Кон Бугарија има големо внимание, нема да го кажам зборот „притисок“, вели бугарскиот претседател и додава дека дневно на тема Северна Македонија разговара со „по двајца премиери, еден претседател и еден комесар“
Познавачите на состојбите и во Бугарија и во С Македонија не се оптимисти дека е можен пробив до јуни, но актуелниот претседавач со Советот на ЕУ – Португалија, помогнат од други земји членки, не се откажува од обидите за изнаоѓање решение во следните недели
Помалку заборавената фраза што ја употребуваа европските дипломати дека „Патот на Скопје кон ЕУ води преку Охрид“, од денеска има нова верзија – „Патот на Скопје кон Европската Унија поминува преку Софија“. Автор на максимата е бугарскиот претседател Румен Радев, а ја промовираше на одбележувањето на Свети Кирил и Методиј, чие дело треба да ги зближува двата соседа.
„Начинот за отворање на европскиот пат на нашите браќа од Република Северна Македонија минува, пред се, низ Софија“,
кажа Радев.
Радев не крие дека деновиве неговиот телефон често ѕвони, но има одговор на тоа.
„Одеднаш станав многу интересен за сите европски лидери. Кон Бугарија има големо внимание, нема да го кажам зборот ‘притисок’. Но, да не заборавиме – Бугарија е членка на Европската Унија и тоа значи многу. Ние на другите земји членки ќе им се обратиме за солидарност. Најважно е Бугарија, како одговорна членка, да не дозволи нови проблеми да се внесат во Унијата.“

Иницијативата за деблокада на македонските евроинтеграции уште во јуни, за што зборува Радев, ја предводи португалското претседателство со ЕУ, а во неа се вклучени повеќе земји членки. Во тоа „убедување“, според изворите на „360 степени“, се користат или ќе се користат и други прашања од значење за Бугарија – како што се повеќегодишното очекување да стане дел од Шенген-просторот блокирано од Холандија или сумата што ќе ја добие од планот на ЕУ за пост-ковид заздравување.
Софија, која во моментот има преодна влада, јавно не се произнесе за содржината на португалскиот предлог. Премиерот Јанев рече дека не може да ги сменат позициите утврдени од парламентот, а претседателот Радев порача дека не сакаат да гледаат само декларации, туку јасни гаранциите за безбедноста и националните интереси.
„Со сигурност гледаме дека ЕУ се обидува да придонесе за изнаоѓање на прифатливо решение за Бугарија, за да се деблокира процесот, тоа се почетни чекори. Во ваква ситуација не може да се очекуваат радикални промени во актуелната позиција на Бугарија, уште помалку зашто оваа привремена влада нема мандат да преземе такво нешто. Наредните парламентарни избори во Бугарија ќе се одржат на 11 јули до кога ќе нема нов парламент и затоа може да се тврди дека привремената влада ќе ја следи постојната линија кон Северна Македонија“,
вели Марија Симеонова од Европскиот совет за надворешни односи.

Премиерот Заев денеска ја дообјасни својата оценка дадена по средбата со португaлскиот министер за надворешни работи, Силва, дека сетот идеи на Лисабон е добра основа за решавање на проблемот.
„Португалското претседателство и министерот Аугусто Силва, заедно со неговиот тим, воделе грижа да бидат вклучени очекувањата на двете страни. Кај нас рековме дека тоа е добра база и појдовна основа за решение. Сериозно дискутираме за предлогот, се одржаа неколку состаноци, ќе продолжиме со состаноци оваа седмица. Исто така, гледам и од бугарската страна и согласно резолуцијата усвоена во бугарскиот парламент, ставовите на нивната страна, тие го имаат сето тоа што е важно соодветно и алоцирано, дали е во Договорот за стабилизација и асоцијација, дали е во road map, патната карта, која претставува обврска за двете страни во идното позабрзано реализирање на Договорот за добрососедство меѓу С Македонија и Бугарија…“,
кажа Заев.

Португалското претседателство, како што велат дипломатски извори, е решено да ја продолжи посредничката мисија се до 22 јуни, кога се одржува Советот за општи работи на ЕУ, без оглед на топло-ладно сигналите по првата рунда разговори во Софија и Скопје.
„Да злоупотребам една реченица од Силва, која ја кажа и во Софија, а ни ја кажа и нам – јас го прашував вашиот впечаток кој е после се, а тој одговори дека неговиот впечаток после се е дека вратата не е затворена“,
кажа претседателот Пендаровски во гостување на нашата емисија минатиот петок.

Она што Силва се обидува да „протне“ како компромис е врзување на отворените прашања меѓу двете земји со процесот за стабилизација и асоцијација, а преку него – индиректно со формалниот преговарачки процес на Северна Македонија со ЕУ.
„Од она што досега сме го виделе, предлогот на португалското претседателство ги третира сосема основано овие прашања, барем формално, како дел што е надвор од преговарачкиот процес. Ние знаеме дека во нашата Преговарачка рамка спорведувањето на Договорот за добрососедство секако ќе биде споменат во приниципите наведени на нејзиниот почеток. Меѓутоа, барањата на Бугарија одат многу повеќе од тоа, а она што досега го видовме е дека португалското претседателство не го прифаќа тоа како дел од преговарачкиот процес, како поради нашите задршки, така и поради задршките на други земји членки како Чешка, Словачка, Австрија, а и Гермнанија. Значи, прашање е како таа тема ќе ја задржиме повеќе како билатерална тема од формален аспект. Нам ни е јасно дека и сега да ги отвориме преговорите, Бугарија ќе има многу шанси понатаму да го блокира овој процес, но мора да работиме на промена на пристапот кон ова прашање и пред се од бугарска страна. Тоа што е сега предлог го задржува пристапот дека ова прашање ќе оди паралелно со преговорите, но и дека не може да биде директно, поформално вклучено во преговарачката рамка што беше едно од клучните барања на Бугарија“,
вели Симонида Кацарска од Институтот за европска политика.

За два дена авионот на Радев ќе помине во Скопје за да го собере Пендаровски на пат кон Рим каде двајцата претседатели заеднички ќе го чествуваат делото на Свети Кирил и Методиј. Темата за отворените прашања и опциите за нивно надминување ќе бидат неизбежни во нивните разговори. Тешко е да се претпоставува колку тоа ќе биде од полза за напорите на португалското претседателство со ЕУ, кое како да користи се што може за да ја „одоброволи“ Бугарија.