Претседателот на државата, Стево Пендаровски, попладнето му го врачи мандатот на новиот технички премиер и досегашен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Согласно договорот на политичките партии за преодна влада, Спасовски ќе ја извршува функцијата технички премиер се до формирање на новата влада по предвремените парламентарни избори.
Во своето кратко обраќање по преземање на мандатот, Спасовски се заблагодари за честа и одговорноста што му се укажува.
„Наша задача ќе биде да направиме сè за да продолжи државата со напредокот, да имаме фер и демократски избори и да овозможиме граѓаните слободно да донесат одлука, а институциите да продолжат со истата динамика за да имаме развој и просперитет“,
порача Спасовски.
Преостанува Спасовски да го предложи до Собранието составот на техничката влада, која ќе управува со државата до изборите. Парламентот треба да го изгласа предлогот денеска до полноќ за да се запазат роковите и изборите да се одржат на 12 април според договорот на партиите.