По половина година „локдаун“ – болниците почнаа да примаат и други пациенти освен итните случаи.
Но, закажаните прегледи преку системот „Мој термин“ брзо се пополнија.

„Од вчера, еве, денеска пак трчам по шалтерите“; „Јас сум ВИП. Со врски“; „Луѓето метастазираат, не ги праќаат на операции, умираат, верувајте дека умираат…“,
коментираат дел од пациентите.
Иако ковид-19 го намали бројот на прегледи, на дел од клиниките тврдат дека итните случаи добиле услуга.
Во меѓувреме, здравствениот систем се мобилизира за новиот наплив од пациенти со ковид-19. А тоа ќе значи и помалку простор и помалку кадар за лекување на другите болести.
Во сенка на пандемијата, колку пациенти чекаат лекување и колку може да чини изгубеното време?

По шест месеци откако му бил одложен прегледот поради ковид-19 кризата, Владо Диневски конечно дојде на ред за контрола.
„Мислам дека според ова што се случува во државата и како е фатено паника меѓу народот… мислам дека, сепак, е добро. Ме изненадува, гледам дека чистотата е подобра од порано… не бев дојден повеќе време“,
вели Диневски.
За да има јасна слика за здравствената состојба, допрва ќе треба да прават дополнителни испитувања. За тоа ќе му треба уште трпение, бидејќи за голем број здравствени услуги нема место до почетокот на 2021 година.
Според она што е достапно на платформата „Мој термин“, најтешко се наоѓа термин на кардиологија, рендген, нуклеарна медицина и за прегледи на апарати за рано откривање канцер.

Но, ретки се термините и за други заболувања.
„Бараме трпение од пациентите. Ако е нешто ургентно, нема да бидат вратени, но ако нешто хронично, еве за ортопедија, ‘рбет, колено, знаеме дека боли, но и да почека пациентот, не е страшно, за разлика од некоја друга ургентна состојба каде што веднаш треба да им се пружи помош“,
вели Д-р Светлана Стојкова, специјалист по општа и семејна медицина.
Стојкова објаснува дека приоритет за закажување термин имаат пациентите што чекале подолго или чија здравствена состојба во изминативе месеци се влошила. Ако нема слободно место, а има потреба, опција е да се даде приоритетен или итен упат.

„Ние сите сме како на берза. Кој прв ќе види тој ќе ги закаже. Еве, моментално имаш прегледи, метеж во ординација, не си проверил, значи немаме некој систем што ќе ни алармира дека се пуштени термини од некоја специјалност. Е сега, едни со други си помагаме, ако види некој дека има термин, ќе каже па ќе закажеме. Меѓутоа, кој ќе види прв тој ќе закаже. Но, ако има влошување на состојбата, апсолутно и приоритетните упати се тука за да го упатиме на право место во право време“,
вели Стојкова.
Според податоците што „360 степени“ ги обезбеди од Министерството за здравство, во првите шест месеци од епидемијата, од 18 март до 31 август, биле закажани 473 846 прегледи преку „Мој термин“. Од 1 септември, кога системот се врати во функција, до 4 ноември бројот на закажани прегледи нагло се зголемил на 1 445 203.
Сепак, не сите закажани прегледи и се реализирале.

Во првите шест месеци од епидемијата, до 31 август, се оствариле 62% од закажаните прегледи, додека 38% не. Во последниве два месеца, пак, процентот е значително подобрен, 69% реализирани и 31% нереализирани прегледи во „Мој термин“.
Едно од местата каде што се испраќаат голем број пациенти во Скопје е Градската општа болница „8 Септември“, која до неодамна работеше само како ковид-центар. Сега функционира како две болници – еден мал дел е за пациенти со коронавирус, а остатокот е за пациенти со други болести.

„Шест месеци пациентите кои гравитираат во нашата болница беа ставени во втор ред, но сега последните два месеца веќе редот на чекање е драстично намален“,
вели Христијан Костов, директор на ГОБ „8 Септември“.
Кога „Мој термин“ ќе се исполни, сѐ поголем број пациенти доаѓаат со приоритетни упати. Директорот Христијан Костов вели тоа предизвикува дополнителен метеж бидејќи не секогаш оној што има упат во моментот има потреба од итна интервенција.
Според податоците од Министерството за здравство, од почетокот на пандемијата до крајот на август, заедно со близу 300 000 прегледи преку „Мој термин“, извршени се околу 1 381 000 прегледи. Во последниве два месеца, пак, повторно вклучувајќи ги близу еден милион прегледи преку „Мој термин“, реализирани се околу 2 370 000 прегледи.

Во првите шест месеци од кризата, прегледите преку „Мој термин“ имале удел од 22% од вкупниот број на прегледи. Дури 45% од извршените прегледи биле т.н. приоритетни, односно прегледи со упат, но без термин. Останатите, 33% од прегледите, биле итни. По обидот за нормализација на системот, од 1 септември до 4 ноември, прегледите преку „Мој термин“ растат до учество од 42% од вкупниот број прегледи, што говори за поголем ред во здравствениот систем. За такво нешто говори и падот на процентот на приоритетни прегледи, од 45% на 16% во последниот период. Сепак, сега е дури и повисок процентот на прегледи со итен упат, кои сега се 42% од вкупниот број прегледи.

„Сега-засега ја менаџираме ситуацијата, но сметам дека тие приоритетни упати треба на некој начин да бидат под контрола, да се преиспита начинот на издавање за да се види колкава е итноста на оние што се праќаат како приоритетни. Значи, точно, според законот, се знае на кој пациент треба да му се даде приоритетен упат“,
вели Костов.
Во „8 Септември“ најдолго се чека на Одделението за урологија, како и за прегледи кои се клучни за рано откривање малигни заболувања. Лекувањето на другите пациенти, освен оние со ковид-19, го отежнуваат и посебните протоколи за заштита и недостиг на кадар.

„Многу е тешко за работа, бидејќи правиме патеки каде е чисто, каде не е чисто. За целиот персонал е многу тешко. Се трудиме со пациентите кои не се ковид, кои имаат болести, се трудиме да ја намалиме инциденцата за тие лоши болести, како што е карцином“,
вели д-р Јусуф Вејсели, началник на гастроентерохепатолошкиот оддел во ГОБ „8 Септември“
Покрај прегледите, на почетокот на кризата во болницата беа откажани и сите операции, освен за итните случаи кај кои е потврден или има сомнеж за ковид-19. Сега, во посебни сали, се оперираат и други пациенти неповрзани со коронавирусот, а предност меѓу одложените имаат малигните заболувања.

„Бројката на одложени елективни операции беше голема. Ние на годишно ниво извршувавме 4-5 000 хируршки интервенции од областа на општа абдоминална урологија итн. Од тие 5 000 се сведовме на 150 интервенции во ковид-пандемијата. Тоа е огромна бројка“,
вели д-р Жарко Спасовски, раководител на хируршки оперативен блок „8 Септември“
Медицинскиот кадар тврди дека секој што има неодложна потреба од лекарски преглед и интервенција ја добива. Но, стравуваат дека отежнатиот пристап до редовните контроли и интервенции ќе донесе бран од тешки заболувања.
„Може да биде една псевдопандемија, со болести на дигестивниот систем, каде што најмногу се плашиме од карцином на тој гастросистем, каде што е најважно да се направи рана детекција. Таа рана детекција не се прави кога пациентот има тегоби, повраќања, црна столица, крв, тогаш веќе е доцна. Тоа ќе нѐ чини, и државата, и операција, и онкологија, значи тешка состојба“,
вели Вејсели.
А кога доцна се реагира, последиците може да бидат фатални.
„Одложувањето на хируршките интервенции, за жал, некого го чини живот. Затоа што има хируршки интервенции, како малигни заболувања, за кои поради целата ситуација е одложено нивното дијагностицирање и лекување. Се разбира дека, кога би биле оперирани или згрижени во почетните стадиуми, резултатот би бил многу подобар“,
вели Спасовски.
Дали болницата ќе продолжи да работи и со други пациенти, освен со ковид-19, зависи од тоа дали пандемијата ќе продолжи да се влошува. Во тој случај, не е исклучена можноста „8 Септември“ повторно да биде само ковид-центар.
А, тоа ќе предизвика наплив на пациенти во другите болници и клиники, каде што веќе има листи на чекање.

По новиот бран на ковид-19, и главниот клинички центар во Скопје се става во функција на лекување пациенти со коронавирус. Сите клиники ќе бидат поделени на црвен и зелени зони – односно ќе треба да обезбедат простор да можат да примат пациенти со ковид-19, а паралелно да продолжат со редовни прегледи и лекување на сите останати со други здравствени проблеми.
Редовните прегледи и тука веќе се отежнати, иако голем дел од клиниките сѐ уште не примиле болни од ковид-19.
„Прашај ме, гледај ме. Од нефро – невро. Од невро – нефро. од едно на друго… не знам“; „Колку можат толку… и тие даваат сили… тоа е“; „Со лактање – кој се лакта тој ќе влезе.“
велат дел од пациентите кои чекаат ред за преглед.
Меѓу оние што предничеа по бројот на откажани прегледи е Клиниката за гастроентерохепатологија. Директорката уверува дека се работи со полна пареа и дека биле одложени прегледите само за пациенти чија состојба може да трпи чекање.

„Гледајќи во бројките, имавме помал број на прегледи на дебело црево во однос на лани, но процентуално немаше отстапување на процентот на новодијагностицирани карциноми. Значи, селекцијата сме ја направиле онака како што треба, професионално“,
вели д-р Калина Гривчева-Старделова.
Колкава е листата на оние што чекаат ред, директорката не кажува, но тврди дека долго се чека само за интервенција со анестезија бидејќи болницата нема свој анестезиолог. Гривчева-Старделова вина гледа и во дел од пациентите кои, иако закажуваат термин, поради страв од вирусот, не доаѓаат на преглед.
„Дајте ми пример, во која било држава, во терцијарна здравствена установа каде што не се чека еден ваков преглед. Дајте ми пример.
-Зошто се чека?
„Затоа што се знае колку може да се направат прегледи во еден ден или во една недела. Кој како ќе дојде, го закажуваме. Кога ќе се пополнат термините, доаѓаат идната недела, кога ќе се пополнат и тие, доаѓаат таа после неа. Значи, овие пациенти што не доаѓаат фатиле некое друго место. Ние пред короната дојдовме да се чека само една недела, што го нема никаде во светот“,
вели таа.
Кога здравствените установи ќе се вратат на старото темпо на работа, ќе зависи од текот на епидемијата на ковид-19. Надлежните уверуваат дека лекувањето на другите болести нема повторно да се блокира, но јасно е дека некој сѐ уште ќе мора да чека.
Оние што конечно стигнале на ред се надеваат дека нема да паднат во втор план и дека системот ќе најде начин да им овозможи лекување – пред да биде доцна.