Во текот на ноќта претставник на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и локален тим пожарникари ќе останат на лице место да внимаваат да не дојде до горење
Големиот пожар кој денеска избувна на границата со Грција помеѓу општините Богданци и Дојран е изгаснат и во моментов, според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК) нема никакви значи на горење.
Пожарот избувна околу пладне, а потврда дека е изгаснат стигна вечерва околу 21 часот.
„Во текот на ноќта претставник на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и локален тим пожарникари ќе останат на лице место да внимаваат да не дојде до горење. Ако утре дојде до повторно разгорување на огнот два ертрактори на ДЗС се подготвени за дејство“,
изјави вечерва директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Проблеми при денешното гаснење на пожарот предизвикуваа гранати останати од Првата светска војна. Местото каде се одвиваше пожарот било линија на фронтот во текот на војната и таму забележливи се остатоци од ровови, бункери итн. Ангелов во претходната изјава соопшти дека биле слушнати повеќе од 20 експлозии што најверојатно биле предизвикани од куршуми со голем калибар, но и разни детонации вклучувајќи ги тука и гранатите.