„360 степени“ го „следеше“ директорот на Државниот завод за статистика на денешната ненајавена посета на тетовско. Попишувачите се покажаа подготвени, но не и системот за електронско попишување кој „падна“ на неколку часа
Локалната пописна комисија ни одреди попишувач со кој би го следеле попишувањето, на локации во Мала Речица. Попишувањето течеше без проблеми, но не најдовме семејство кое сакаше да се попише пред објектив
Втор ден е од пописот во Република Северна Македонија, прва таква операција по речиси две децении.
Најголема одговорност за процесот носи Државниот завод за статистика. На чело на институцијата е Апостол Симовски, кој утрово одлучи да го следи пописот од терен заедно со негов колега експерт од ЕУ.

Целта е да оди во ненајавена посета. Регионот каде директорот сака да види како течат работите е тетовскиот. По пат, Симовски го запознаваше експертот од Словенија за демографските особености на областа што ја посетуваат.
„Кој е по големина во Македонија (тетовскиот регион н.з.)
– Четврти.
Четврти?“
разговараа Симовски и колегата демограф од Словенија на пат кон Тетово.
Ние, пак, ја следевме делегацијата. Бевме договорени да ги придружуваме барем во дел од посетата.
Првата точка на интерес е општина Тетово. Шефот на државната статистика прво оствари кратка средба со градоначалничката Теута Арифи.

Еден кат подолу, во истата зграда, се сретна и со членовите на пописната комисија, инструкторите и попишувачите кои во моментот не беа на терен. Ги потсети на основите задачи.

„Секогаш носете го на себе овластувањето. Значи никаде не смеете да влезете без него. Ни се случи синоќа една таква ситуација некаде. Излезе дека тоа не бил попишувач“,
кажа Симовски пред присутните во салата.
Препораката е секое утро, секоја општинска комисија да одржи состанок пред да се излезе на терен. Симовски требаше да замине за Желино, а ние побаравме да излеземе на терен со попишувач.
Додека локалната комисија ни организираше излегување на терен, поразговаравме со Симовски за неколку прашања карактеристични за Тетово. Регионот има многу иселеници, па како ќе се знае кој да се попише дома или во странство и како ќе се менаџира недостатокот на попишувачи?

„Мислиме дека ќе го покриеме целиот тој недостаток со лица коишто времено се ангажирани во администрацијата и коишто лица живеат на оваа територија и ќе можат тука да го спроведат пописот. Очекуваме да се заврши пописот на време, во рамки на предвидениот рок. Воопшто не се сомневаме во тоа бидејќи имаме за разлика од претходните пописи поприлично подолг период на попишување. Значи во овој случај е 26 дена а порано беше 15 дена попишување.
–На кој начин еден попишувач успева да дознае дали некое лице е во земјава повеќе од 12 месеци или е само отсутно од дома во моментот кога попишувачот дошол во таа куќа.
Прво, нашите граѓани кои се надвор од државата имаа можност и се уште имаат можност, до крајот на периодот на попишување, да се самопопишат. Досега имаме повеќе од 191 илјада самопопишани лица. Оваа можност се уште трае. Постои можност и членови од домаќинствата да дадат податоци за овие лица, но апликативното решение е така направено да попишувачот не треба воопшто да размислува дале некои лице е во една категорија или друга туку да го следи текот на апликацијата. Компјутерот е тој којшто ги прави критериумите и селекцијата на луѓето во која категорија би се вметнале.
– Што значи тоа, дека постои вкрстување со друга база на податоци?
Постои вкрстување со многу други бази на податоци и постојат бази на податоци кои после, во фазата на обработката, ќе ги проверуваме сите овие работи. Меѓутоа, апликативното решение е направено така за да избегне максимално субјективизмот“,
изјави директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, за „360 степени“.
Симовски го продолжи својот пат, а ние останавме да чекаме пред општина Тетово. Локалната комисија беше љубезна, но проблемот што се појави беше надвор од нивна контрола.
Помина половина час откако се разделивме со директорот на Државниот завод за статистика, но се уште не сме излегле на терен со попишувач. Чекаме, затоа што системот падна.
По речиси еден час чекање, почнаа да стигнуваат информации дека некаде системот почнал да работи. Се упативме во Мала Речица.
Таму се најдовме со младиот правник, Идлир Љума.

Како жител на населбата, ова 23-годишно момче е избрано да биде попишувач и негова обврска се околу 100 домаќинства. Носеше маска, ја носеше својата легитимација на видно место и направи се што е во негова моќ да ги убеди граѓаните во неговиот реон да дозволат да бидат попишани пред објективот.
По неколку поминати куќи, се откажавме од намерата да снимаме попишување во Мала Речица и го оставивме Љума да заврши работа барем во едно домаќинство. Потоа, поразговаравме со него.

„Првиот ден, бидејќи беше недела, имаше многу луѓе присутни во куќите, немаше проблеми. Но, имаше и куќи од кои луѓето се на печалба и не ги најдовме во нивните домови.
– Тетово имаше и се уште има проблем со голем број на заразени од ковид-19 и голем број на граѓани се уште се во изолација
За среќа, јас се уште не наидов на куќа што беше во изолација па не сум имал таков случај во овој реон, иако ги има многу во Тетово. Инаку, во три куќи ми беше побарана потврдата за вакцинација. Ни рекоа дека ако не терате да се вакцинираме, да видиме дали и вие ја имате вакцината за да ви дозволиме да влезете дома. Но, откако им реков дека сум вакциниран, ме примија дома без никакви проблеми.
– Како вие го доживувате целото искуство? Дали имате потешкотии, како се снаоѓате со сето тоа?
На почеток, затоа што беше прв ден, имав многу емоции и кога почнав да влегувам во куќите, во првата куќа поконкретно, имав многу емоции, не знаев дали ќе можам да го направам тоа правилно, бидејќи и ние имавме обука за тоа како да го регистрираме населението. Но, веднаш видов дека граѓаните многу добро не примија, тие прават да се чувствуваме како дел од нив, ми понудија кафе или нешто друго, исто така, поради нивната поддршка ми беше многу лесно“,
изјави Идлир Љума, попишувач на реон во Мала Речица, Тетово.
Го оставивме Идлир да си продолжи со обврските, а ние се вративме пред општината Тетово. Директорот на Државниот завод за статистика се врати од посетата и на Желино.
„Знаете и вие дека имавме одреден проблем со конекцијата на апликацијата. Сите кои се за тоа задолжени работеа интензивно. Последните информации се дека веќе е ставена во функција и се надевам дека ќе биде така цело време и понатаму и следните денови.
– Како функционира тој систем и во што беше проблемот?
Не знам да ви одговорам во што беше проблемот, сепак, треба да … сега беше битно да се реши. Ќе видиме што беше целата работа.
– Добро, и вашиот конечен коментар од сето она што самите го видовте на терен денеска. Дали останувате на истите оценки од интервјуто што го правевме пред два-три часа за брзината и ефикасноста на спроведувањето на пописот?
Апсолутно останувам на тоа. Продолжува процесот. Ќе го чекаме и попладнево како ќе се одвива бидејќи очекувањата денеска, бидејќи е работен ден, интензитет во суштина да биде најголем во текот на попладневните часови. Така што, утре ќе излеземе со конкретна информација што и колку сме завршиле во текот на денешниот ден. Се надевам дека ќе биде успешен, како што беше и вчерашниот и дека утре и следните денови ќе имаме уште поефикасна работа со оглед на тоа дека и самите попишувачи стекнуваат рутина и ќе бидат многу и побрзи и повични во целата работа“,
изјави Апостол Симовски за „360 степени“.
Подоцна во денот Државниот завод за статистика излезе со подетални информации. Апликацијата не работела на одредени места поради преоптоварување што, како што велат, „се можни и нормални проблеми кои се резултат на поголем број на паралелни сесии“.
За време на прекинот, велат од Статистика, и покрај техничките проблеми, биле попишани речиси 10 илјади лица на целата територија на државата.