Државниот завод за ревизија годинава објави извештаи за 9 општини. Едвај една третина од извештаите покажуваат домаќинско работење (изразено е мислење без резерва од ДЗР) Наодите се за работењето во 2021 г. – дали е подобро сега?
Државниот завод за ревизија годинава објави ревизорски извештаи за 9 општини. Констатацијата е дека ниту една третина од локалните самоуправи не работат домаќински.
„31% отсто изразени се мислења без резерва, значи позитивни мислења, 23 отсто се мислења со резерва и 46 отсто од мислењата се неповолни мислења“,
велат од ДЗР.
Ревизијата на општините е за 2021, а токму во октомври таа година се одржаа локални избори. Тоа ги става во комотна позиција актуелните градоначалници, бидејќи забелешките се пред се за нивните претходници. Локалната власт се смени во 2021, но колку сега се управува одговорно со општинските каси?

Општина Тетово. Дом на безмалку 85 илјади жители. Во 2021 година локалната власт собрала само половина од приходите што ги планирала, привремено вработила многу повеќе лица од што и фалат по систематизација, а градежна фирма добила тендер од 250 илјади евра, без проектна документација и дозвола за градба. Заклучоците се на Државниот завод за ревизија.
Поголемиот дел од таа година градоначалничка е Теута Арифи од ДУИ, која и одговорила на дел од забелешките во Извештајот. Ревизорите не и прифатиле ниту една.

Но, една од забелешките на ревизорите важи и за неа и за нејзиниот наследник Билал Касами од Беса. Бидејќи општинската сметка е блокирана од 2014 година, градоначалникот е обврзан со закон да прогласи т.н. финансиска нестабилност. Сепак и актуелниот градоначалник вели дека нема потреба за такво нешто.
„Општина Тетово е меѓу ретките, меѓу четирите општини на ниво на државата, кои се пријавиле за објава на општински обврзници и ние во тој дел веќе сме во завршна фаза каде што ќе го намалиме општинскиот долг за повеќе од 4 милиони евра.
360֯ : Но, сметката останува блокирана.
Значи, тоа е времено и за брзо време тоа ќе се реши“,
вели Касами.

За 2021 општината имала систематизирани 494 работни места, но само 352 редовно вработени. „Дупката“ се пополнувала со лица ангажирани со договор на дело. Ама наместо 142 лица колку што е разликата, до крајот на годината биле ангажирани 406 лица, за најразлични потреби, како на пример и готвач во детски градинки – без доказ за исполнување на условите.

Тоа, општинската каса ја чинело околу 615 илјади евра. Интересно е што бројката на лица со договор на дело најмногу пораснала во август и останала до крајот на годината, иако последните два месеца општината ја презема новото раководство.
„Ние во првите месеци ја скениравме ситуацијата, не можевме на сите луѓе да им кажеме си одите дома. Но, тоа што е сегашна, реална ситуација, Општина Тетово во моментот нема повеќе од 20 луѓе со договор на дело и тоа се воглавно експерти кои се надворешни и кои требаат по одредени области“,
додава Касами.
Меѓу другото, според државната ревизија, Општината „го испуштила од раце“ и работењето на комуналното претпријатие – кое е второ по задолженост после општината. Касами најавува трансформирање во јавно-приватно партнерство на три дела – приватна компанија која ќе менаџира со отпадот, а истовремено ќе ги наплаќа фактурите за одржување јавни површини и за вода и канализација.

Како и Тетово, така и скопската општина Кисела Вода добила неповолно мислење од ревизорите за работењето во 2021 година, односно за последните 10 месеци од мандатот на Филип Темелковски од СДСМ и првите два од мандатот на Орце Ѓеоргиевски од ВМРО-ДПМНЕ. Согласно процедурите, забелешки на извештајот поднесувал Темелковски, но ревизорите и нему не му прифатиле ниту една. Според последниот попис, тука живеат околу 62 000 граѓани.

Иако помалку од Тетово, сепак и Кисела Вода во континуитет ангажира лица за вршење редовни работни задачи преку приватна агенција за вработување. Во 2021 на платен список на таков начин биле 82 лица, од кои дел без соодветно образование. Тоа било трошок од околу 300 000 евра.
Актуелниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека го намалил бројот на редовно вработени за 20 лица, а на привремено ангажираните за 40.
„Во минатото биле околу 150, сега се околу 130 редовно вработени, споменав дека договорци на дело кои не доаѓале на работа, а земале плата, сега одговорно тврдам дека нема ниту еден таков случај во нашата општина“,
вели градоначалникот Ѓорѓиевски.
И во Кисела Вода се граделе и реконструирале патишта без соодветна документација, како на пример, улица на Теферич.
„Изминативе две години, исто така, за разлика од минатото водиме сметка за запазување на овие законски обврски.
360֯ : Може да гарантирате дека ниту една улица или патишта не се направени без одобрение за градба?
Јас тврдам дека најголем дел од улиците коишто се работат во моментов имаме документација.
360֯ : Значи сепак не за сите.
Значи ќе го проверам ова детално, но можам да гарантирам дека за сите проекти нам ни треба, апликација кога споменувате, основна работа којашто треба да ја имате за апликацијата е проект“,
додава Ѓорѓиевски.

Друг интересен наод од ревизија во 2021 година во Кисела Вода, е што за реконструкција на спортска сала, фирмата избрана за најповолен понудувач, како потврда за способност користела референца од физичко лице, за кое пак нема докази дека ги исполнува потребните услови.

Ѓорче Петров, пак, е општина со 45 000 жители. За 2021 и оваа локална самоуправа добила неповолно мислење од ревизорите, а тогашниот градоналник Александар Наумоски од СДСМ не доставил никакви забелешки на извештаите.

Меѓу другото, државната ревизија утврдила дека општината немала назначено сметководител, 162 илјади евра потрошила на консултантски услуги и овде, како и во останатите општини, привремено се ангажирале лица од кои дел и на раководни позиции. Општината во 2021 потрошила 12,5 илјади евра на гориво, кое се точело и по работно време. Не се изготвувале налози за користење на службените возила, а „Верна-картичка“ им била достапна на лица кои не биле овластени да располагаат со неа.
Кадарот на ВМРО-ДПМНЕ кој сега е во градоначалничката фотелја, Александар Стојкоски, вели дека поправил дел од работите.
„Донесовме целосно нов Правилник за користење на службените возила во коj јасно се прецизираат начините на користење на возилата. Како прво, имаме одговорно лице коешто е задолжено за сите возила и сега по најново, за дополнително да се заштитиме, поставивме ГПС-уреди на возилата со цел да ја спречиме злоупотреба за движење на возилата надвор од она што им е работна обврска или надвор од територијата на Општина Ѓорче Петров“,
рече Стојкоски.
Но, токму овој градоначалник беше дел од функционерите кои на почетокот на годинава „360 степени“ тајно ги провери како ги користат службените возила. Стојкоски го земаа од дома, иако живее на помалку од еден километар од Општината, а службеното возило се возеше за неслужбени потреби, по работното време.


„360֯ : Тогаш, како го коментирате ова кога наши колеги ве детектираа Вас, како ве зема службен автомобил?
Па, службено возило може да ме земало во тек на извршување на моите работни обврски.
360֯ : Од дома. А, живеевте релативно блиску до Општината.
Па, видете, не ме сликале, на пример, кога сум одел пешки, кадешто најчесто сум одел во Општината Ѓорче Петров и претпоставувам дека подолго време сум бил следен затоа што тоа возило го користам исклучително ретко“,
тврди Стојкоски.

Општината во 2021 нетранспарентно давала парична поддршка од буџетот на спортски клубови, културни манифестации и други проекти, а дел од нив не доставиле извештаи за искористените средства. Се финансирале и активности за кои општината воопшто не е надлежна.
Овие прекршувања се направени во време на претходната администрација, а актуелната тврди дека не ги повторува. Сега бараат нов – транспарентен механизам.
„Изготвивме нов Правилник во јуни, ние ќе си распишеме јавен оглас. Тоа е начинот на кој ќе оди поддршката на спортот, а ист таков правилник ќе има и за културата и јавните дејности. Зошто го зборам ова, тоа е единствениот начин на којшто вие во јавноста ќе излезете, сите ќе имаат можност да аплицираат на тој јавен оглас во однос на одредени критериуми како успеси, ќе може да добијат соодветен финансиски надомест, колку имаме планирано во буџетот како средства, во споредба со други општини“,
дециден е Стојкоски.
Актуелниот градоначалник вели дека привремените вработувања се сведени на 18 луѓе и тоа за возачи и оператори на машини, како и за замена на вработени кои користат породилно отсуство.

Ова се само три од девет општини кои за 2021 ги скенираше Државниот завод за ревизија. Оттаму велат дека останати генерални слабости кои се провлекуваат кај речиси сите општини се пропусти во буџетирањето, ненаплата на такси и даноци, презадолженост итн. Но, освен што нотираат, ревизорите на сите им даваат и препораки како да се коригираат.
„44% од препораките не се спроведени, 39% се спроведени, 9 се делумно спроведени и 8 се во тек. Ова кажува дека состојбите што се утврдени и во претходниот период, претходните години, еве 44 отсто се провлекуваат со години и години“,
вели Марина Блажевска државна ревизорка.

Од деветте општини, извештаите за вкупно 5 завршиле во Обвинителство. Како што дознаваме, станува збор токму за општините Тетово, Кисела Вода, Ѓорче Петров и дополнително, Арачиново и Карпош. Од Ревизија велат дека соработката со Обвинителството е подобрена.
„Известуваме во однос каде ние сметаме по одредени точки, тоа не е целиот извештај, по одредени точки за кои сметаме дека постојат индиции, каде што има незаконско работење, а кое што би било од интерес за нивно понатамошно постапување“,
вели Блажевска.
Oд Јавното обвинителство потврдуваат дека ревизорските извештаи се примени и распоредени вo надлежните обвинителства, каде се прават проверки на наодите. Но, нагласуваат еден аспект.
„На последната средба со Главниот државен ревизор, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија ги поттикна ревизорите уште пред изготвување на конечниот извештај, да ја користат можноста предвидена во членот 35 од Законот за државна ревизија кој предвидува дека ’доколку овластениот државен ревизор при ревизија оцени дека субјектот на ревизија сторил прекршок или кривично дело должен е веднаш да ги извести надлежните органи’. Ова во иднина значително би го забрзало постапувањето во однос на констатираните незаконитости“,
ни одговорија од Јавното обвинителство.

Соработката меѓу двете институции, која досега дала мали резултатите, е од голема важност за парите на граѓаните да се трошат за јавно добро, а не да завршуваат по приватни џебови.