Не знам како луѓе кај нас се дрзнуваат да градат, но и архитекти да планираат на вака вредна локација, повикувајќи се единствено на авторитетот на некоја планерска куќа, вели Слободан Велевски од Катедрата за урбанизам
Потребен е јавен конкурс за парцелата кај „Холидеј ин“. Во спротивно, ако се реализира една четвртина од оние фамозни илјадници квадратни метри што ги прредлага претходниот ДУП, таму ќе нема простор за јавен живот и за зеленило, вели професорот Слободан Велевски од Катедрата за урбанизам на Архитектонскиот факултет.
Во изјава за „Види вака“, Велевски вели дека за планот кој ја опфаќа локацијата спроти „Холидеј ин“, општина Центар и градот Скопје треба да распишат јавен конкурс, кој ќе биде анкетен и меѓународен.
„Следејќи ја логиката на приватна сопственост, кај нас перфидно се пласира уверување дека нема потреба од конкурс, затоа што земјиштето е приватно, а деталните урбанистички планови даваат насоки како да се гради. Јас не знам како луѓе кај нас се дрзнуваат да градат, но и архитекти да планираат на вака вредна локација, единствено повикувајќи се на авторитетот на некоја планерска куќа или на проектантско биро и притоа работат на ветрометина на едно транзициско општество“,
вели професорот.
Според последните информации, сопствениците на земјиштето на просторот кај хотелот „Холидеј ин“, во најстрогиот центар на Скопје, наскоро ќе почнат со градење три згради со 15, 20 и 25 ката. Фирмата „МГ Фешн“ и Македонската православна црква, преку фирмата „Обновители“, уплатиле комуналии во висина од 150 милиони денари или 2,43 милиони евра и тоа 60 отсто на град Скопје (1,4 милиони евра) и 40 отсто на општина Центар (1 милиони евра). Претходно, Општина Центар им го одобри идејниот проект за објектите.