Професионалниот војник Христијан Божиновски, додека заминувал од работа, забележал дека пламенот веќе зафатил неколку возила. Божиновски веднаш побарал поддршка од припадниците на Армијата кои биле на должност на воениот стадион и веднаш пружиле помош, употребувајќи противпожарни апарати од едницата

Пет патнички возила биле зафатени во пожар што избувна попладнево на улицата „Лазар Личеноски“, во непосредна близина на скопското Кале, спроти Градскиот стадион.
Според информациите од Противпожарната бригада на Град Скопје, во инцидентот две возила изгореле целосно, додека кај преостанатите три е причинета делумна материјална штета.
Пожарот бил пријавен во 15:40 часот, а првичните информации биле дека горат сува трева, смет и паркирани автомобили.
Командантот на Противпожарната бригада, Звонко Томески, за МИА потврди дека на терен веднаш биле испратени три противпожарни возила и осум пожарникари.
Благодарение на брзата реакција на екипите, пожарот бил ставен под контрола и спречено е негово дополнително ширење.
„Со брза интервенција на екипите, пожарот е локализиран и целосно изгаснат во 16:40 часот“,
информира Томески.
За пожарот информација е објавена и на фејсбук-страницата „Армија на Република Северна Македонија“. Во објавата, која е проследена со видео, се вели дека денеска околу 15:40 часот, на поранешниот полигон за обука за моторни возила, професионалниот војник Христијан Божиновски, при заминување од работното место, забележал дека неколку паркирани возила се зафатени од пламен.
„Проценувајќи ја сериозноста на ситуацијата и опасноста пожарот да се прошири врз останатите паркирани возила, војникот Божиновски веднаш стапил во контакт со командирот на воениот стадион во Скопје, барајќи поддршка за локализирање на огнот. Припадниците на Армијата кои ја извршувале должноста на воениот стадион во Скопје, веднаш пружале помош, употребувајќи противпожарни апарати од едницата“,
се вели во објавата.
Поради големината на пожарот, и проценувајќи дека не може да се угасне, започнале со дислокација на неопожарените возила, со што успеале да го спречат ширењето на огнот.
При интервенцијата, професионалниот војник Христијан Божиновски се здобил со полесни повреди на едната рака и му била пружена соодветна медицинска помош.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) велат дека едно лице е повредено во пожар кој попладнево избувна под скопското Кале каде што гореле сува трева, смет и паркирани автомобили.
Според првичните информации од полицијата, во пожарот е повредено едно лице, а опожарени се три возила.
