Ако пред пет години од Кочани до Скопје се патуваше еден час и 40 сега се стигнува за помалку од еден час, рече министерот Бочварски
Експресниот пат од Штип до Кочани конечно е целосно завршен и од денеска е пуштен во употреба.
Станува збор за отворање на делница од Крупиште до Кочани во должина од 13,7 километри, откако во 2020 беше пуштен делот од Штип до Кочани долг 14,3 километри. Со завршувањето на втората делница, вкупната вредност на оваа инвестиција е 46,5 милиони евра.
На официјалното пуштање во употреба на втората делница присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми.
Премиерот, како што може да се види од видеото од владината прес-служба, и лично го проба новиот експресен пат возејќи еден од службените автомобили додека на совозачкото седиште беше министерот Бочварски.
„Со изградбата на експресниот пат се овозможува брзо и современо поврзување помеѓу Штип и Кочани, со што го забрзуваме и олеснуваме патувањето за граѓаните од овој крај. Се намалуваат километрите пат и времетраењето на патувањето, но најважно од сè се зголеми безбедноста во сообраќајот“,
рече Ковачевски.
Во обраќањето, министерот Бочварски истакна дека од регион кој претходно бил заборавен денеска е создаден регион на инвестиции, а истокот со модерна патна инфраструктура се поврза со централниот дел на државата како и со Република Бугарија.
„Овој експресен пат е еден доказ за тоа, изградивме едно модерно патно решение, патна врска од Штип до Кочани со која се подигна нивото на безбедност во сообраќајот. Ако пред пет години од Кочани до Скопје се патуваше еден час и 40 сега се стигнува за помалку од еден час“,
рече Бочварски.
Рустеми потенцираше дека експресниот пат Штип-Кочани е граден по висок квалитет на градба, како првата, така и втората делница.
„Има две коловозни ленти и две ленти за застанување со што на граѓаните од истокот им се нуди побрз и побезбеден начин на возење. Експресниот пат е со висок квалитет на градба. Ширина на патот е 11.4 метри и има четири ленти, по две коловозни од 3,5 метри и две ленти за застанување од по 2 метри. Максималната брзина на движење на експресниот пат е 110 километри на час“,
вели Рустеми.
Парите за изградбата на овој експресен пат беа обезбедени од заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за што договор беше потпишан уште во 2015 година од страна на тогашниот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески.