Пред две недели беа изградени столбови и дел од подготовката за бетонска плоча. Денеска бетонската плоча е готова, а зад заградениот простор активно си работат градежни работници
Додека го истражувавме овој случај, до редакцијата на „360 степени“ стигна анонимен допис со фотокопија од кривична пријава до Основното јавно обвинителство–Скопје за изградба на десетина други дивоградби, главно, сместени во населбата Сингелиќ, со која се опфатени 12 физички и службени лица од Секторот за урбанизам и градежништво во општината
Во скопската населба Ченто нелегално се гради објект на државно земјиште, објавивме пред две недели. Надлежните знаеле за случајот, бидејќи пријавиле мештани, но тогаш немаше одговор зошто не е запрена градбата – ниту за нас ниту за локалните жители.
„Имаше неформална средба на која се кажа што се кажа, ние потоа се организиравме, направивме еден многу убав допис и сето тоа е поднесено до Општината, ставено е печат дека е примено во архива и ни рекоа – да, да, ќе се постапи за ова“,
вели жителка на општина Гази баба.

По објавувањето на сторијата до нашата редакција стигна анонимно писмо со фотокопија од кривична пријава за други десетина дивоградби низ Гази Баба за кои општината „замижала“. Пријавени се и градителите и службите во локалната самоуправа.
Градоначалникот Борис Георгиевски вели – дивоградби во општината има, но во обид.
„Можам да гарантирам дека во моментот успешно се справуваме со предизвикот за дивоградби кои се можни да се случуваат во сите општини и општина Гази Баба“,
вели градоначалникот Борис Георгиевски.
Како тогаш на терен, среде бел ден и пред очите на сите, се случува нешто друго?
Во оваа зграда е поликлиниката Ченто во општина Гази Баба. Зад неа се појасни се контурите на нов објект од тврда градба. Пред две недели беа изградени столбови и дел од подготовката за бетонска плоча. Денеска бетонска плоча е готова, а зад заградениот простор активно си работат градежни работници.
И тогаш и сега, на терен ја нема задолжителната табла на која треба да пишува – кој гради, што се гради и по кое одобрение за градба.
Такво известување имало само кога почнале градежните зафати и на него пишувало дека станува збор за реконструкција на привремен објект кој постоел на локацијата – барака.
„Ова не е реконструкција на времен објект. Според овие темели и столбови, во најмала рака, би можела да кажам дека ќе никне десеткатница“,
ни изјави пред две недели жител на општината.
Според јавно достапните документи од Катастарот, парцелата на која се гради е во државна сопственост. Но, урнатите бараки, кои во минатото имале разни намени, сега се во сопственост на физичко лице – Исми Адеми.

Сепак, кој и да е газда, според важечкиот Детален урбанистички план за локацијата, конкретната парцела на која се наоѓале бараките нема маркичка за објект туку за јавни површини.
„Според ДУП за Крсте Мисирков донесен на 12.8.1996 година, КП 4696 е со намена јавни површини, сообраќајница, тротоари, паркинг и зеленило. Според Генералниот урбанитички план на град Скопје, е во градска четврт C22 со предвидена намена домување“.
се вели во изводот од ДУП-от за катастарската парцела.
Откако не обезбедија став за нашата прва сторија, овојпат одговорите на прашањата за дивоградбата ни ги даде градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски. Вели дека кревањето на објектот е спротивно на закон, но и дека како општина реагирале неколку пати.
Прв пат општинските служби излегле на терен на 30 јануари, кога инспекторатот заедно со полициска асистенција ја отстранил оградата поставена од инвеститорот. Откако објектот продолжил да се гради, на 11 мај издале решение за престанок на градба кое не се почитува.
„На општината не и преостанува ништо друго освен два последователни чекори после опомената и решението за прекин на градбата, а тоа е решение – наредба за отстранување на градбата од самиот инвеститор или решение со кое општината ќе го острани објектот наместо инвеститорот“,
вели градоначалникот Георгиевски.
Но, за да се стигне до решение за уривање, вели Георгиевски, мора да поминат роковите за жалба. Затоа, објаснува градоначалникот, чекаат иако не знаат дали инвеститорот воопшто се жалел.

„На секое решение, до 8 дена имаат право на жалба до второстепниот орган, дали е за првата, втората или третата обврска, сега зависи од ажурноста на второстепените органи кои одлучуваат за предметот како жалбена постапка. До нас и нормално во оваа состојба никој не може да каже со гаранција дали ќе биде за две-три недели или за месец дена“,
вели градоначалникот.
Додека општината чека, „360 степени“ се обрати до надлежниот орган кој решава по овие жалби – Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекциски надзор и прекршочна постапка. Од таму добивме кус одговор:
„Во нашата архива, од 11.05.2021 година не е заведен предмет по жалба на Исни Адеми. Нема доставено жалба до Второстепена комисија. Дали му е врачено решение или не, дали е уредна доставата, немаме сознанија додека не дојде предметот. Ние сето тоа го цениме во жалбена постапка“,
велат од второстепената комисија.
Додека го истражувавме овој случај на дивоградба на државно земјиште, до редакцијата на „360 степени“ стигна анонимен допис со фотокопија од кривична пријава до Основното јавно обвинителство–Скопје за изградба на десетина други дивоградби, главно, сместени во населбата Сингелиќ. Во кривичната пријава се опфатени 12 физички и службени лица од Секторот за урбанизам и градежништво во општината – односно градежната инспекција која постапува за бесправно градење на територија на Гази баба.
„Во периодот 2018, 2019, 2020 и 2021 година, пријавените, секој од нив поединечно, изградиле објекти без одобрение за градба, односно спротивно на одобрението за градење. Пријавените НН лица од Секторот за урганизам и градежништво – градежна инспекција сториле кривично дело „несовесно работење во службата“,
пишува во кривичната пријава.
Она што можевме да го провериме преку Катастарот е дали дел од овие објекти навистина се изградени на државно земјиште, како што се тврди во кривичната пријава. Ако се следи бројот на парцела, вистина е дека на државно земјиште никнале големи приватни објекти кои сега служат за трговија или за домување. Дека таква пријава постои и дека по неа се постапува, потврдија и од скопското обвинителство.
„Кривичната пријава за која покажувате интерес е примена во ОЈО Скопје и распоредена кај надлежен јавен обвинител кој постапува за проверка на наводите и утврдување на фактите во предметот. Во таа насока, јавниот обвинител побара определени податоци од општина Гази баба. Предметот е во фаза на предистражна постапка“,
ни рекоа од скопското обвинителсто.
Градоначалникот Георгиевки, пак, вели дека до нив не е стигнато никакво барање. Кога ќе биде побарано, ќе ги достави сите документи што ги имаат на располагање.
„Без разлика дали се работи за приватни лица кои злоупотребие или изградиле нешто или службени лица кои работат во општината, а дозволило таквите постапки и работи да бидат законски поткрепени или злоупотребени. На тој начин ќе ги употребиме сите законски права за да може до јавниот обвинител кој го води предметот да ги доставиме сите списи и стоиме на располагање за дополнителни информации што се однесува за скоја градба на територија на општина Гази Баба“,
вели Георгиевски.
Георгиевски е дециден – дивоградби во Гази Баба нема, туку има само обиди за нелегални градби на заградени земјишта, кои општината на терен ги контролира. Реалноста и проверките во Катастарот, сепак, даваат друга слика – дека на територијата на општината се гради на диво и тоа на државно земјиште. Градоначалниците доаѓаат и си заминуваат, но тоа не го менува фактот дека за цела Гази Баба има само еден градежен инспектор со двајца асистенти. Дивоградбите, пак, или ги има се повеќе или засегнатите граѓани се почесто се решаваат да реагираат.