Исландските власти соопштија дека ефектите од ерупцијата остануваат локализирани, затворени се патишта, но нема закана за локалното население
Вулкан еруптираше во југозападен Исланд на полуостровот Рејкјанес. Ова е шеста негова ерупција од декември минатата година.
Лавата продолжи да истекува и денеска, а започна да истекува од нова пукнатина синоќа нешто по 21 часот. Пукнатината се создаде во четвртокот на што претходеа серија силни земјотреси и во рок од еден час вулканот распука во должина од четири километри.
Исландските власти соопштија дека ефектите од ерупцијата остануваат локализирани, затворени се патишта, но нема закана за локалното население.
Геофизичарот Магнус Тума Гудмундсон смета дека блиското рибарско гратче Гриндавик не е во опасност.
„Се разбира, не знаеме што ќе се случи во блиска иднина, но веројатно е дека ова го достигна својот врв и потоа ќе почне да стивнува како и другите ерупции“,
вели тој.
Кај луѓето што живеат и работат на полуостровот Рејкјанес, редовните ерупции и наредбите за евакуација што им следуваат, предизвикуваат повеќе фрустрација отколку возбуда, за разлика од туристите што се нашле на местото и велат дека првпат гледаат лава.
Инаку, вулканските ерупции што се повторуваат во близина на Гриндавик, гратче со 3 800 жители на околу 50 километри југозападно од главниот град Рејкјавик, ја оштетија инфраструктурата и повеќе имоти и принудија многу жители да се преселат за да си ја гарантираат својата безбедност.