„360 степени“ дојде до целосниот Извештај на Оценската мисија на ЕУ за состојбите во Судскиот совет, кој содржи и 40 препораки за надминување на состојбите
Освен што дадоа препораки, експертите кои ги прати Брисел во извештајот поставуваат и неколку дилеми: Зошто никој не се заинтересира за изјавата на поранешната претседателка Црвенковска дека има притисок од судски и бизнис елити? Зошто обвинителството не отвори предмет? Зошто ниту власта ниту опозицијата во Собранието не се ни обидоа да покренат интерпелација на членовите на Судскиот совет кои незаконски ја разрешија претседателката Весна Дамева?
Овие фотографии се направени деновиве. Ги објави Судскиот совет, без да ја открие и локацијата, заедно со соопштение дека членовите се на тридневна работилница по повод Изештајот на Оценската мисија на Европската Унија за функционирањето на Судскиот совет.

А извештајот чекаше на разгледување месец и половина, откако на почетокот на декември, на брифинг со новинарите без камери, евроамбасадорот Дејвид Гир кажа дека документот е готов и испратен до институциите.
Извештајот, тогаш, не беше објавен, а и не се планираше такво нешто. Но, додека надлежните тактизираа со негово разгледување, документот го најде патот до нашата редакција.
ЕУ: Никој не се загрижи за судските и бизнис елити
Се на се, има 33 страници. На нив се напишани 40 препораки – што се треба да се смени за Судскиот совет да ја зајакне независноста, непристрасноста и кредибилноста. Препораките се темелат на затекнатите, односно наталожени состојби.
На пример, еве како ЕУ гледа на фактот што кога има избори за член на Судскиот совет од редовите на судиите се јавуваат малкумина, а понекогаш и само еден кандидат.

„Ова може да се припише на мешањето на политиката во процесот, што резултира со тоа потенцијално соодветните кандидати да се обесхрабрени од конкурирање за членство во Судскиот совет“,
пишува на страницата бр.8 во Извештајот.
Понатаму, нотирана е оставката на претседателката Павлина Црвенковска од 2022 година која, потсетуваат експертите на ЕУ, изјави дека веќе не може да го поднесе притисокот од судската и бизнис елита. Пораката до судството, се вели во извештајот, била дека Советот не може да се заштити од внатрешни и надворешни притисоци.

„Поради тоа, се поставува прашањето како членовите на Судскиот совет може да го заштита судството од такви влијание, ако не можат да се заштитат ниту себеси. За обвинувањата (на Црвенковска, н.з.) Судскиот совет не презеде никакви дејствија, ниту пак таквите обвинувања ги истражи Јавното обвинителство“,
пишува на 11. страница во Извештајот.
Во извештајот јасно е наведено и дека разрешувањето на наследничката на Црвенковска, Весна Дамева, било противзаконско. Освен што се критикува однесувањето на Советот, се критикува и однесувањето на политиката, бидејќи на целата лакрдија кумуваа токму членови на Советот избрани од Собранието.
„Друг аспект е дека во Собранието, ниту владејачките пратеници, ниту опозицијата, презедоа некакви чекори за да ја поправат состојбата по разрешувањето на поранешниот претседател на Судскиот совет. Не беше иницирана ниту процедура за интерпелација на членовите кои се избрани од Собранието“,
пишува на страницата број 12.
ЕУ и 40 препораки
Извештајот изобилува и со многу други забелешки, кои за волја на вистината, веќе биле констатирани од дел од невладиниот сектор или медиумите. Разликата е што не е лесно да се дискредитира ЕУ, кога не одговара напишаното.
Но, било што било, целта на документот е да даде насоки – како да биде подобро. Од 40 препораки, 17, според Оценската мисија, треба и може да се спроведат на краток рок. 17 препораки, се среднорочни и останатите 6 се долгорочни.

Меѓу оние работи што треба брзо да се средат, е барањето Владата конечно да почне да и исплаќа буџет од 0,8% од БДП на судската власта, како што е утврдено со закон, а не 0,3%, како што е пракса секоја година. Се предлага и исплатата да оди директно, без сегашната процедура на одобрување на буџет.
Се бараат и законски измени со кои членовите на Судскиот совет кои ги избира Собранието, би се бирале како членовите на Антикорупциска – со јавно сослушување и учество на лица надвор од политиката. Се бара и потесна дефиниција на терминот „истакнат правник“, кој често се злоупотребува.
Измени се предлагаат и при изборот на членови од редовите на судиите – да има цензус при гласањето, а кога има само еден кандидат, да може да се гласа и „за“ но и „против“.
Нема независност без независен буџет
За овие, но и останатите препораки, став побаравме од граѓанскиот сектор, кој во извештајот е издвоен како „најпостојан контролен механизам на Судскиот совет“, па дури и се препорачува член на Судскиот совет од редовите на невладините организации.
Со документот отидовме во седиштето на коалицијата „Сите за правично судење“, организација која ја надгледува работата на Судскиот совет.

Откако оставивме доволно време за го прочита документот, прво го прашавме извршниот директор Дарко Аврамовски, како треба да се толкува препораката да се отстрани обврската – владата да го одобрува судскиот буџет.
„Не можеме да зборуваме за вистински независен буџет и независно планирање на средствата на судството, доколку истото зависи од претходно одобрување од страна на извршната власт. Во таа насока, Собранието пред некоја година, исто така зависеше претходно од вакви одобрувања од Министерството за финансии, изгласа да има ваков посебен буџет за себе како засебна законодавна власт и сметаме дека истиот пристап би требало да биде и за Судскиот совет, односно за судовите“,
изјави за „360 степени“ Дарко Аврамовски, извршен директор на Коалиција „Сите за правично судење“
Нашата следна точка на разговор беа препораките за воведување дополнителни услови при избор на членови на Судскиот совет.
Оние кои ги избира Собранието, освен што се бара да се бираат на јавно сослушување и со учество на стручната јавност, ги засега и друга препорака. Тоа е барањето потесно да се дефинира институтот „истакнат правник“, бидејќи досега често се случуваше никој да не слушнал за истакнатите правници кои ги предлага и избира политиката за членови на Судскиот совет.
Кај непосредните избори на членови од редот на судиите, пак, се бара да има цензус. И не само тоа, ако има само еден кандидат, како што се случува понекогаш, да може да се заокружи и „за“ и „против“.

„Години и години наназад имаме истражувања кои укажуваат не само дека јавноста нема доверба во судството и во Судскиот совет, меѓутоа уште пострашно е што самите судии немаат доверба во Судскиот совет. Тоа неминовно значи дека мора да се преземе нешто, да видиме како се бираат овие членови и како може да се направи таа постапка да биде потранспарентна за барем судиите да имаат доверба во оние лица кои самите ги бираат. Затоа што мнозинството од членовите на Судскиот совет се избрани токму од страна на судиите, а судиите, речиси ¾ од судиите не веруваат дека Судскиот совет се грижи за нивната независност, професионалност и така натаму“,
изјави Аврамовски.
Меѓу препораките повторно се теми на кои интензивно се работеше во изминативе години. Советот да биде потранспарентен, да се почитуваат критериумите при избор и унапредување на судии, да има ист аршин кога некој судија добива промоција, а друг не.
„Во суштина, најголемиот дел од препораките кои ги добиваме и критиките кои ги трпи судството и нашата држава воопшто не би биле дадени доколку навистина се стремиме да ги имплементираме оние законски решенија во смислата на нивниот дух, што сакаме да постигнеме со нив. И токму поради тоа впрочем сме имале и во минатото вакви неуспешни обиди за реформите на судството, токму поради тоа што сметаме дека има некое еднократно решение и дека само ќе го смениме законот и потоа не треба да се обрнува внимание и да се вложува труд во имплементацијата на овие правила кои сме се нафатиле да ги имплементираме“,
изјави Аврамовски.

Меѓу среднорочните препораки, пак, дел се однесуваат на мандатот на самиот Судски совет:
– Да се забрани избор за член во Судскиот совет во два последователни мандата;
– Да се забрани избор или унапредување на судска функција една година по завршување на мандатот;
– Да се намали потребниот број судии за отворање дисциплинска постапка против член на Судскиот совет.
Заедно со препорачаната професионализација на односите со јавноста, овие мерки треба да придонесат за поотчетен Судски совет.
На долг рок, пак, се препорачуваат мерки кои освен промена на закони подразбираат и промена на Устав:

– Исклучување на министерот за правда и претседателот на Врховниот суд како членови без право на глас;
– Кратење на мандатот на член на Советот од шест на четири години;
– членовите на Судскиот совет од редот на судиите да продолжат да судат во ограничен капацитет.
Кога беше презентиран извештајот, евроамбасадорот Гир кажа дека би било револуција ако краткорочните препораки се применат во следните месеци.
Бидејќи месец и пол веќе помина, а од следната недела земјава ќе ја води техничка влада, таа можност полека бега.
Останува да се види – дали ако нема револуција, ќе има барем еволуција, по трите дена кои Судскиот совет ги потроши на оваа тема, на непозната локација.