Малото модно студио „Ле бранд дизајн“ од Битола, кое последниве години има приходи од околу 20 илјади евра на годишно ниво и просечно два до три вработени, го добило делот за униформа во шара чија вредност може да достигне 2,13 милиони евра. Фирмата „Памитекс тим“, формирана 20 дена пред да се распише тендерот и со сопствеништво од Србија, го добила делот од договорот за еднобојни униформи вреден 1,7 милиони евра
Од МВР за „360 степени“ велат дека и двете фирми преку доставените мостри кои се барале во тендерската документација докажале дека поседуваат техничка способност да ги сошијат униформите. Додаваат и дека двете фирми ги исполниле условите пропишани во тендерот, кои патем, се поставени без услови за претходно искуство, број на вработени, минимален годишен приход или слично
Ова видео со драматична музика, пукање од оружје и, генерално, полно со адреналин, е на Министерството за внатрешни работи. Во него се прикажани вежби на специјалните полициски единици…
Ова видео, пак, со сосема различна порака и атмосфера од претходното, е на битолското модно студио „Ле бранд“. Каква врска имаат едното со другото? Одговорот е – финансиска.

Говориме за пари и тоа за 2 130 000 евра. Толку изнесува максималната вредност на рамковниот договор, според кој МВР ќе нарачува, а „Ле бранд“ од Битола ќе испорачува униформа во шара за специјалните полициски единици во следните три години.

Тоа што „Ле бранд“ се занимава со мода и тоа женска, а не со униформи, е само мал дел од прашањата што се отвораат по оваа зделка.
Прво па… два и кусур милиони евра
Првенствено, „Ле бранд“ е микро компанија со просечно двајца вработени.
Според податоците од Централниот регистар, вкупните приходи на фирмата во 2024 година изнесувале 20 651 евра. Не се многу различни ниту претходните 2023 и 2022 година. И сега, наеднаш добиваат тендер кој може да достигне 2 130 000 евра, што е 100 пати повеќе од годишниот приход на фирмата.

Според базата на Бирото за јавни набавки, „Ле бранд“ како фирма нема добиено договор за јавна набавка. Што значи, прво па два и кусур милиони евра.
Како ќе шие маскирни униформи кога досега шиела само женска облека? Како ќе постигне кога има само двајца вработени? Ова беа само дел од прашањата што ги упативме до Кадинска. Откако не добивме ништо повратно во рокот од неколку дена што го оставивме за одговор, отидовме на адресата на компанијата.

Тоа што го најдовме е дуќан на улицата „Климент Охридски“ 25 во Битола. Од надвор, не може да се заклучи што има внатре, но од видеата на социјалните медиуми претпоставувавме дека тоа е моден салон или студио.
Тропнавме на вратата на „Ле бранд“ и ни отвори госпоѓата Кадинска. Но, кога ја забележа нашата камера се вознемири. Ја прекина комуникацијата и повика полиција. Одговори, секако, не добивме.
Останавме некое време пред седиштето на „Ле бранд“ чекајќи ја полицијата. Бидејќи никој не дојде во следните триесетина минути, преку пораки и телефонски повици се обидовме да ја прашаме Кадинска дали навистина повикала полиција, за да почекаме. Не добивме ништо повратно, па по некое време си заминавме.
Направиле фирма 20 дена пред тендерот и ја добиле зделката
„Ле Бранд“ не се единствените што ќе шијат униформи за специјалците на МВР. Делот од договорот за еднобојни униформи, вреден 1 710 000 евра со ДДВ, го добила фирмата со име „Памитекс тим“.

Според податоците во Централниот регистар, тие во моментов се сместени на „Орце Николов“ 188/2-11 во Скопје. Ја побаравме адресата, откако и тие не ни одговорија на прашањата упатени по електронска пошта и по вајбер.
Бараниот локал не беше меѓу дуќаните од предната страна, туку испадна дека во прашање е стан до кој се доаѓа преку влезовите од задната страна на објектот. Заѕвоневме на домофонот, според адресата во централниот регистар.

Никој не ни одговори на адресата на Памитекс тим.
Името на фирмата не можеше да се забележи на ниту едно место на влезот. На сандачето од станот каде е регистрирана фирмата е испишано семејно презиме кое формално не може да се поврзе со податоците во Централниот регистар за „Памитекс тим“. Подоцна, проверувајќи ги јавно достапните податоци, дојдовме до сознание дека станот е седиште на адвокат. Всушност, регистрите, ни останаа единствен достапен извор за „Памитекс“.

„Памитекс тим“ е фирма формирана на 18 ноември 2024 година и е во целосна сопственост на „ТЕАМ ТРАДЕРС ЦОМПАНИ“ од Белград. Тие, пак, според податоците од српскиот централен регистар се формирани во 2014 година и се занимаваат со производство на работна облека. Газди се извесни Радомир Митриќ и Бранислав Панчиќ. Последната година за која има податоци, 2023-та, оваа фирма има приходи од 3 790 000 евра.
Иако српската фирма покажува поголема економска активност, не најдовме интернет-страница или профил на социјалните медиумите. Така што, не знаеме точно какво искуство имаат. Но, друг факт отвора поголема дилема.
Датумот кога „Тим трејдерс“ отвора филијала во Скопје е 18 ноември 2024 година. А тендерот за униформите, МВР првпат го објавува на 7 декември 2024, што значи 20 дена по регистрирањето на „Памитекс тим“ во Скопје.

Кога една фирма првпат ќе се регистрира на системот за јавни набавки и веднаш ќе добие голем тендер, тоа е еден од индикаторите на државното Биро за јавни набавки за т.н. „црвено знаме“. Секоја година институцијата прави извештај и за таквите договори кои потпаѓаат под категоријата сомнежи за „колузија и договарање“.

Дали ја отвориле фирмата само за тендерот? Дали се согласуваат дека тендерот што го добиле заслужува црвено знаме – беа само некои од прашањата што ги упативме до „Памитекс тим“, а на кои не добивме одговор.
Тројца пријавени, еден дисквалификуван
Како воопшто било можно една микро и една штотуку формирана компанија да добијат тендер во вкупна вредност од близу четири милиони евра? Одговорот е во тендерската документација.

Министерството за внатрешни работи не барало ниту еден посебен услов од фирмите што сакаат да поднесат понуда, во смисла на критериуми за број на вработени, приходи, претходни договори и слично. Се барале само стандардни услови како што се фирмата да не е во стечај или ликвидација, да и се платени даноците, другите јавни давачки и слично.
На огласот, кој претрпел неколку измени и продолжување на рокот за доставување понуди, се пријавиле три фирми. Освен двете добитнички, во игра била и „Микеи Интернацонал “ од Скопје, компанија со искуство во трговијата со оружје и опрема, вклучувајќи и униформи.

Но, понудата на „Микеи“ била отфрлена како некомплетна бидејќи комисијата за јавната набавка заклучила дека:
При евалуацијата на документацијата од понудата во доставените извештаи од испитување на готов производ… утврдила дека не се опфатени сите барања во техничките спецификации.
пишува во Решението на Државната комисија за жалби по јавни набавки.
„Микеи“ ја обжалиле таквата одлука пред второстепената комисија за жалби по јавни набавки, каде аргументирале дека и кај прифатените понуди се…
Сторени низа пропусти во доставените извештаи од испитување на готов производ.
пишува во Решението на Државната комисија за жалби по јавни набавки.
На крај, сепак, второстепената комисија ја отфрлиле жалбата на „Микеи-Интернационал“, со што е отстранета пречката МВР да потпише договори со „Ле бранд“ и со „Памитекс“. Од „Микеи“ одбија да ја коментираат жалбата или набавката.
Се е според закон
Од Министерството за внатрешни работи велат дека униформата и нејзините делови се уредени со подзаконски акт, во кој се уредени составот, квалитетот и кројот. А согласно тендерската документација…

Како доказ за исполнување на барањата преку доставените мостри е побарано доставување на извештај од лабараториска анализа и испитување на готов производ кој треба да е издаден од независна акредитирана лабораторија односно контролно тело, кој се доставува во прилог на понудата. Овие барања се докажани од страна на понудувачите со кои се склучени рамковните спогодби.
одговорија од МВР за „360 степени“.
Па, велат од МВР, од доставените мостри е доволно очигледно дека избраните фирми имаат можност да ги сошијат униформите, иако додаваат дека не знаат дали имаат искуство во такво нешто.

За одлуката да не се бараат построги услови за конкурирање, како број на вработени, претходно искуство или годишни приходи, од МВР одговараат:
Од претходно искуство е увидено дека најчесто критериумите не помагаат за избор на поквалитетна понуда при спроведување на постапките за јавни набавки. Од праксата е увидено дека дефинирањето на критериуми најчесто ги одвраќаат малите и средните претпријатија да земат учество во постапката за јавна набавка кои се најконкурентни на пазарот и нудат најниски цени.
Од МВР додаваат дека фирмите што останале во игра на крај наддавале и ја спуштиле почетната цена за 14,4% за еднобојната униформа и 27,9% за униформата во шара.

За фактот, пак, дека „Памитекс тим“ е фирма регистирана само 20 дена пред распишувањето на тендерот и дека веднаш им се посреќило, што според извештаите на Бирото за јавни набавки одговора на дефинициите за тендери со „црвено знаме“, од МВР одговараат – не постои критериум за елиминација бидејќи некоја фирма не е доволно долго регистирана во системот за јавни набавки.
Во постапката е вложен максимален напор за овозможување на учество на што поголем број на економски оператори и сакаме да ја искористиме оваа прилика преку вас да апелираме до сите заинтересирани страни да земат учество во што поголем број на сите идни постапки за јавна набавка кои се планирани кај Министерството за внатрешни работи. Ние како институција остануваме отворени за соработка со сите заинтересирани страни и спремни сме да одговориме на секое разумно и аргументирано барање.
велат од МВР.
Нам можеби не ни одговорија, но „Памитекс Тим“ и „Ле бранд дизајн“ секако ќе мора да одговорат кога МВР ќе им нарачува униформи согласно договореното.
Бидејќи станува збор за рамковна спогодба, полицијата најверојатно ќе им нарачува од време на време во текот на следните три години. Но, теоретски, може и наеднаш да нарача униформи за максималната вредност, а и да не нарача ниту една.
Како и да е, тогаш можеби и ќе се дознае – кој навистина ги шие униформите за македонските полициски специјалци.