Малку надежи за брзо формирање влада донесоа парламентарните избори во Бугарија што ги сведува на теорија можностите за брза деблокада на евроинтеграцискиот процес на Македонија. Традиционалниот политички естаблишмент загуби, а добија т.н „протестни партии“ кои застанаа зад демонстрациите против долгогодишното владеење на Бојко Борисов. Неговиот ГЕРБ е формален победник, но со слаб капацитет да стигне до мнозинство во парламентот. И првите пораки од изненадувањето на изборите – шоуменот Слави Трифонов и неговото движење „Има таков народ“ се дека не би брзале во влада.

МОЖНИ СЦЕНАРИЈА – КОЈ СО КОГО ДО ВЛАДА
„Политичката сцена е многу фрагментирана. Постои сценарио во кое коалиција предводена од владејачката ГЕРБ на сегашниот премиер Бојко Борисов би формирала влада. Ова сценарио сега станува малку веројатно поради малата поддршка за националистичката партија ВМРО која, како што сега стојат работите, нема да влезе во парламентот. Друга поддршка која може да дојде за ГЕРБ е од Движењето за права и слободи, но неговиот резултат е послаб од вообичаениот. Ако се формира влада околу ГЕРБ, важно е да се напомене дека може да предизвика незадоволство во општеството и натамошно намалување на доверба во институциите“,
вели Марија Симеонова, програмски координатор во Европски совет за надворешни односи.

„Има многу лесни математики ако се концентрираме само на бројките, но ако ги гледаме политичките програми и искажаните ставови, ќе биде многу тешко, ако знаеме во какви услови се одржуваа изброите, со сите протести што се случуваа во Бугарија. Каква е позицијата на актуелниот премиер Борисов во актуелниот состав на парламентот, мислам дека ќе биде тешко да се формира влада“,
вели Андреја Стојковски, извршен директор на Институтот „Преспа“.

„Формирање експертска, технократска влада. Ваква влада, на пример, постои во Италија и ја предводи Марио Драги. Таква влада би била ограничена со времетраење и со целите. Таа би требало да носи одлуки за итни прашања и за решавање на отворените предизвици како пандемијата“,
вели Симеонова.
„За Борисов тоа воопшто не е туѓо. Напротив, го има тоа направено во минатото – се има повлечено извесен период, па да направи добар резултат на изборите. Веројатно тоа е надежта што ја има за некаков добар изборен резултат“,
додава Стојков.
„Трето сценарио би било формирање коалиција околу партиите што ги организираа протестите. Тоа ќе зависи од чекорите на втората по големина партија на овие избори – ‘Има таков народ’, која доби поддршка од околу 18 до 19 проценти на гласачите. Сѐ уште не е јасно дали овие ‘протестни партии’ – ‘Има таков народ’, ‘Демократска Бугарија’ и ‘Исправи се! Мафија надвор!’, политичка формација на поранешниот омбудсман Маја Манолова ќе успеат да дојдат до 120 + 1 пратеници во новиот парламент. Таа бројка е потребна за да се формира мнозинска влада во парламентот кој брои 240 места. Во случај оваа коалиција да се формира, тогаш ќе и треба поддршка од некоја од другите партии, можно е поддршката да дојде од Социјалистичката партија што би значело поддршка и од претседателот Радев“,
вели Симеонова.
КОЕ СЦЕНАРИО Ѝ ОДГОВАРА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Експертска влада со временски и програмски ограничен мандат, најверојатно, ќе значи дека тешките политички прашања, како оние со Северна Македонија, ќе бидат ставени на „стендбај“. Тоа повлекува ново одлагање на и онака одложениот старт на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ. Опцијата Борисов да ја задржи власта е можеби добра од аспект на односите Софија-Скопје, но таа засега е малку веројатна.

Непознаница е што би значело за Македонија ако Слави Трифонов и неговото популистичко движење успее да формира влада.
„Имајќи ја предвид кршливоста на бугарската политичка сцена, не само сега туку и во минатото, веројатно е дека нерешените прашања меѓу Скопје и Софија ќе останат такви извесен период. Позицијата на некои од ‘протестните партии’ за овие теми е нејасна, но не треба да заборавиме дека позицијата на бугарската влада беше поддржана од многу партии во парламентот. Ако имаме широка коалиција околу ‘протестните партии’, ќе бидат неопходни компромиси“,
вели Симеонова.
„Не треба да очекуваме не знам колкаво поместување во однос на македонското прашање и односите со земјава. Во предизборниот период сите политички групации беа исклучително остри на ова прашање. Вчера, ако не се лажам, повторно беше споделен статусот на Слави Трифонов за нашата држава и ми се чини дека нема да биде едноставно. Единствената надеж која би требало да ја имаме е да се надеваме во чудо кое веројатно потешко ќе се случи“,
анализира Стојковски.
„Многу значаен фактор ќе бидат претстојните претседателски избори закажани за оваа есен. Видовме дека претседателот одигра важна улога во прашањата меѓу Софија и Скопје. Би рекла дека најважното нешто во врска со отворените билатералните прашања е дали претседателот ќе ја промени својата позиција или не. А актуелниот претседател Румен Радев има право на реизбор“,
смета Симеонова.
Следуваат комплицирани и неизвесни преговори за тоа како ќе изгледа идната влада во Бугарија. Не се исклучуваат ниту нови брзи избори. Едно е сосема сигурно – Македонија од денеска не влезе во нова динамика на односите со Бугарија, како што пред два дена најавуваше шефот на дипломатијата. Прашање е дали тоа ќе биде воопшто можно во блиска иднина. Оптимизам е потребен, но реализам главно ги движи меѓународните односи.