Според Пандов, командирот и затворската полиција рекле дека им било предочено оти затвореникот Ж.Ж си играл со кучката Цеца, а имал скап часовник и дека таа му го зела и додека трчала низ тревникот го изгубила, па вработените за да му излезат во пресрет го барале часовникот
Едниот од затворениците, Пандов рече дека повеќе од 20 години е во македонските затвори и оти е познат човек во македонското подземје

Топка во која имало ставено 35 грама бела прашеста материја, најверојатно кокаин, и 50 грама марихуана била фрлена во дворот на затворот во Штип, а во инцидентот во кој затвореник ја барал дрогата биле вклучени и затворски полицајци. За овој настан од штипскиот затвор, кој се случил на 20 февруари во вечерните часови, денеска информираше директорот на Управата за извршување на санкциите Александар Пандов.
Од настанот, како што рече Пандов на денешната прес-конференција, има и видеозапис направен од видеонадзорот во затворот и додаде дека сите документи ги поднеле со кривична пријава до Обвинителство.
Како што појасни Пандов, пред затворот во Штип на 20 февруари во 21:40 часот пристигнало возило, кое ја поминало првата и стигнало на втората капија, каде што затворскиот полицаец во дежурна М.Т. не го запишал, иако бил должен да го направи тоа.
„Од возилото излегува лице што доаѓа до ѕидот на самиот затвор и преку ѕидот префрла топка, додека внатре се појавува затвореник со иницијали Ж.Ж, кој разговара на телефон и уште еден со иницијали Р.К. и бараат нешто во тревникот“,
рече Пандов.
Потоа, додаде Пандов, дошол затворски полицаец кој им рекол дека треба да се вртат и да се оддалечат.
„По наредба на командирот, кој во тој момент е на смена Т.И. се повикани уште четворица затворски полицајци. Затвореникот Ж.Ж. и понатаму говори на телефон и бара нешто низ тревникот. Се поздравува со сите тие затворски полицајци, а да не говорам дека тој не смее да има телефон во рака. И, тоа што е најфрапантно, истите тие затворски полицајци со батериски лампи се вклучуваат во барање на нештото. Не наоѓаат што не наоѓаат“,
кажа Пандов.
Наредниот ден, откако дознал директорот на затворот, по негова наредба повторно се пребарувал дворот кога била најдена топка во кеса, во која биле пронајдени 35 грама бела прашеста материја, веројатно кокаин, и 50 грама марихуана.
„Кога директорот ги прашува командирот и затворската полиција што барале и зошто не реагирале, објаснувањето и во нивната службена белешка е дека им било предочено дека затвореникот Ж.Ж се играл со кучката Цеца, тој имал скап часовник за кој им навел дека е барем 1 000 евра, кој мора да потенцирам дека го нема пријавено дека е донесен во затворот во Штип, дека му го има земено кучката Цеца, дека трчала низ тревникот и дека го изгубила. Па, овие, за да му излезат во пресрет го бараат часовникот“,
додаде Пандов.
Дрогата, рече Пандов, веднаш е пријавена во СВР Штип, а по наредба на директорот се формира дисциплинска комисија, составена од пет члена, кои ја имаат видеоснимката, и која на 28 март годинава одлучува дека затворските полицајци не се виновни.
„Една госпоѓа во ресоцијализација и уште еден затворски полицаец гласаат дека се виновни и треба да бидат дисциплински казнети, но за жал, полицајците Б.Д., К.П. и З.А. не пронаоѓаат вина и веруваат во тоа дека затворската полиција го бара часовникот што наводно го губи затвореникот Ж.Ж., а кучката Цеца му го има однесено“,
рече директорот.
Пандов во објаснувањето рече дека најмалата плата на сите затворски полицајци што учествуваат во овој дел е 57 илјади денари, а најголемата е 67 илјади денари и оти тие биле со средно образование.
Директорот Пандов, исто така, рече дека наредниот ден кога е пронајдена дрогата е информиран СВР Штип и оти според тоа што тој го знае возилото од кое е фрлена топката е најдено, како и двете лица што ја префрлаат дрогата.
Тој додаде дека еден од затворениците Ж.Ж. и Р.К. е од Кочани, а другиот од Струмица.
„Едниот мислам дека повеќе од 20 години е во македонските затвори за повеќе кривични дела, а актуелното за кое лежи не би сакал да го откријам во интерес на истрагата, но тој е познат човек во македонското подземје“,
рече Пандов.