринските часови или во текот на ноќта. Сепак, додава, тие не претставуваат закана за населените места и очекува наскоро да бидат ставени под контрола.
Како најтежок, Ангелов го оцени пожарот што беснее помеѓу Општина Струга и Општина Кичево. Таму утрово дејствувал хеликоптер на Армијата на Република Северна Македонија како поддршка на пожарникарите од Струга.
„Верувам дека денес огнената линија ќе биде прекината. Истиот нема да претставува закана за селата“,
рече Ангелов.
Тој повторно упати апел до граѓаните и понатаму да бидат внимателни, затоа што, како што вели, доволна е само една искра за да дојде до катастрофа.
„Имаме најава за дожд во вечерните часови и за утре попладне, но сепак сè додека не заврне дожд опасноста e извонредна висока“,
изјави Ангелов потсетувајќи дека вчера на територијата на државата имало повеќе од 40 пожари на отворен простор.
