Попладнево, односно до вечер треба да се одржат уште две рунди гласање, кои кај илјадниците верници собрани на плоштадот „Свети Петар“ во Рим ја подгреваат надежта дека денеска ќе биде избран новиот папа
Блиската историја сугерира дека за изборот на новите папи обично се потребни два до три дена, но дали тоа ќе биде случај и сега е тешко да се предвиди
Црн чад денеска кратко пред пладне се појави од оџакот на Сикстинската капела, означувајќи дека кардиналите и по двете утрински гласања сè уште не го избрале новиот папа, објавија светските медиуми.

И денешните две претпладневни гласања на конклавата, како и вчерашното прво, се покажаа разочарувачки за илјадниците верници кои повторно се собраа на плоштадот „Свети Петар“ каде со нетрпение го очекуваат наследникот на папата Франциск, кој почина минатиот месец на 88-годишна возраст.
По утринските рунди гласање, кардиналите, како што пренесе дописникот на „Гардијан“, сега заминуваат на ручек.
Во Сикстинската капела се очекува да се вратат околу 16:40 часот, бидејќи попладнево треба да има уште две гласања.
Според забелешките на медиумите кои во живо го следат активирањето на оџакот, кој се гледа од плоштадот „Свети Петар“, денеска кардиналите биле поефикасни во гласањето, бидејќи чадот се појави порано од предвиденото. Вчера црн чад од оџакот се појави повеќе од три часа по почнувањето на конклавата.
За избор на папа е потребно двотретинско мнозинство, или 89 гласови. Белиот чад од оџакот е сигнал за католичките верници дека е избран нов црковен водач.
На конклавата во Ватикан учествуваат рекордни 133 кардинали од 70 земји кои за својот фаворит се изјаснуваат со тајно гласање. На претходната конклава во 2023 година, кога беше избран Франциск, учествуваа 115 кардинали од 48 земји.
Единствениот контакт на конклавата со надворешниот свет е преку чадот од оџакот, кој се создава со палење на гласачките ливчиња со специјални хемикалии кои ја одредуваат неговата боја.
Историскиот преглед што го направи „Гардијан“ покажува дека некои од конклавите биле навистина долги и исцрпувачки.
На кардиналите во 13. век им биле потребни три години или над 1 000 дена да го изберат папата Григориј Десетти.
Но имало и конклави кои завршиле уште првиот ден. Таков е случајот со изборот на папата Јулиј Втори во 1503 година, кој бил избран по само 10 часа.
Ако се погледнат последните 150 години, процесот за избор на папа денес обично е многу пократок.
Најдолгата конклава во овој период била онаа за изборот на папата Пиј Единаесетти во 1922, која траела пет дена.
Папата Франциск беше избран на вториот ден од конклавата во 2013 година, по пет круга гласање.
На кардиналите им беа потребни само четири круга гласање за да го потврдат Бенедикт Шеснаесетти како нов папа во 2005 година, а идентичен бил случајот и со изборот на Јован Павле Први во 1978 година.
Малку повеќе време било потребно за изборот на папата Јован Павле Втори во 1978 година. Тогаш конклавата траела три дена и имало осум круга гласање.
Папата Јован Дваесет и трети во 1958 година бил избран по 11 круга гласање за четири дена, додека неговиот непосреден претходник, Пиј Дванаесетти, бил избран по само три круга.
Ова значи дека блиската историја сугерира дека за изборот на новите папи обично се потребни два до три дена.
Дали тоа ќе биде случај и сега е тешко да се предвиди, бидејќи процесот е толку таен, со толку многу променливи, како и рекорден број кардинали кои се присутни на конклавата.