„Свири крај“ е мотото на денешниот перформанс, кој се одржува во центарот на Скопје, а чија цел е подигање на јавната свест за борба против корупцијата, во организација на Регионалната антикорупциска иницијатива.
Во транспарентна кутија на плоштадот во Скопје, маскирано лице уништува лажни банкноти, додека граѓаните со притискање на копче „Свири крај!“ симболично можеа да ја запрат загубата на јавните пари.
На настанот, кој е дел од едукативната и информативна кампања на РАИ, се обрати заменик-шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Џулијан Васало, кој истакна дека настанот ги прикажува разорните ефекти на корупцијата во сите нејзини форми и покажува дека секој граѓанин има улога во спречувањето на оваа појава.
„Борбата со корупцијата претставува предизвик, не само за Северна Македонија и Западен Балкан, таа и натаму е предизвик за земјите членки на Европската Унија. И покрај нашиот напредок, мораме да се погрижиме да го заштитиме и да го обезбедиме тој напредок со цел да не се соочиме со уназадување во ова поле. Потребни се напори и заложби, но, исто така, потребно е и добро законодавство и негово спроведување. Заложбите и напорите треба да дојдат и од јавните институции и од приватниот сектор и од граѓаните“,
истакна Васало.
Дека борбата против корупцијата започнува од поединецот, порача и Анета Арнаудовска, виш советник за борба против корупцијата во Секретаријатот на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ).
„Ги покануваме нашите сограѓани и сограѓанки со притискање на копчето ‘Свири крај!’ симболично да ја запрат корупцијата и уништувањето на нивните пари. Така ќе покажеме колку пари можеме да спасиме од уништување, доколку одбиеме да учествуваме во корупцијата. Дополнително, така испраќаме и порака за поддршка на „укажувачите“ – лицата кои со пријавување на корупцијата донесуваат храбра и несебична одлука, ставајќи се себеси во служба на јавниот интерес“,
рече Арнаудовска.