Во својот говор, претседателот истакна дека С Македонија покажа храброст и мудрост за решавање тешки билатерални прашања, осврнувајќи се на Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство со Бугарија
Државите во Југоисточна Европа (ЈИЕ) споделуваат заеднички историски, цивилизациски, културен и економски континуитет , па затоа различните ставови за некои важни историски прашања, дури и меѓу блиските сојузници, не смеат да ги спречуваат соработката и пријателството, изјави македонскиот претседател Стево Пендаровски, во денешното обраќање на на Самитот на шефови на држави и на влади на земјите – учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) кој, во рамките на турското претседавање, се одржува во Анталија, Турција.
Според Пендаровски, разликите не треба да го поткопуваат еден од најинспиративните проекти во историјата, европската интеграција, особено во нејзината следна фаза кон партнерите од ЈИЕ. Тој додаде и дека дека интегрирањето на Западниот Балкан е во политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ, а претставува и геостратегиска инвестиција во стабилна и просперитетна Унија.
Во својот говор, претседателот истакна дека Северна Македонија покажа храброст и мудрост за решавање на тешки билатерални прашања, осврнувајќи се на Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство со Бугарија во насока на градење добрососедски односи и надминување на разликите преку дијалог и разбирање.
Нагласувајќи ја важноста од регионалната соработка, Пендаровски истакна дека, во рамките на ПСЈИЕ, во изминатиов период, се постигнати значајни резултати, како во политичката, така и во економската, безбедносната и социјалната сфера.

„Ние сме релативно мали како земји и економии, но заедно сме силни. Фактот дека имаме разлики и различни ставови за членство во разни меѓународни сојузи, не исклучува поблиска соработка во сите поврзани секторски области од заеднички интерес“,
рече претседателот Пендаровски осврнувајќи се на пандемијата на ковид-19, која наметна изнаоѓање нови начини на соработка.
Стратегијата „ЈИЕ 2030“, која треба да се одобри денес, нагласи Пендаровски, е пресвртница за регионалната соработка во Југоисточна Европа, а нејзината имплементација се очекува да донесе зголемен просперитет, подобар квалитет на живот и да му помогне на регионот да ги постигне целите поставени од глобалното семејство на нации.