Во сите држави пазаравме во супермаркети чија стратегија е да настапуваат со ниски цени. Во предвид ги земавме редовните, а не акциските понуди. Во сите држави купивме неколку основни производи и неколку меѓународно познати брендови. Секаде каде беше можно, гледавме да купуваме и пакувања со иста количина
Први, во регионот, тоа го направија Хрватите и веќе следната недела… Незадоволството дома беше причина да провериме како е во непосредното соседство. Во два тима, тргнавме да видиме какви се цените по маркетите на исти или слични производи во комшиските ланци на супермаркети.
Едниот тим тргна прво на југоисток, кон Бугарија. Решивме да одиме до Петрич бидејќи планот ни беше оттаму да продолжиме за Грција. По стандардните рутински проверки од македонските и бугарските граничари и цариници на преминот Ново Село – Златарево, влеговме во соседна Бугарија. Однапред имавме зацртано каде ќе пазариме во Петрич – во продавница која е дел од голем синџир европски супермаркети, ориентиран кон ниски цени. Судејќи по паркингот, се чинеше како да сме во Македонија, бидејќи голем број наши сограѓани решиле саботниот ден да го искористат за шопинг во градот кој се наоѓа на само половина час возење од граничниот премин.

Списокот за пазарување ни беше ист за секое место, за да може да направиме споредба. Неколку истородни производи, како сол, шеќер и јајца кои вообичаено се домашни и од различни производители и неколку меѓународно познати производи присутни на сите пазари во регионот.
Така, конзерва „Нескафе“ од 250 грама во маркетот во Петрич чинеше 18,39 лева или преведено во денари – 578. „Нутела“ од 750 грама 15,99 лева или 503 денари. Бидејќи во различни земји пакувањата на некои производи беа различни, во табела ќе ги прикажуваме цените по идентична количина.
Така преведено, килограм „Нескафе“ чини 2 314 денари, а килограм „Нутела“ 671 денари. Бананите се 125 денари, а пилешкото 708 денари за килограм. Десет јајца се 157 денари. Еден килограм шеќер чини 63 денари, еден килограм сол – 20 денари, додека пак еден литар млеко со масленост од 1,5% ќе ве чини 72 денари. Доколку сте љубител на газирани пијалаци – „кока кола“ во Бугарија чини точно 50 денари по литар. Еден килограм брашно тип 500, пак, е 53 денари. Од хемиските продукти – Доместос чини 226,4 денари по литар.

Со првичните резултати и со полна торба продукти излеговме од супермаркетот и се упативме кон Грција. Патот сега е пократок, откако Бугарија од први јануари годинава влезе во Шенген зоната па нема граничен премин меѓу овие две земји.

Во Грција, планот беше да пазариме во Поликастро, со предзнаење дека таму има супермаркет од истиот синџир како во Бугарија. По едночасовно возење по регионален пат, кој во еден дел се протега паралелно со планината Беласица, но од грчка страна, пристигнавме на локацијата.
Веднаш се фативме за работа, но за разлика од Бугарија, тајното снимање внатре во маркетот ни беше отежнато. Имаше обезбедување кое постојано правеше обиколка. И покрај ограничувањата, успеавме во нашата мисија.
Во Грција, најголемата грамажа на „Нес-кафе“ изнесува 200 грама и чини 8,45 евра, или 520 денари. Тоа значи дека еден килограм чини 2 600 денари. „Нутела“ од 750 грама чини 7,15 евра, или 440 денари, односно 586 денари за еден килограм.
Понатаму, еден килограм банани – 98 денари додека пак еден килограм пилешки стек чини 633 денари. Десет јајца се 202 денари, килограм шеќер 45 денари, а еден литар млеко со 1,5 отсто масленост е 65 денари. Максималната литража на „Кока Кола“ барем во овој супермаркет изнесува еден литар и чини 84 денари, додека пак цената за еден килограм сол изнесува 18 денари. Килограм брашно тип 500 чини 86 денари, а во овој маркет не најдовме „Доместос“.

Додека едниот тим возеше кон Бугарија и потоа Грција, другиот се упати кон Србија, со план да застане и во Косово пред враќањето дома.

На граничниот премин Табановце немаше гужва, што помогна побргу да стигнеме до нашата прва станица – Врање. Таму има супермаркет од истиот синџир во кои пазаруваше тимот во Бугарија и во Грција.
Конзерва „Нескафе“ од 250 грама чинеше 973 српски динари. Или, во наши пари, 512 денари. За килограм, тоа е 2 048 денари.
„Нутела“, во редовна продажба, најдовме само во тегли од 400 грама наспроти 750 како во другите држави. Цената, пресметана за килограм, изнесува 630 денари. Бананите беа 100 денари, пилешкиот стек 384 денари за килограм. Пакување од 10 јајца е 115 денари, шеќерот 59 денари за килограм, солта 24, а литар млеко со 1,5% масленост беше 54 денари. Дволитарска кока-кола, по литар, чини 45,5 денари. Брашното, но од тип-400 бидејќи немаше тип-500 беше 29 денари. Литар доместос чинеше 200 денари.

Од Врање, се упативме кон најблискиот граничен премин кон Косово, а тоа е Бела земја кај Бујановац. По 30 минути чекање на граница, влеговме во Косово.

Најблискиот и најголем град до овој граничен премин е Гњилане. На Косово не е присутен синџирот супермаркети од кој пазарувавме во Србија, Бугарија и Грција. Па, го посетивме најголемиот домашен.
Нескафе од 250 грама во Гњилане не чинеше 7 евра и 99 центи, односно 491 денари. За килограм, тоа би дошло 1 964 денари.
Крем „Нутела“ од 750 грама во Косово го купивме за 390 денари, односно 520 за килограм. Бананите беа 85 денари за килограм, додека пилешки стек во моментот немаше. Пакет од 10 јајца чинеше 138 денари. Килограм шеќер е 70 денари, а сол 27 денари. За литар млеко со 1,5% масленост плативме 81 денари, додека „кока-кола“, инаку произведена во Македонија, по литар чинеше 49 денари. И на Косово, како во Србија, во продажба имаше брашно тип-400, кое не чинеше 46 денари за килограм,доместос 143 денари.

Со тоа, завршивме со пазарувањето во соседството и се вративме дома.
Ни остана уште најважниот дел од истражувањето. А тоа е – да провериме, колку истите производи чинат во домашните маркети. За споредбата да биде фер, изборот падна на синџир на супермаркети во земјава познат по ниски цени.
Конкретната продавница што ја избравме е во Скопје. Како и во другите држави, прво побаравме лименки „Нес-кафе“ – Во Македонија, најголемата е идентична како и во Грција – 200 грама, барем во овој маркет. За 200 грама треба да одвоите 419 денари или за еден килограм 2 095. 750 грама „Нутела“ чини 379 денари, односно 505 денари за килограм.
Бананите се 73 денари, а пилешкиот стек е 369 денари за килограм. Десет јајца се 90 денари. Еден килограм шеќер чини 47,8 денари, еден килограм сол – 20 денари, додека пак еден литар млеко со масленост од 1,5% ќе ве чини 54 денари. Во Македонија, сок од брендот „кока кола“ чини 46 денари по литар. Еден килограм брашно тип 400 изнесува 27 денари. Средството за чистење Доместос чини 119 денари по литар

Или, сумирано, најголемиот дел од продуктите чии цени ги споредувавме се најевтини во Македонија. Тоа важи за Нутелата, бананите, пилешкиот стек, јајцата, млекото, брашното и средството за чистење „Доместос“.
Нескафето беше најефтино на Косово, солта и шеќерот во Грција, а во Србија „кока-колата“ за незначителни 50 дени по литар.