Фирмата ,,Премиум пиво” на битолскиот бизнисменот Александар Талевски-Крт ја купила парцелата за само 81 денари за квадратен метар, како дел од стимулативните мерки на државата за отворање на домови за стари лица
Објект, на парцелата, е изграден. Но, во него, се сместила фирма за онлајн игри на среќа. Од Министерството за социјална политика велат дека општината е надлежна за контрола – дали објектот се користи за намената. Од Општина Битола, пак, одговараат дека не се надлежни за тој дел
Со повеќе пописи наназад, Пелагонија е утврден како регион со висок процент на старо население. Државата, пред повеќе од една декада, предвидела и мерки за да поттикне инвестирање во приватни домови за стари лица во повеќе градови, вклучително и Битола.
Ова е постар документ на тогашното Министерството за труд и социјална политика, а сега за Социјална политика, демографија и млади, според кој, меѓу другите локации низ државата, издвоени е и државно земјиште во Битола за изградба на приватни старски домови. Поттик за потенцијалните инвеститори, пишува таму, е државното земјиште за старски домови да се продава со почетната сума од едно евро за квадратен метар, објектите да се градат со комунални такси намалени дури за 95 проценти, и поволни кредитни линии.
Две парцели во Битола предвидени за домови за престој на стари лица , се продадени уште во 2017 година.

Првото земјиште, од десно, било продадено за 71 денар по квадрат и таму веќе функционира Дом официјално заведен како приватна установа за социјална заштита на стари лица ДОМ „Софија“. И државната парцела под објектот од лево, е продадена за багателна цена, но во изградениот објект дом на стари лица – нема.
И покрај тоа што парцелата е купена од државата речиси за џабе, по 81 денар за метар квадратен бидејќи била намената за Дом за стари лица, на објектот стои табла на приватна фирма.
„Рајно ентертаинтмент“ нема врска со домови за стари лица и е најмалку важна за нашата приказна. Според нивната интернет-страница, тоа е глобална фирма, со претставништво и во Битола која всушност е оператор за онлајн игри на среќа. На терен нема физичко казино, туку веројатно канцеларии за техничка и административна поддршка. Вселувањето го одбележале со забава кон крајот на декември 2024. Но, кој и како дозволил деловни канцеларии во објект наменет за дом за стари лица?

Од 2017 година парцелата е во сопственост на фирмата „Премиум пиво“ ДООЕЛ Битола. Кога локалната власт им ја продала таа година, намената била А3 – групно домување, ни кажаа од Општината. Јавно достапните податоци од Агенцијата за катастар на недвижности уште попрецизно покажуваат дека намената е за престој на стари лица. Зошто наместо тоа, објектот се користи за сосема друга дејност, се обидовме да дознаеме од првиот човек на општината.

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, одби да ни даде изјава, па писмено прашавме во Општината, имаат ли проверено дали отуѓената парцела се користи за намената за која е купена и кој ќе сноси одговорност за штетата врз општината за тоа што споменатата парцела е продадена за 81 денар по метар квадратен со намена А3, а се користи за деловен простор кој при продажба вообичаено има многу повисока цена?
„Општината нема сознанија дека предметниот објект се користи спротивно на намената, ниту пак има ингеренции да утврдува на кој начин сопственик на објект во приватна сопственост стопанисува со сопствениот објект, до моментот кога истиот не преземе противзаконски дејствија на пренамена на просторот. Согласно Законот за градежно земјиште и склучениот договор за отуѓување на градежно земјиште во државна сопственост со јавно наддавање, договорните обврски на купувачот се сметаат за исполнети, односно договорот се смета за исполнет со изградбата на објектот и доставувањето на имотен лист за објектот. Досега не е утврдена штета од ниеден надлежен орган, а доколку евентуално во иднина биде утврдена некаква штета, тогаш органот што би ја утврдил евентуалната штета би ја лоцирал и одговорноста на субјектот кој што ја причинил истата“,
ни одговорија од Општина Битола.
Малку веројатно е дека Општината и градоначалникот не знаат што се случува со објектот, оти непосредно пред него почнале да градат паркинг пред еден месец. Локацијата е позната како „Старата касарна“, а градоначалникот се фотографирал со механизацијата, иако на сликите само се наѕира објектот кој практично му е пред очи – наменет за групно домување, но на кој транспарентно стои табла на приватна фирма.

Газда на фирмата сопственик на објектот и парцелата е познатиот битолски бизнисмен Александар Талевски. Фотографии на социјалните мрежи сведочат дека тој му е добро познат и на градоначалникот Коњановски. Дента кога го снимавме објектот, бизнисменот Талевски експресно се појави на местото, но не сакаше да ни даде изјава во камера. А го прашувавме, зошто откако го купил земјиштето по поволна цена и изградил објект, не го користи за соодветната намена и дали „Рајно ентертаинтмент“ му се формални кираџии. Еве го одговорот од него.
Јас никаде не мислам дека имам пропуст и сум сторил законски прекршок во целиот процес на документација, јавна објава, купување на земјиште по пат на електронско надавање, градба, техничка изведба, намена, инвестициско-финансиски и други дејствија поврзани со овој мој приватен имот и како правно и како физичко лице. Со други зборови кажано постои документација и факти коишто законски го докажуваат и поткрепуваат сето ова што е предмет и основ на вашите прашања.
Факт е дека објектот личи како да е граден за групно домување, како што велат општината и сопственикот Талевски, но прашањето е зошто не се користи за намената.
„Доколку не е така, како што законските регулативи налагаат или би го докажале спротивното, достапен и спремен сум да одговорам пред надлежните институции, односно тоа ќе го докажеме на правен и соодветен начин пред надлежните институции. Во спротивно, ќе бидам приморан да покренам контра правно дејствие со сите елементи и докази против сите инволвирани во оваа политичка хајка против мене лично, како и поврзана со мојот имот“,
вели Талевски.
Министерството за социјала, пропишало Правилник со подоброности за тоа како се основа и што сè треба за започнување со работа на установа за социјална заштита за стари лица. Но, не најдовме информација – што во случај да се купи државно земјиште по багателна цена, па и да се изгради објект, а никогаш формално да не се отвори Дом за стари лица.
Затоа, прашавме во ресорното министерство, кој е должен да провери на терен дали објектот се користи за соодветната намена и какви се евентуалните санкции? Ова е одговорот.
Во однос на намената и контролата на дејноста која се извршува во објект изграден на државно земјиште кое го отуѓила општината, согласно Законот за градежно земјиште, општината за отуѓување на државно земјиште склучува Договор за отуѓување на земјиште за кое има право на користење на градежното земјиште со купувач, во кој Договор се утврдуваат правата и обврските како и контролата дали на таа локација (парцела) е изграден објект согласно Договор и намената. За вршење на надзор за користење на објектот и неговата намена/пренамена, надлежност има градежна инспекција на општината која го отуѓила земјиштето.
Александар Талевски, кој со „Премиум Пиво“ и коинвеститори, има сериозен замав во градежниот сектор низ Битола. Гради и во непосредна близина, а за една зграда општината му одобрила измени во тек на градба.
„Објектот сè уште не е целосно завршен, односно изграден и потенцијалните отстапки доколку би постоеле ќе се утврдат согласно надлежностите откако истиот ќе се комплетира. За конкректниот објект одобрени се неколку измени во тек на градба“,
велат од Општината.

Гради и за своја душа. На плац надвор од битолскиот метеж, во Братин Дол. На парцелата се впишани две помали градби со површина по околу четириесетина квадрати и најголем дел од земјиштето е за лозја. Но, на терен, има луксузна вила, со фотоволтаици и базен. Лозје, нема.

За ова, од Општина Битола ни кажаа не сакаат да коментираат оти во тек е постапка пред надлежните органи на која не би сакале да наштетат. Прашањето го скокна и сопственикот.
Александар Талевски познат како „Кртот“ е дел од навивачката група „Чкембари“. Името му се вртеше во битолската јавност и за време на последните локални избори, кога се кандидираше за советник од редовите на новата граѓанска иницијатива ГРИН.

Имаа креативна кампања, а ГРИН освои едно место во Советот на Општината. Талевски беше трет на листата и не доби мандат. Тој вели дека мотив за политичко активирање му била борбата против неспособните политичари, кои глумат дека ја сакаат Битола. Обвинува за политичка хајка на луѓе кои според него глумат народни борци против власта и против успешни луѓе за политички профит.
„Со ваквиот начин на нечесно делување отвораат дилема, односно дополнително ме мотивираат да размислувам за одлука која е во два битни потези (или-или), а секако поврзано со моите активности во иднина од повеќе аспекти“,
вели тој.
На бизнисменот и несуден советник Талевски очигледно не му се брза со отворање на Дом за стари лица. Ниту пак, некој го притиска, во уште еден пример за владеење на правото на македонски начин.
