Претседателот Стево Пендаровски се надева дека новата методологија за водење на процесот на пристапните преговори со ЕУ ќе биде дефинирана до март.
Ова му го кажал шефот на државата на новиот комесар за соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји, кој денеска е во прва официјална посета на земјава.

„Претседателот Пендаровски изрази очекување дека тој ќе дава цврста поддршка на перспективата за проширувањето на ЕУ со земји од Западен Балкан. Претседателот Пендаровски истакна дека европската и евроатлантската интеграција останува стратегиска цел за нашата држава. Во очекување на скорешното финализирање на членството во НАТО, претседателот посочи дека фокусот на државата е насочен кон перспективата за отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ“,
соопштија од кабинетот на Пендаровски.
Тие зборувале и за предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 12 април за кои Пендаровски очекува одговорност од сите политички партии и порачал дека изборите мора да бидат фер, слободни и демократски.
Вархеји, освен со Пендаровски, ќе се сретне и со премиерот Оливер Спасовски и со претседателот на Собранието Талат Џафери, како и со лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
Покрај запознавање со македонската политичка елита, како што веќе објави „360 степени“ минатата недела, целта на посетата на Вархеји е увид во реформското досие на земјава и консултација со владините претставници за новата нацрт-методологија за пристапните преговори со ЕУ.