Треба ли да постои Фондот за иновации и технолошки развој или скратено ФИТР, институција формирана во 2013-та година, за поддршка на стартап и иновативни компании во земјава? Од Владата велат – не и препорачуваат негово спојување со Агенцијата за поддршка на претприемништвото. Аргументите се пред се поврзани со наводите за злоупотреби на грантовите што ги даваше ФИТР во изминатите години
За најавената реорганизација на институциите став побаравме и од опозицијата и од експертите. Генерално се согласуваат со идејата, но имаат дополнителни мислења и ставови
Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) е водечка владина институција за поддршка на стартапи и иновативни компании во Република Северна Македонија. Вака на својата интернет-страница Фондот ги опишува своите цели и мисија поставени во декември 2013 година, кога почна со работа.
Во своето портфолио ФИТР вели дека дури 43% од организациите што преку него добиле финансиска поддршка се стартап компании, претежно основани од млади луѓе.

„Ни беше драго кога се најави како една од најиновативните иницијативи поддржани од Светска банка во 2014 година. На Западен Балкан за првпат Македонија и Србија добија фондови со кои можат да се поддржат иновации и технологија. Намената беше тоа да биде иновативна институција кога ќе дава живот и ќе овозможува младите да се охрабруваат наместо да работат во сервисниот бизнис, да креираат продукти со додадена вредност и да можат да ги развиваат за македонскиот пазар и да се шират нагоре“,
вели Игор Маџов – претседател на „Стартап Македонија“.
Но, низ годините Фондот го следеа многу скандали, најчесто поврзани со оправданоста на некои од проектите што беа финансирани. Меѓу нив во јавноста силно одекна проектот за „Пица романа“, како и финансирањето опрема за приватни здравствени установи.

„Стартапите беа во фокус, но потоа се прошири со технолошки развој на големи компании. Со времето на короната потоа излезе малку и од контрола – давање средства за ПЗУ (Приватни здравствени установи), за различни други институции што не беа во фокусот односно стратегијата со текот на времето почна да се губи иако се наметнуваа многу прекрасни иницијативи. Во суштина, требаше да биде јасно – требаше да биде институција која ќе насочува пари кон развој на нови компании, што ќе поддржува иницијативи кои ќе можат да продолжат да ги развиваат и ќе има финнсии за да го поддржи развојот на таквите компании на странскиот пазар“,
смета Маџов.
Во октомври 2024 година, актуелниот директор на Фондот за иновации и технолошки развој, Никола Додов, соопштувајќи ги резултатите од внатрешната ревизија, рече дека буџетот на Фондот е оштетен за 3,2 милиони евра.
„Внатрешната ревизија утврдила несоодветни договори и сомнителни практики вклучувајќи фирми на политички функционери, договори со правни неправилности, конфликт на интереси и прикривање податоци што дополнително ги поткопуваа капацитетите на Фондот. Сомнителните активности вклучуваат и компании што добиле повеќе грантови за идентични проекти како и фаворизирање на одредени градови во државата“,
изјави Никола Додов – директор на Фонд за иновации и технолошки развој (октомври 2024 г.).
„360 степени“ за ова го праша Основното јавно обвинителство Скопје, од каде потврдуваат дека кај нив се активни најмалку два предмета поврзани со извршени ревизии и сомненија за злоупотреби при доделување средства од Фондот за иновации во различни временски периоди.
„Предметите се во фаза на постапка за претходна проверка на наводите. Со оглед на тоа што обвинителството ги евидентира предметите по пријавени лица, а не според институцијата во која е наводно извршено делото, не е исклучено и во други обвинителства да има поднесени пријави по кои се постапува“,
велат од ОЈО Скопје.
Ова се дел од причините што ги наведуваат и од Владата поради кои било решено со процес на реорганизација на институциите да биде опфатен и Фондот за иновации и технолошки развој.
Владата реши Фондот да го спои со Агенцијата за поддршка на претприемништвото. Го задолжи Министерството за образование и наука да формира работна група која ќе треба да изработи нов или да направи измени и дополнувања на Законот за иновациска дејност со кој ќе се реорганизира Фондот за иновации.
Од Министерството за образование велат дека ФИТР со години придонесувал за развојот на економијата придржувајќи се до своите цели и мисија. Но, министерката Весна Јаневска вели дека потоа одредени структури направиле злоупотреби со кои Фондот неповратно го изгубил својот кредибилитет.

„За жал, беа злоупотребени околу 3,2 милиони евра според внатрешната ревизија од страна на Фондот и 60 компании и 50 приватни здравствени установи. Само да потсетам, беа доделувани средства за иновации во правење на пица, 240 илјади евра за биоразградливи хулахопки, па на компанија за кетеринг им биле доделени средства за производство на козметика на биолошка основа итн. Дополнително Фондот има вработено многу малку луѓе, осум луѓе, а поголем дел од нив, со големи примања, воопшто не доаѓале на работа“,
вели Весна Јаневска – министерка за образование и наука.
Според неа, со спојувањето на двете институции треба да се оформи нова која ќе придонесе за развојот на технологијата и иновациите и ќе го стимулира претприемништвото.
„Сè уште немаме име. Тоа ќе биде задача на работната група, да го дефинира името но и целата структура на фондот со неговите обврски, инструментите што ќе ги користи за подобрување на науката, технологијата и иновацијата. Работната група ја формираме и во неа ќе членуваат луѓе од канцеларијата на премиерот, луѓе од Министерството за образование и наука, од Министерството за дигитална трансформација, Министерството за економија, претставници од Фондот за иновации и технолошки развој и секако претставници од Агенцијата за претприемништво“,
додаде Јаневска.
Од опозицискиот СДСМ велат дека Фондот за иновации и Агенцијата за поддршка на претприемништвото досега имале две различни функции кои во одреден временски период биле успешно извршувани.
Пратеникот и поранешен вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи, за нивното спојување вели дека секоја рационализација на институциите треба да има поголем ефект.
„И во мандатот што го имаше Владата во која јас бев вицепремир, ние зборувавме за рационализација на овие две институции, но зборувавме за спојување на уште две други институции, а тоа се Дирекцијата за технолошко индуистриски развојни зони заедно со Агенцијата за странски инсвестиции и поддршка на извозот. Значи, четири институции евентуално да се спојат во две кои би биле под капа на можеби поголема агенција или одредено министерство. Зошто? Затоа што не можете во целиот бизнис еко-систем да имате различни одговорни институции кои, на крај на денот, се испреплетени“,
смета Фатмир Битиќи – пратеник од СДСМ.

За потенцијалните злоупотреби, Битиќи вели дека нема идеална институција и во секоја може да има пропусти. Но, смета дека за тоа не се надлежни политичарите, туку други органи.
„Ако го земете целото портфолио на ФИТР десеттина години наназад и сфатите дека евентуално еден до два отсто се проблематични, тоа е на ниво на статистичка грешка. Но, кога управувате со јавни финансии нема статистичка грешка. Секој еден денар е битен за граѓаните. Така што, ако и еден денар случајно е проневерен, одговорните институции треба да докажат и оние што тоа го направиле соодветно да одговараат“,
додаде Битиќи.
Од невладината организација „Стартап Македонија“ велат дека имаат свои размислувања каков треба да биде форматот на идната институција што ќе произлезе од спојувањето на Фондот и Агенцијата и се нудат да придонесат во процесот.
Сметаат дека државата треба да креира финансиски инструменти, да го поттикне вложувањето и на приватен капитал, да овозможи соодветна средина за развој и да ја вклучи академската заедница.
„Тоа за што сите се согласуваме е дека би требало да биде поделено за различни категории и различни програми и финансии што ќе се одвојат за секој стејкхолдер што е во еко-системот. Зошто? Затоа што не можеме исто да ги таргетираме оние што развиваат ракети и оние што делкаат дрво. На некој начин, не треба ние да знаеме како да направиме ракети, ама е потребно да им дадеме можност на оние што сонуваат да ја направат ракетата и знаат да ја направат, да ги имаат ресурсите поддржани со средствата на Владата и да креираат решение што ќе направи многу поголем импакт, поголема иновација, поголема додадена вредност, ќе се вратат средства преку одредени механизми и даноци внатре во економијата, младите ќе се вратат, ќе сакаат да работат за такви компании и затоа го гледаме стартапот како многу битна алка во начинот за наша ревитализација во земјата“,
смета Игор Маџов – претседател на „Стартап Македонија“.
Стартапите се компании што уште на почеток нудат нешто ново и иновативно и најчесто имаат брз раст. Клучни се добрата идеја и пристапот до фондови. Во случајот со Македонија, клучна ќе биде и најавената реорганизација на институциите, за да не изостане поддршката од државата.