Директорот на Институтот за имунобиологија и хумана генетика при Медицинскиот факултет на УКИМ, Александар Петличковски во вечерашната дебата на „360 степени“ рече дека невозможно е да имаме во земјава околу 115 реинифицирани со ковид, бидејќи тоа е многу редок случај и во светски рамките се регистрирани десетина случаи.
„Невозможно е да имаме 115 случаи на реинфекција, кога во светот се детектирани од 10 до 15 такви случаи. Теоретски реинфекцијата е можна, но тоа е толку многу редок настан што нема шанси во Македонија да има толку случаи на реинфицирани. Тоа би значело дека никогаш нема да излеземе од кругот на пандемијата, а тоа не е случај“,
рече Петличковски.
Тој вели дека веројатно во споделените податоци од Институтот за јавно здравје станува збор за поинакво толкување на позитивните ПЦР тестови.
„Претпоставувам дека станува збор за поинакво толкување на тие позитивни ПЦР тестови. Во тие не се исклучува можноста дека можеби првиот тест не бил веродостоен. Но, можно е во тие три до четири месеци кои поминале од прв до втор тест човекот никогаш да не се негативизирал. Но, за да потврдиме дека некој човек се реинфицирал мораме да имаме податоци за варијантата на вирусот првиот пат кога го инфицирала, да имаме јасни податоците дека во меѓувреме тој е излекуван и податоци за новата варијанта. Тоа се многу тешки студии за кои ние не сме спремни да ги направиме“,
вели Петличковски.
Тој вели дека позитивниот ПЦР тест не мора да значи дека лицето ќе ја развие болеста.
Во оваа насока зборуваше и директората на Инфективната клиника, МиленаСтевановиќ која рече дека имала случаи со тројца пациенти кои тврделе дека се реинфицирани, бидејќи претходно имале позитивни ковид-19 тестови. За да се утврди, Стевановиќ ги побарала податоците од тестовите во лабораториите во кои се тестирале конкретните пациенти и се покажало дека на првите тестовите биле асимптоматски, а кога повторно добиле позитивен тест по неколку месеци имале развиено слаба клиничка слика.
„Сите тројца во првиот наврат кога биле тестирани биле позитивни, а биле апсолутно асимптоматски. Во вториот наврат кога се појавува позитивитетот се развива една лесна клиничка слика, но сите беа негативни на антитела после првото тестирање на ковид, што значи дека не може да се сметаат дека биле баш позитивни, односно првиот пат не развиле болест. Во период на масовно тестирање и не се исклучува можноста да се случи и грешка“,
додава Стевановиќ.