Случајно или не, токму во периодот кога во јавноста се шпекулираше со имиња на можните кандидати за уставни судии, информации за процесот побарала Американската амбасада во Скопје. Сознанијата на „360 степени“ се дека правен советник од амбасадата испратил писмо до претседателот на надлежната собраниска комисија, Костадин Костадинов. Амбасадата потврди дека има допис, но не ја откри содржината
Кратко траеше комисиската седница на која требаше, но не беа предложени тројца кандидати за уставни судии. На крај, пратениците ја прескокнаа точката.
„Гледаме дека се уште власта тактизира и не може да излезе со правилни имиња“,
вели координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
„Тоа е само нивна шпекулација, дневно-политичка игра која нема врска со реалноста“,
вели координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.
Три месеци подоцна, се уште нема кандидати за уставни судии, па Уставниот суд работи со состав кој е за една третина помал од предвидениот. А, тоа нема да се смени пред завршувањето на локалните избори.
„Сметам дека е несериозно три месеци да не се изберат уставни судии“,
вели претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.
„360 степени“ доби потврда дека додека во јавноста се шпекулираше со имиња на можните кандидати за уставни судии, информации за процесот побарала Американската амбасада во Скопје.
Дали дописот, испратен до надлежната собраниската комисија, е причината што ги пишманила пратениците?
Уставниот суд го сочинуваат девет судии кои имаат мандат од девет години. Кога последен пат имаше полн состав, него го сочинуваа: Добрила Кацарска (2020), избрана лани, Насер Ајдари Осман Кадриу, Дарко Костадиновски, избрани во 2018 година, Вангелина Маркудова избрана во 2013 година и Јован Јосифовски, Сали Мурати, Никола Ивановски, Елена Гошева сите избрани во 2012 година. Пред крајот на летото, мандатот им истече не Гошева, Ивановски и Мурати.
По заминувањето на тројца судии, Уставниот суд веќе неколку месеци работи со две третини од капацитетот. Меѓу другото, тоа значи дека судиите треба да бидат речиси едногласни, бидејќи одлуките ги носат со мнозинство од вкупниот број судии.
„Нашите одлуки коишто ги носиме се легитимни, бидејќи одлуките го добиле потребниот број на гласови. Освен тоа, со задоволство можам да кажам дека речиси сите одлуки што биле на седница поминале, меѓутоа треба да се има во предвид фактот дека друго е кога за некој предмет дискутираат девет судии, а друго е кога дискутираат само шест судии“,
вели Кацарска.
На маса пред Уставниот суд, во моментов, чекаат и големи предмети како указите за Преспанскиот договор и Законот за употреба на јазиците. Но, поради застојот во изборот на нови судии, „паднала“ едногласна одлука за вакви значајни прашања да се одлучува откако Судот ќе се екипира целосно.
„Ние можеби може да ги поминеме на седница, но ако не добијат потребен број гласови тие одлуки, во тој случај рефератот останува во фаза на гласање. Кога ќе дојдат новите судии тие го губат правото да дискутираат, а се должни да гласаат, што е исто така проблем. И конечно, можеби ние имаме едно размислување и еден став за некои предмети, а некој од оние судии кои што треба да дојдат ќе успее да не убеди со негова дискусија дека можеби ние грешиме и дека нивниот став е поинаков и исправен. Затоа велам, многу е важно колку што е можно побрзо да се комплетира Уставниот суд“,
посочува Кацарска.
Сите уставни судии ги избира Собранието. Некои, како на пример Кацарска, ги предлага Судскиот совет. Некои ги предлага претседателот на државата. А судиите што сега се чека да се изберат треба да бидат предлог на собраниската Комисија за изборите и именувањата. Откако имињата ќе добијат зелено светло на матична комисија, треба да добијат и најмалку 61 глас на пленарна седница на парламентот.
При единствениот обид да се отвори темата во Собранието во јули, пратениците не стигнаа да номинираат конкретни имиња, бидејќи точката беше одложена.
Опозицијата негодуваше откако се раширија шпекулации дека меѓу кандидатите за уставни судии се поранешната пратеничка од СДСМ и актуелен генерален секретар на Собранието, Цветанка Иванова, и битолскиот адвокат, Васко Талевски, кој има минато во раководните структури на владејачкиот СДСМ.
„Oва би претставувало не само партизација, туку заевизација на Уставниот суд“,
порача во јуни пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
„Можеби колегите ќе ве предложат и вас за уставен судија и Гордана Силјановска, ама не можеме да знаеме“,
рече на собраниската седница во јули, претседателот на Комисијата за изборите и именувањата, Костадин Костадинов.
Во разговор за „360 степени“, Иванова вели дека досега не разговарала за нејзина кандидатура со ниту еден пратеник, додека адвокатот Талевски тврди дека имало неформални разговори, како што вели, на база на шпекулации.
Случајно или не, токму во периодот кога се шпекулираше дека тие ќе бидат кандидати за уставни судии, информации за процесот побарала Американската амбасада во Скопје. Сознанијата на „360 степени“ се дека правен советник од амбасадата испратил писмо до претседателот на надлежната собраниска комисија, Костадин Костадинов. Амбасадата потврди дека има допис, но не ја откри содржината.
„Често се ангажираме (соработуваме) со сите нивоа на власта за широк спектар на прашања од заеднички интерес“,
беше одговорот од Амбасадата на нашето прашање за дообјаснување на целта на писмото.
Што пишувало во писмото и дали тоа е вистинската причина за одлагањето на номинацијата на кандидати, се обидовме да го прашаме токму Костадин Костадинов. Пратеникот на СДСМ ги игнорираше нашите повици и пораки.
Не го сретнавме ниту на првиот работен ден на Собранието по летните одмори, а неговото столче остана празно и на првата собраниска седница.
„Јас сум заменик-претседател на Комисијата, заменик на претседателот Коста Костадинов, немам информација дека до претседателот има пристигнато било какво писмо, од некои советници правни како ги кажавте“,
вели заменик-претседателот на Комисијата за изборите и именувањата и координатор
На прашањето, дали Иванова и Талевски се добри кандидати за уставни судии, Митрески не одговори директно, туку истакна дека имињата биле шпекулација.
„Како кандидати јас можам да кажам за тие што ги познавам. Можам да зборувам и за Цветанка Иванова како еден од поквалитетните правници, но сето тоа што вие го кажувате и сум го читал од медиуми, а нема ништо официјално како некаков предлог од пратеник којшто стигнал до мене како координатор на пратеничка група. Сметам дека спомнувањето на нејзиното име или на други имиња коишто се вртеа во јавноста мислам дека е само чиста шпекулација“,
вели Митрески.
Ставот на Митрески е дека номинацијата во јуни е одложена поради ВМРО-ДПМНЕ и дека за продолжување на процесот се чека опозицијата да утврди свои кандидати. Бидејќи до распишување на локалните избори не добиле абер дека се спремни за дебата, изборот на судии сега е во мирување.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, не откриваат дали ќе излезат со свои кандидати, ама истовремено очекуваат претходен договор меѓу сите партии.
–Планот на ВМРО-ДПМНЕ не е важен, затоа што владејачкото мнозинство ја закажува комисијата.
-Дали повторно ќе ја опструирате работата?
-Сето тоа е релативно, затоа што навистина би сакале врз основа на она што ќе го договориме претходно, да се одвива и текот на седницата. Доколку повторно имаме обид нешто на мала врата или далеку од очите на јавноста да се помине, ќе бараме начин сето тоа да го прикажеме на јавноста.–Зошто не дадовте шанса на процесот да ги чуете барем предлог кандидатите?
–Па јас, се чудам и на владејачкото мнозинство во Собранието, кога веќе решило да ја турка на сила целата таа работа, што не продолжи со седницата? Очигледно заглавени во начинот на избор којшто сакаа да помине во тајност, ја прекинаа седницата и еве гледаме дека нема се уште продолжение на таа седница.
вели Мицевски.
Додека трае собраниската сага за тоа кој ја одолговлекува седницата и го киднапирал Уставниот суд – институцијата може да остане без уште еден судија.
Јован Јосифовски е избран за судија во декември 2012 година и неговиот мандат завршува во јануари 2022 година. Ако дотогаш не се изберат судии, Уставниот суд нема да може да одлучува за прашањата за кои е потребно двотретинско мнозинство, бидејќи тоа подразбира барем шестмина судии.
Но, и неминовниот изборот носи ризици, вели доцентот по уставно право и политички систем, Денис Прешова.
„Што значи дека веќе ќе имаме петмина судии кои ќе бидат избрани за релативно кус временски период, што ќе го сочинува и новото мнозинство во рамките на Уставниот суд, по што ќе следи една пауза од седум години во која, доколку предвреме не престане нечиј мандат, нема да имаме никаков избор на уставни судии. Значи ќе биде бетонирана позицијата на мнозинството на Уставниот суд, во чиј избор ќе доминира една политичка гарнитура што не сметам дека е баш најпожелна ситуација во однос на прашањата поврзани со уставноста и законитоста на државата“,
вели Прешова.
Според Прешова, опструкциите во парламентот се последица на отсуството на правна регулатива. Смета дека мора да се донесе посебен закон за Уставниот суд, со кој, меѓу другото, би се прецизирале и критериумите за избор на судиите кои се од редот на т.н. „истакнати правници“. Во пракса, смета Прешова, овој термин остава простор за манипулации.
„Постои несоодветна и недоречена правна рамка и извитоперена пракса во нашиот систем. За жал, редовно се оставаат овие прашања до последен момент да бидат разрешени и тогаш најчесто завршуваме со избрзани решенија или без никакви решенија во однос на овие проблеми, односно решавањето на проблемот се остава за некои подобри времиња и посоодветна политичка клима, која никако да дојде во однос на Уставниот суд“,
потенцира Прешова.
Барањата за законско решение или решенија кои би биле значајна реформа на уставното судство не се нови. Не е нова и неподготвеноста на законодавната и извршната власт суштински да се впуштат во таков процес.
Во такви околности, сигурно е дека и новите уставни судии ќе бидат избрани по актуелните правила. Само избор на неспорни „истакнати правници“ може да биде почеток на подобрување на сликата и капацитетот на Уставниот суд.